ЕДУКАЦИЈА ЗА БЕЗБЕДНИ ШКОЛСКИ ДЕНОВИ

Околу 650 ученици од основните училишта на територијата на општина Аеродром се стекнаа со основни знаења од областа на безбедност и здравје во училишни средини. Тоа беше и основната цел на едукативните презентации, кои во периодот од 12-ти до 20-ти мај, беа реализирани од страна на вработени во Пивара Скопје АД, во рамки на компанискиот пилот-проект за ширење на знаењата од областа на безбедноста и здравјето при работа во заедницата.

Конкретно, преку презентациите, учениците од четвртите одделенија, во присуство на своите наставници, имаа можност на интерактивен и сликовит начин да стекнат сознанија и практични совети за: правилното седење во училишна клупа; правилно држење на телото при пишување и работа со компјутер, како и спречување на повреди предизвикани од лизгање, препнување и паѓање, кои се особено значајни за безбедноста и правилниот физички развој на децата.

Покрај презентациите, обезбедени беа и едукативни материјали, како постери, моливи и тефтерчиња, кои треба да помогнат во пренесување на клучните сознанија и препораки за обезбедување безбедни и здрави училишни денови. Содржината на презентациите и едукативните материјали се прилагодени на возраста на учениците. Партнер во реализацијата на овој едукативен проект е општината Аеродром.

„Сите ние сме свесни дека добрите навики се стекнуваат уште на помлада возраст и дека тие се од исклучително значење за создавање здрави генерации, кои ќе бидат свесни за значењето на здравјето и безбедноста во училиштата, а подоцна и на работното место. Среќни сме и горди што имавме можност на овие деца да им го пренесеме нашето стекнато знаење од областа на безбедост и здравје во работни средини, со што веруваме дека придонесовме тие да развијат поголема свесност и грижа за својата и безбедноста и здравјето на сите останати во рамки на училиштето и надвор од него“, изјави Катерина Хаџи-Ангелеска-Начевска, специјалист за односи со јавноста од Пивара Скопје.

Пивара Скопје АД со години наназад вложува во здравјето и безбедноста на своите вработени и во нивна едукација на различни и релевантни теми од оваа област, за што оваа година компанијата е добитник и на Националната награда за најдобри практики од областа на безбедноста и здравјето при работа. Компанијата е меѓу првите во Македонија која уште од 2007-та година го воведе и успешно се сертифицираше според водечкиот меѓународен стандард за управување со безбедноста и здавјето при работа – OHSAS 18001.

Полна чаша на Instagram