Активен живот

АКТИВНИ НА РАБОТА

Активен живот

Работењето во канцеларија се поврзува со стерилна средина во која не се слуша ништо освен звукот на тастатурите и тивките воздишки на вработените, кои по некоја случајност ги мразат понеделниците, одвај чекаат да дојде петок и живеат за моментот кога часовникот ќе отчука крај на работното време. За многумина 8-те работни часови се оној период од денот кога сме „заковани“ за столчето, а сета комуникација ја вршиме преку интернет. Но оваа препознатлива сцена веќе станува минато. Барем за некои.

Големите и прогресивни компании низ целиот свет, но и кај нас, се први на фронтот против ваквите стереотипи и на вработените им нудат рекреативна, забавна и, пред сè, мотивирачка средина за работење. Веројатно најпознат пример за такви оригинални и релаксирачки канцеларии се оние на „Google“.

Оваа компанија има вложено многу пари и труд во тоа да ја создаде совршената средина за работење и умешно знае да го поврзе бизнисот со задоволството и физичката активност, нешто што досега беше скоро незамисливо. Таму на секое ќоше може да се најде кантина со богат избор на здрава храна, секој вработен има простор каде што може да си ја изрази креативноста, а има и посебни простории за вежбање, па и за дремка кога притисокот ќе стане преголем.

Кога се зборува за забавни простории за работа, не може да не се спомне гигантот „Facebook“ и нивниот оригинален пристап кон мотивација на вработените. Таму дури се одржуваат редовни анкети во кои вработените сами кажуваат на кој начин сакаат да се забавуваат и да се рекреираат на работа и што им недостига, а ова резултира со огромни отворени простории за работа, необични соби за релаксација и слушање музика, но и канцеларии во живи бои.

Доказ дека ваквата практика не е залудна инвестиција се научните истражувања кои покажале дека моќта на умот е директно поврзана со режимот на физичката активност. Односно дека редовното вежбање ја подобрува концентрацијата, ја изострува меморијата, помага побрзо да учиме, ја зголемува креативноста, го намалува стресот и го подобрува расположението.

А каде најдобро можеме да го провериме сето ова ако не на работното место. Во тоа сакале да се уверат и научниците од универзитетот „Leeds Metropolitan“, во чија студија учествувале над 200 вработени во различни компании кои имаат простории за вежбање. Резултатите детектирале далеку поголема ефикасност во деновите кога испитаниците вежбале во текот на работното време. Тогаш тие биле попродуктивни, имале пофина интеракција со колегите и, што е најважно, дома заминувале задоволни.

Свесни за овие бенефиции, некои македонски компании веќе почнаа да ја применуваат оваа практика, нудејќи им на вработените идеални услови за зголемување на продуктивноста, подобрување на физичкото и на менталното здравје и за нивна социјализација. Една од нив дефинитивно е Пивара Скопје. Имав прилика да ја посетам компанијата и да видам како вработените таму остануваат активни.

Вработените можат да се пофалат со вистински услови за забава, бидејќи имаат можност да се релаксираат (а богами и да набилдаат натпреварувачки дух) со партија фудбалче, пинг-понг или пикадо за време на паузата од работа. Тоа значи дека кога и да почувствуваат преголем напор или замор, тие можат да се одморат од обврските со едно мало бегство во собата за забава. А оние кои немаат толкав натпреварувачки дух, можат да поработат на својот навивачки дух или, едноставно, да поминат некое време во дружење со колегите со кои немаат можност често да се гледаат.

Пиварци (односно вработените во Пивара Скопје, како што самите се нарекуваат) се едни од ретките кои имаат можност да работат за компанија што се труди да ги активира и да им ја пренесе љубовта кон рекреацијата и спортските активности, односно да придонесе кон подобрување на нивната кондиција и здравје и вон од работното време. Имено, секој од нив двапати неделно може да оди на спа, пливање, аеробик, фитнес, па дури и на колегијално одмерување на силите во кошарка и фудбал. Сето тоа им е на располагање во спортскиот центар „Јане Сандански“.  Ете како се гради компаниски тим со здраво тело и здрав дух.  Ете како се зближуваат колегите.

Воведувањето на овие забавни и физички активни паузи се пресликува врз ефикасноста на вработените, па затоа Пивара Скопје може да се пофали со  одлични тимови, зголемена продуктивност и креативност, но и со нови идеи кои ги „освежуваат“ пазарот и потрошувачите.

Мислењата изразени во овој текст се на авторот и не секогаш ги претставуваат ставовите на Пивара Скопје.

Полна чаша на Instagram