Ние и заедницата

ВКУСОТ НА МАКЕДОНИЈА

Ние и заедницата

Дел од нашата многувековна култура е уметноста која ја создаваме во кујната, уметност во која уживаме со огромен апетит. Македонија може да се гордее со традиционалната кујна создадена како оригинален спој од сите културни влијанија на просторов.

Кој може да остане рамнодушен на ајвар со топол леб и сирење, таратор и шопска во пријатна атмосфера во некое локално кафеанче, сарми, полнети пиперки на семејната софра, сите правени по автентични рецепти кои секогаш, ама баш секогаш најдобро ги прави баба? И тоа искомбинирано со пивце, сок за младите, вистинско уживање. Но, не застануваме тука, подгответе се за повеќе!

Македонската кујна не само што е традиционална, туку има и огромна моќ да го задоволи гладот и истовремено да ги отвори сетилата за сосема нови гастрономски искуства. Таа има мирис кој опива и моментално отвора апетит, и успешно се бори со трендот на „брза храна“.

Среќа е што имаме многу места на кои може да се вкуси ова задоволство, од маалски кафеанчиња со карирани чаршафи и топол, гостопримлив персонал, до поголеми ресторани каде што нè дочекуваат во полуксузен амбиент.

Без разлика во кој град одите, ако прашате некој од мештаните, сигурно ќе ви посочи неколку местенца што нудат традиционална македонска храна, и речиси со сигурност ќе ви препорача некој локален специјалитет. Култот на „резидент“ кафеани е распространет низ целата земја, па сигурно додека го читате ова, ви текнало на некој човек што го знаете, а е редовен патрон во локалната кафеана и се знае со целиот персонал.  А можеби сте и вие еден од нив 😉

Имајќи ја предвид шареноликоста на македонската софра и изобилството фини кафеанчиња, задачата детално да му одговорите на странец кој ве прашал: „Каде да одам, што да јадам?“ е онолку тешка колку и виткањето сарма. Затоа ви подготвивме „упатство“ кое ќе ви ја олесни работата. Пуштете им го линков и чекајте да ве викнат во друштво и да ги однесете во својата омилена кафеана.

На вакви места се оди протоколарно, но со ум, со умерени здравици. Значи, одиме вака:

Се влегува со десна нога за да не те фати малерот да ти се јават и да мораш да си одиш на сред ѓезме.

Како увертира, нарачуваш салата, пинџур, сирење, така да се замези.

Пушташ втора нарачка за која имаш огромен избор, кој зависи од локацијата и од апетитот. На мени речиси секогаш има:

  • ќебапи (одат во пар со кромид, а за љубителите на пикантен вкус, се појачуваат со буковец или луто потпечено пиперче),
  • мусака (никогаш нема да згрешите со ова превкусно и внимателно наредено јадење – ред мелено месо со кромид и зачини, ред тенко исечен компир, ред модар патлиџан и сè така по ред),
  • сарма (слично како и мусаката, редовен придружник на македонската софра, направен од мелено месо, кромид, ориз и зачини завиткани во лист од кисела зелка. А одлична варијанта е и лозов лист. Прсти да излижеш!),
  • тавче гравче (по можност тетовско и, секако, во петок. Како мали, сигурно сте го избегнувале, но како што растете, така сè почесто го барате на менијата во рестораните, а богами и дома),
  • пастрмајлија (штипска, велешка, радовишка или кратовска, сеедно. Нема да зажалите кога ќе ја почувствувате експлозијата од вкусови од овој толку едноставен, но превкусен специјалитет подготвен од посебен вид тесто и солено месо),
  • зелник со кисело млеко (по можност печен под вршник. Слоеви од тенко сукано тесто, на средина полнето со зелка или праз. Say no more!),
  • бакрдан (Галичник е вистинското место за ова типично македонско превкусно јадење кое се прави од пченкарно брашно, а се комбинира со сирење. Беровско, нормално.),
  • турли-тава (типично македонско јадење, кое е богато со вкусови, благодарение на изобилството зеленчуци потпечени во рерна),
  • селско месо (најдобро го прави баба, но подеднакво вкусно селско месо со свинско или говедско можете да најдете во голем број македонски ресторани, кои го служат во земјен сад).

Нарачуваш пиво со главното јадење и оставаш вкусовите да те водат. Но не дозволуваш да те одведат предалеку. Пивото е создадено да се ужива во него со лезет и умереност. Зависи од јадењето, може да одбереш светло пиво, темно, овошно, со лимон…

Пред да ја платиш сметката, одбери некој десерт, баклава, на пример. Пробај ја во комбинација со СКОПСКО Цреша, вистинско уживање.

На заминување фрли уште еден поглед во менито, пикирај што следно ќе пробаш и размисли кого би повикал за друштво следниот пат, бидејќи, нели, овие специјалитети се повкусни кога се јадат во друштво. И најдобро е да пропешачите малку, така ќе потрошите дел од внесените калории.

Македонија е позната по безброј убави кафеанчиња и ресторани, и културата на ручече со пријателите и блиските е дел од она што сме ние. А каде подобро да се вкуси магијата на македонската храна ако не во комфорен амбиент, опкружени со расположено друштво, убава музика и пиво за мерак…

Мислењата изразени во овој текст се на авторот и не секогаш ги претставуваат ставовите на Пивара Скопје.

Полна чаша на Instagram