Ние и заедницата

КОГА ЌЕ ВЕ „КАСНЕ“ ЏЕЗОТ, НЕМА НАЗАД

Ние и заедницата

Ги спојува љубовта кон пивото, џезот и Jazz FM, радиото кое цели 17 години го облагородува македонскиот етер со квалитетна џез-музика и бесмртни џез-приказни. Без Љупчо, Jazz FM немаше да постои, но и без сите оние кои во 2013 година му дадоа несебична поддршка во моментите кога иднината на ова радио беше неизвесна. А без Ален оваа бранова должина ќе беше лишена од многубројни џез-патешествија засилени со фини неделни разговори.

Ален и Љупчо се како соул и џез, џез и фанк, СКОПСКО и џез… Затоа што заедно одлично се надополнуваат, заедно и ќе ви зборуваат за овој музички правец кој носи толку многу страст, љубов, топлина и приказни.

Џезот или го сакаат или не го сакаат. Се обидувате ли да ги убедите оние вторите?

Ljupco&Alen-Jazz-FMНикако! Џезот е толку заразен, кога ќе ве касне бубачката, нема назад. Потоа е само прашање на љубопитност и градење вкус. Ние, всушност, се бориме за слушателите да бидат информирани. Откако ќе ве повлече музиката, ако ви се верува, колку повеќе знаете за неа, повеќе можете да извлечете од нејзиното слушање.

Како Љупчо најчесто ужива во џезот? Сам со слушалки на ушите или во друштво со пријатели?

Ljupco&Alen-Jazz-FMСлушањето сам има свои предности, но заедно е секогаш послатко. Сосема нови согледувања се појавуваат кога ќе се разменат мислењата. Темите се бесконечни како и самата музика.

 

Пиво и џез? Одат ли едно со друго?

Ljupco&Alen-Jazz-FMУште како! Добра музика нуди добро расположение. Знаеме дека истото важи и за добро пиво и добра храна. И двете бараат временски период за впечатокот да биде посилен.

Се надополнуваат ли? Си ги истакнуваат ли квалитетите кога се заедно? За ова имате лично искуство, имајќи предвид дека СКОПСКО беше дел од една ваша серија емисии.

Ljupco&Alen-Jazz-FMПостарите стилови како “hard-bop”, “soul jazz” и “jazz funk” природно се лепат на пивото. Тоа денес спаѓа во меинстрим-џез кој е многу слушлив. Посебно кога во комбинацијата има органа, звук кој понекогаш е наречен џез за скара (Barbeque Jazz), имате комбинација која е идеална за дружење со пиво. Името на таа долготрајна емисија беше „СКОПСКО со џез на скара“, стратешки лоцирана во недела од 11 до 14 часот.

Колку македонската публика навистина го сака џезот?

Ljupco&Alen-Jazz-FMСледејќи го порастот на места за изведување на џез-музиката, воочив дека публиката е сè поголема и помлада. Се појавија некои нови лица кои верно ја следат нашата сцена, како и сите гостувања однадвор со редовност која е за почит. Верувам дека има врска со нивното потемелно познавање на музиката, како и зголемена љубопитност која ја немаме видено кај младите неколку децении наназад. Нека не ве буни навидум малиот процент на слушатели. Тој е соодветен на светскиот тренд на љубители на оваа музика.

Како стои џез-музиката денес во Македонија? Како успева да преживее?

Ljupco&Alen-Jazz-FMПред сè, непоколебливиот Скопски џез-фестивал кој и понатаму нуди исклучително добра и секогаш изненадувачка програма. Потоа втората константа, Jazz FM која нуди секојдневна доза џез-музика од многу стилови. И, конечно, имаме нови џез-музичари како резултат на Џез-академијата во Штип. Лесно е да заклучиме дека џезот е, всушност, кај нас во подем во споредба со кога било порано.

Полна чаша на Instagram