ВЕРИФИКАЦИЈА НА ВЛОЖУВАЊАТА ВО ЗАШТИТАТА НА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА

Пивара Скопје АД доби А – интегрирана еколошка дозвола

Пивара Скопје АД ја доби од Министерството за животна средина и просторно планирање А – интегрираната еколошка дозвола со која се потврдува дека компанијата во сите сегменти од своето работење применува највисоки стандарди за заштита на животната средина. За исполнување на сите услови и критериуми предвидени со Оперативниот план за добивање на дозволата, Пивара Скопје АД во изминатите пет години вложи над 3 милиони евра.

„Оваа дозвола на најдобар начин ја потврдува трајната определба и посветеност на Пивара Скопје АД, преку интензивни и континуирани вложувања во својот развој, да придонесе и за долгорочниот одржлив развој на пошироката заедница“, истакна генералниот директор на Пивара Скопје АД Јаак Микел, потенцирајќи дека „грижата за животната средина е еден од основните принципи на кои се темели долгорочната деловна стратегија на Пивара Скопје АД“.

Значењето на А-интергираната еколошка дозвола е во тоа што таа гарантира дека компанијата ги применува највисоките стандарди за заштита на животната средина предвидени со домашното законодавство, почнувајќи од изборот на суровини, преку контролата на производството, па сè до управувањето со амбалажата и пакувањето.

„Грижата за животната средина е многу повеќе од исполнување на законски одредби. Тоа треба да биде начин на секојдневно однесување, работење и одговорност на сите нас. Со целокупното свое работење и инвестиции во оваа област Пивара Скопје АД на дело докажува дека е општествено одговорна компанија која го разбира значењето на чистата животна средина“, потенцираше Министерот за животна средина и просторно планирање Абдулаќим Адеми.

„За исполнување на сите услови за добивање на ова дозвола неопходни се обемни инвестиции, кои Пивара Скопје АД ги направи во краток временски период исполнет со многу предизвици. Тоа говори за решителностa и визијата на Пивара Скопје да се вложува во сопствениот развој, истовремено водејќи сметка за интересите на општеството и развојот на целокупната домашна економија“, рече Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Владимир Пешевски.

Со своите досегашни  вложувања во заштитата на животнта средина, Пивара Скопје АД, применувајќи ги искуствата на Coca-Cola и Heineken во оваа област, во одредени сегменти ги надмина барањата предвидени со домашната легислатива. Илустрација за посветеноста на Пивара Скопје АД за вложување во одржлив развој е изградбата на Станицата за био третман на водите од производствениот процес, што е високо технолошка иновација која за првпат се употреби во домашната индустрија. Со оваа енергетски ефикасна постројка, која беше пуштена во употреба минатата година, се заокружи целокупниот систем на интегрирана заштита на животната средина во компанијата.

Пивара Скопје АД е една од иницијаторите и основачите на првата компанија за управување со отпад од пакување во Република Македонија – Пакомак.