Ние и заедницата

МЛАДОЖЕНЕЦОТ И НЕВЕСТАТА ОД ГАЛИЧКА СВАДБА НА ТРАДИЦИОНАЛНА ПОСЕТА ВО ПИВАРА СКОПЈЕ

Ние и заедницата

„Низ прстен те гледам, во срце да ти влезам“, зборови кажани од невестата додека гледа низ прстенот и ги споделува чувствата со љубовта на својот живот. Зборови кои со децении се нераскинлив дел од величествената церемонија на автентичната Галичка свадба.

Галичката свадба претставува традиција и изразување на македонското битие, и опстанувајќи, придонесува да се негуваат единствените свадбарски обичаи и ритуали. Таа е мост помеѓу минатото, сегашноста и иднината. Таа e чувар на нашите изворни песни, ора и надалеку познатата галичка носија – изработена со филигранска прецизност и точност на терзиите, која како богатство на народот, со низа духовни вредности за човештвото е заштитена и од страна на УНЕСКО.

Галичката свадба трае пет дена, во кои главните активности се случуваат на Петровден (12 јули), период во кој селото со полн сјај ги пречекува илјадниците посетители од целиот свет. Само еднаш во годината темелите на црквата „Свети Петар и Павле“ се сведоци на вековната манифестација проследена со традиционалните обичаи кои пленат со својата оригиналност, убавина и културна вредност.

Во 2015 година, со одлука на Советот на Месната заедница Галичник, организатор на манифестацијата, за младенци на Галичката свадба беа избрани невестата Билјана Гегоска, чиј сон од детството станува стварност, и младоженецот Филип Белчев.

Да се биде дел од обичаите на најубавата и најпозната македонска свадба е огромна чест и задоволство за нас во Пивара Скопје затоа што претставува спој на две автентични приказни и традиции. Пред заминувањето за Галичник, во рамките на подготовките за свадбата, Пивара Скопје традиционално им беше домаќин на годинешните младенци, невестата Билјана Гегоска и зетот Филип Белчев, каде што „од прва рака“ се запознаа со создавањето на нашата автентична приказна што трае повеќе од 90 години.

Тоа лето, еден ден пред свадбата, во Пивара Скопје за првпат ги видов младенците, млади и убави, горди со историската улога која им беше овозможена со цел да ја продолжат долгата традиција на своите предци. Вестите за нивното пристигнување се проширија низ компанијата во еден миг. Сите телефони престанаа да ѕвонат, тастатурите замолкнаа. Тие се тука и пиварци сакаат да ги видат, да се поздрават.

Иако невестата беше облечена во традиционалниот фустан составен од 46 делови во црвена и бела боја, тежок 25 кг, таа стоеше достоинствено и благодатно. Беше толку трпелива и љубезна со сите. И како што вештиот терзија ги преде црвениот, црниот и белиот конец на разбојот на галичката носија, така нашите заеднички приказни почнуваат да се преплетуваат.

Билјана ја сподели со нас својата приказна за тоа како од мала била дел од оваа церемонија и за нејзиниот сон да биде невеста и дел од  вековната традиција. Филип, кој е професор по македонски јазик, напомена дека да се прави свадба според традиционалните обичаи му претставува огромна чест и задоволство. Билјана потекнува од старо галичко семејство, а нејзиниот татко е сопственик на коњичкиот клуб „Бистра“ од Галичник, затоа и таа и Филип немаат никакви проблеми со јавањето коњи како дел од традиционалната церемонија и ги исполнуваат сите барања во поглед на свадбените обичаи.

Ние ги заменивме на разбојот црвениот, црниот и белиот конец со портокалов конец и ја споделивме со нив нашата приказна која трае скоро еден век. Младенците слушнаа за нашите тековни програми како „Ние го сакаме пивото“, „Здравје и безбедност“, заштита на животната средина, како и за нашите заложби за континуирана поддршка во спортот, музиката и културата. Споделивме со младенците за нашата посветеност во промовирањето и заштитата на културното наследство на нашата земја и преку нашето 40-годишно учество во традициите на Галичката свадба како единствена манифестација од ваков вид во нашата земја и надвор од неа.

Како дел од церемонијата, на нашите гости им беа доделени посебни медали „Амбасадори на пивото“ од страна на нашиот менаџер за производство на пиво Кирчо Стојанов. Тој во име на она што Галичка свадба значи за нас, во Пивара Скопје, им откри дел од нашата тајна при правењето пиво. На крај, во знак на благодарност, младоженецот и невестата добија и специјално персонализирано СКОПСКО со нивните имиња напишани на етикетите, како еден симболичен чин по кој ќе ја паметат својата Галичка свадба.

Билјана и Филип, Ви посакуваме здравје, среќа и бериќет.

Полна чаша на Instagram