АЛЕКСАНДАР РУЖЕВИЌ – НОВ ГЕНЕРАЛЕН ДИРЕКТОР НА ПИВАРА СКОПЈЕ АД

Од 1-ви јуни 2014-та функцијата генерален директор на Пивара Скопје ќе ја извршува Александар Ружевиќ. Тој ќе го преземе раководењето од Јаак Микел кој е унапреден на позицијата генерален директор на Coca-Cola Hellenic за Романија и Молдавија.

Во годината кога Пивара Скопје прославува 90 години успешна работа, компанијата добива нов генерален директор – Александар Ружевиќ. Тој на оваа позиција доаѓа од местото комерцијален директор на Coca-Cola Hellenic во Украина, каде од 2010-та, благодарение на неговото лидерство и имплементацијата на бројните иницијативи, постигнат е двоцифрен раст на пазарниот удел на компанијата во сегментот на безалкохолни пијалаци, при што особено импозантен е растот на брендот Coca-Cola, остварен во пазарно опкружување исполнето со предизвици.

Ружевиќ ја започнал својата кариера во системот на Coca-Cola во 1998 година во Србија. Благодарение на неговата голема посветеност кон остварување на високи резултати и фокусирањето на развојот на комерцијалните способности на организацијата, само за неколку години тој напредува до местото комерцијален директор на Coca-Cola HBC за Србија и Црна Гора. Од таа позиција, заедно со својот тим, тој успева да ја зацврсти водечката позиција на брендовите на Coca-Cola на пазарот. Александар Ружевиќ поседува магистратура од областа на правото, стекната на Универзитетот во Белград.

Досегашниот генерален директор на Пивара Скопје, Јаак Микел ја продолжува својата успешна кариера во системот на Coca-Cola на позицијата генерален директор за Романија и Молдавија. Од април 2012 година до денес, благодарение на неговото водство и јасниот фокус на развојот на човечките ресурси во компанијата, како и нивните способности, Пивара Скопје во континуитет имплементираше успешни проекти и иницијативи. Компанијата го збогати своето портфолио со уште два нови пивски бренда, а беа воведени и значајни иновации на домашниот пазар на безалкохолни пијалаци, како што се Coca-Cola Zero и Nestea. Во овој период, Пивара Скопје забележа одлични оперативни резултати кои ја зацврстија нејзината водечка позиција на пазарот. Во изминатите две години, благодарение на инспиративното водство на Микел, компанијата забележа континуирано зголемување на задоволството на вработените.

Под водството на Јаак Микел, Пивара Скопје продолжи да вложува во одржувањето на врвен квалитет на своите производи, потврдувајќи го признанието за највисок индекс на квалитет на Coca-Cola во светот и освоените 4 златни медали за СКОПСКО од Институтот за селекција на квалитетот „Monde selection”. Во овој период компанијата ја зголеми својата конкурентност на пазарот преку процесот на реструктуирање и унапредување на услугите и комуникацијата со купувачите и потрошувачите. Истовремено, беше посветено и особено внимание на реализацијата на проекти значајни за вработените на Пивара Скопје, како и за пошироката заедница, за што компанијата беше нагрaдeнa со наjвисоки национални признанија – Националната награда за најдобра практика за безбедност и здравје при работа; Националната награда за најдобра практика во едукација на идните менаџери и лидери во општеството; Наградата за континуирана поддршка на активностите на Црвениот крст во обезбедување помош на оние на која им е неопходна и многу други.