Ние и заедницата

“МАКЕДОНСКОТО СРЦЕ ЧУКА ВО 7/8” Е МУЗИЧКА ПОСВЕТА ЗА НАШАТА ЗЕМЈА

Ние и заедницата

Задачата да смислиш вовед за интервју со Гарабет Тавитјан е истовремено лесна, но и многу тешка обврска. Лесна затоа што комуникацијата со него тече толку мазно, што мислиш дека го познаваш цел живот, но тешка затоа што сфаќаш дека не постојат зборови кои можат најпластично да го доловат неговиот темперамент.

Сместени во удобноста на скопското кафуле „Кино Карпош“, муабетот со него со СКОПСКО на маса немаше крај. На моменти заличуваше на прелистување на некоја музичка енциклопедија, а на моменти имавме чувство дека сме во друштво на човек кого никогаш нема да го запознаеме комплетно, затоа што има толку многу да ви каже. Но едно е јасно. Гарабет Тавитјан е музичар кој оставил траен белег во македонската, но и во југословенската музичка историја. Она што тој го минал со тапанарските палки в раце е немерливо. Дозволете ни да ви пренесеме барем еден мал дел од неговата богата, 50-годишна кариера. Дозволете му да ви раскаже за популарниот проект „Македонското срце чука во 7/8“, но и за неговата љубов кон пивото и интересното хоби за кое малкумина знаат.

Потпишан сте зад еден од најуспешните музички проекти во Македонија,„“Македонското срце чука во 7/8“. Колку голем залак беше ова за Вас и Вашите синови кои исто така беа дел од проектот? Знаевте ли уште од самиот почеток дека ќе постигнете толкав успех?

Гаро-Тавитијан

Проектот „Македонското срце“ е своевидна музичка посвета, т.е. историски придонес за нашата земја и промоција на нејзиното културно богатство тука и вон од границите. Имајќи ги за соработници повеќето од реномираните балкански легенди во мојата долгогодишна кариера, реализацијата и соработката се одвиваа со голем заемен респект, но, сепак, беше предизвик бидејќи проект од овие размери има повеќе фази, составни делови кои  мораше да се спојат успешно за проектот да излезе со највисоко ниво на квалитет.  Да бидам искрен, идејата за проектот е на моите двајца синови Диран и Гаро, а тие се наедно и креатори на музичкиот дел, т.е. на аранжманите и продукцијата. Нашата продукција го реализира проектот комплетно. Албумот достигна статус на најпродаван носач на звук во последната деценија, а реакциите од македонските и од балканските слушатели за нас претставуваат големо задоволство. Она што, сепак, ми значи најмногу е дека имавме можност да ѝ се оддолжиме на земјава и да оставиме нешто вредно со уметничка тежина кое ќе биде безвременско.

Секако дека успеавте во тоа. Во проектот соработувавте со Пивара Скопје. Каква беше соработката и какво е Вашето мислење за оваа компанија и нејзините брендови?

Гаро-ТавитијанПивара Скопје е наш долгогодишен соработник и партнер кој докажа дека има чувство за врвното во музиката и уметностите, за што сведочат многубројните проекти и брендови на кои Пивара им дала поддршка и доверба во изминатите години.Не би ни пробувал да појаснувам за нивните продукти бидејќи самото спомнување на пивото СКОПСКО и палетата пијалаци зборува само за себе и е значаен дел од животните приказни на генерации потрошувачи во земјата. Проектот „Македонското срце“ уште во својот зачеток наиде на поддршка од Пивара Скопје и не е случајно што тој стана еден од најуспешните проекти на нашите простори. Она што е поважно е дека тимот на компанијата има таква компактност, професионална ефикасност, комуникативност и брза, а квалитетна реализација, што ја сместува меѓу ретките кои може да се наречат себеси лидери од светски ранг во индустријата на пијалаци.

Преработката на народни песни кои се веќе врежани во генетскиот код на македонскиот народ е меч со две острици. Колку добро треба некој да ја познава музичката историја за да се нафати на таков голем подвиг? 

Гаро-ТавитијанЈас активно работам 50 години во музиката. Кариерата ја почнав со првите македонски групи, а подоцна со „Леб и Сол“ имав задоволство премиерно и сериозно да го презентирам македонскиот ритам и фолклор надвор од Македонија на повеќе од 2.000 концертни гостувања и на над 30 албумски остварувања, од кои неколку златни и платинести плочи. Подоцна соработував скоро со сите значајни имиња на балканската сцена. Браќата Тавитјан имаат врвна музичка наобразба, зад себе над 400 концерти и настапи во најпрестижните сали во светот и соработка со светски познати артисти. Одговорноста е голема, а ние добро знаеме што правиме и го правиме тоа од љубов.

Во Вашиот случај постоеше уште една, така да речеме, замка. Голем дел од пејачите со кои соработувавте не се Македонци. Иако ним македонската музика не им е непозната, сепак, постоел одреден ризик. Како и колку долго работевте со нив за сето тоа на крај да прозвучи толку професионално и емотивно?

Гаро-ТавитијанТокму тоа и беше идејата на проектот. Најзначајните имиња да му оддадат почит на нашето културно богатство со тоа што ќе ги испочитуваат нашиот јазик и нашата песна. Со самото тоа тие му оддаваат големо признание и респект на она што нашата земја го создала. Македонскиот фолклор е авторство на татковината. На проектот макотрпно се работеше повеќе од 2 години. Беше комплексна работа да се организираат и да се букираат изведувачи како Јосипа Лисац, Жељко Бебек, Оливер Драгојевиќ, Масимо Савиќ итн. и да се работи со нив на правилниот изговор и изведба. Се патуваше многу, но се чувствуваше големо задоволство од нивна страна. Сите беа возбудени од нашата идеја и имаше посебна енергија во креирањето на целата приказна. Се разбира дека говорното подрачје си носи свои ограничувања, но во тоа и беше автентичноста на проектот, можеш да си од каде било и да си што било, но најважно е да ја носиш и да ја имаш Македонија во срцето.

Успеавте ли и ним да им ја всадите, односно да им ја засилите љубовта кон македонската музика? Се промени ли нешто кај нив по овој проект?

Гаро-ТавитијанВидете, ние сите сме долгогодишни соработници на Балканот, сите еднаш бевме еден народ и култура. Како и ние, така и тие често доаѓаат во земјата и концертираат. Добро се познаваме, а ова беше убава можност и да се испочитуваме и да дадеме пример дека музиката обединува и не познава граници. Ние ја сакаме нашата земја, многумина од нив ги запознавме со нови елементи од нашата култура, а тоа го докажавме на дело.

Во последно време сè повеќе македонски музичари ѝ се навраќаат на македонската народна музика, правејќи преработки или вметнувајќи го тој мелос во своите песни. Од Ваша гледна точка, дали се на вистинскиот  пат?

Гаро-ТавитијанИскрен да бидам, драго ми е што по нашиот проект трендот на обработки на народна музика во ново руво и креирањето нови македонски песни и разни варијанти се актуализираа и доста артисти од домашната сцена тргнаа по истиот пат. Тоа само ја потврдува успешноста и оригиналноста на нашата идеја. Се разбира дека тоа е нормално, негувањето на традицијата е обврска и на модерните музичари, но не би требало да биде нивната единствена цел и креативен израз. За тоа постојат фолклорните музичари и изведувачи кои тоа го прават најдобро и автентично.

Од каде љубовта кон тапаните и како изгледал Вашиот прв тапан?

Гаро-ТавитијанЈас потекнувам од семејство во кое музиката била секогаш присутна. Мојата тетка беше пијанистка, мојот вујко виолинист, а мојот татко, школуван во француски колеџ, беше обожавател на операта. Јас во раното детство почнав да свирам на гитара, но подоцна по случајот на нештата ги зедов тапаните в раце. На една игранка во која јас бев гитарист, нашиот тапанар се разболе и не дојде на настапот. Тогаш другарите ме натераа да седнам јас на тапанот за да ја спасам вечерта. Тоа беше пресудниот момент за мене. Првиот тапан го имав на 13 години и се состоеше од една обична јагнешка кожа со метален обрач, која морав да ја ставам на оган за да се стегне и да биде употреблива. Беше многу тешко во тоа време да се дојде до инструмент, а камоли до некој поквалитетен. Многу изминати свирки и концерти и жртвувања беа потребни за да се дојде до подобар инструмент, но тапанот ми беше најголема љубов и се посветив на тоа. Подоцна дојдоа големите ангажмани и професионални инструменти. Денес го имам најквалитетниот сет на тапани од марката „сонор“.

Дознавме дека имате и интересно хоби. Кажете ни нешто повеќе за тоа.

Гаро-ТавитијанПретпоставувам дека мислите на сликарството. Јас сакам да сликам и тоа го правам повеќе од 20 години исклучиво за моја разонода. Самоук сум, а она што е интересно во моите слики е техниката на изработка. Користам исклучиво природни бои, т.е. бои настанати од прехранбени зачини, билки и природни материјали. Моите слики покрај визуелниот момент, исто така се и ароматични:) Имам повеќе од 50 слики, а наскоро планирам и една изложба за моите најблиски и пријателите.

Се надеваме дека ќе бидеме поканети.Крвта не е вода. Вашите двајца наследници Гаро Јуниор и Дики го белат образот на својот татко каде и да стигнат. Дали потајно сакавте музиката да им стане професија? Како им ја пренесовте љубовта кон музиката?

Гаро-ТавитијанБраќата Тавитјан се од најрана возраст со музиката. Дики патуваше со нас на сите турнеи на „Леб и Сол“, а Гаро со Парамециум. Тие од мали, едноставно, беа во музичко опкружување. Јас посакував да бидат музичари, но не вршев директно влијание. Диран се одлучи за пијано како примарен инструмент иако владее и ударни инструменти, додека Гаро е мојот наследник по инструмент. Тие се образовани, врвни и докажани интернационални имиња кои со посветен, долготраен труд си го заработија квалитетот со кој се гордеам.

Имате ерменско потекло, но Вашето срце чука во 7/8.  Што е она што им е блиско  на двете култури, македонската и ерменската?

Гаро-ТавитијанИма многу сличности помеѓу овие две култури. Карактерно и културно сме многу блиски, питоми, талентирани и добри луѓе, но истовремено многу жилави и снаодливи.

 

Дали пиете пиво и што мислите за овој магичен пијалак?

Гаро-ТавитијанЈас сум умерен консумент на алкохолни пијалаци, но кога се работи за пиво, СКОПСКО е мојот прв избор. Coca-Cola e пијалaкот кој, инаку, најмногу го консумирам. Со брендот СКОПСКО сум растел, а во животот сум патувал и концертирал низ целиот свет и сум имал можност да пробам секакви видови пива. Сепак, СКОПСКО е пивото што го сакам, тоа е мојот избор.

 

Полна чаша на Instagram