Концепти и платформи

НАШИТЕ ГОСТИ СЕ СЕКОГАШ НА ПРВО МЕСТО

Концепти и платформи

Целосно посветена на својот ресторан „Аквариус“ во Струга, но секогаш тука и за своето семејство, Валентина Мустафа е вистински пример за тоа како една жена треба да воспостави баланс помеѓу својот приватен живот и работните обврски. Воедно, таа е и личност од која може многу да се научи за водењето успешен угостителски објект. Успешен затоа што е домаќин на голем број редовни гости, кои знаат како да ѝ возвратат за вниманието кое таа им го дава, било преку услугата, било преку храната или насмевката која е постојано присутна на нејзиното лице.

Сопственичка сте на еден од најпознатите ресторани  на плажа во Струга. Како успеа „Аквариус“ да  стане толку популарно место во овој град?

Валентина-МустафаНашиот ресторан „Аквариус“ не е изграден прекуноќ, ни требаа години да стекнеме искуство, а со самото работење ги почувствувавме потребите и желбите на нашите редовни, потенцијални и идни гости. Филозофијата на нашето работење ја задржавме од самиот почеток, па до денес. Настојуваме да создадеме место за гости од 7 до 77 години, во кое сите ќе се чувствуваат удобно, а тоа значи дека посветивме внимание на сè, тргнувајќи од ентериерот, па сè до угостителската понуда во која секогаш има нешто што секого ќе го воодушеви. Секако, голем плус е тоа што имаме вработени кои се со нас веќе долги години и лесно ги препознаваат желбите на редовните гости. Тоа е многу важен детаљ за севкупното гостопримство во ресторанот „Аквариус“.

Колку е посетена Струга во последните години и како може понатаму да се развива туризмот овде?

Валентина-МустафаСтруга има висок туристички потенцијал, секоја година има сè повеќе гости, но секако дека бројката може да се зголеми. За тоа ќе помогне поддршката од државните и општинските органи преку подобрување на инфраструктурата, потоа и рекламирањето на нашиот град како една автентична македонска дестинација, а секако е битен и нашиот удел, односно ние како угостители треба да го прифатиме предизвикот секогаш да му бидеме на услуга на гостинот. Тоа значи дека гостинот мора да биде на прво место, и во никој случај да не се дозволи тој да излезе незадоволен од ресторанот, бидејќи неговото задоволство е гаранција дека тој повторно ќе дојде во Струга. Всушност, тоа е целта која секој угостителски работник треба да ја има како основна филозофија.

Зошто  високиот квалитет на угостителските услуги е толку битен за развојот на туризмот?

Валентина-МустафаМораме да бидеме истрајни во тоа посетителот или туристот во кој било град или туристичка дестинација да го задржи во себе чувството кое го доживеал. Нудењето квалитетна услуга и креативно мени не значи само задоволување на најосновните потреби на гостинот, туку давање шанса тој да ја почувствува автентичноста на градот.
Најголема антиреклама на која било туристичка дестинација е кога гостинот ќе си замине со чувството дека многу платил, а речиси ништо не добил. Во тој случај незадоволството ќе се одрази на повеќе нивоа, не само врз конкретниот ресторан, туку и врз самата туристичка дестинација. Затоа градот Струга треба да внимава и да тежнее да биде сè подобар и подобар.

Кои иновации ги воведувате во вашето работење?

Валентина-МустафаМожеби за многу наши гости од Македонија тоа и не е иновација, затоа што тоа за нас значи и обврска. Во секој момент и во секоја ситуација некој од раководниот тим мора да биде присутен во текот на целиот работен ден. Ние не се занимаваме со угостителство за да преживееме, туку обратно – ние живееме  за угостителството. Секој гостин кој влегува во нашиот ресторан мора да има чувство на гостопримство и сигурност, мора да почувствува дека сите ние кои работиме сме таму од лично задоволство. Исто така, отворени сме за критики за пропустите што може да се случат при работа, а ние тоа го прифаќаме како обврска за уште поголем напредок. Најлош угостител е оној кој мисли дека сè знае и дека работи најдобро. Угостителството нема граници, секогаш постои начин да се биде поуспешен и поквалитетен, а ние од ресторанот „Аквариус“ сме подготвени за сите предизвици.

Кои се предностите , а кои недостатоците на тоа да се биде жена во бизнисот во Македонија?

Валентина-МустафаПредност да се биде жена во бизнисот речиси не постои. Едноставно е, работата не препознава пол. Но за нас жените постои еден вистински проблем, а тоа е проблемот со времето. Секако дека голем дел од денот го посветувам на работата и ми останува малку време за семејството, пријателите и роднините. Но, сепак, со добра организација сметам дека може да се најде решение. Недостигот веќе и не го чувствувам, тоа веќе ми стана нормална работа, едноставно, работна рутина.

Како ги балансирате професионалните и семејните обврски? Наоѓате ли време за себе и што правите во слободното време?

Валентина-МустафаОбврските се, секако, големи, како професионалните така и семејните. Правам напори да ја изедначам одговорноста, како сопственичка, како сопруга и како мајка. И тоа добро го правам, благодарение на добрата организација на времето. Време може секогаш да се најде за семејството и за најблиските. Непроценливо е времето инвестирано во некое заедничко семејно патување, посета на пријатели, времето посветено на самиот себеси, за малку одмор. Пред неколку месеци станав и баба, така што слободното време секогаш гледам да го поминам со мојата внука. А одличен начин за опуштање ми е и пешачењето, па затоа веднаш штом ќе најдам слободно време, го поминувам во прошетки.

Што би им препорачале на другите жени кои би сакале да започнат свој бизнис?

Валентина-МустафаПрепораката за жени или мажи е иста, во обврските нема разлика. Јас можам да кажам за угостителството со сигурност, а сметам дека и во другите области на бизнисот ангажманот е ист. Значи, доколку жена одлучи угостителството да биде нејзина животна определба, таа мора да има вистински намери, да има разбирање и да биде подготвена на позитивните и негативните последици. Да се одлучиш да бидеш угостител значи, пред сè, секој ден да бидеш добар домаќин, да бидеш толерантна и иновативна личност. Угостителството бара добро расположение, насмевка на лицето и позитивни мисли без оглед на моменталната  ситуација, сеедно дали е приватна, семејна или службена. Угостителот треба секој ден да е насмеан и радосен, во спротивно, гостинот брзо ќе сфати, ќе се праша дали го направил вистинскиот избор. Тоа е клучно за успехот на секоја угостителска понуда.
Доколку не сте сигурни дека можете да се справувате со еден таков предизвик, подобро и да не почнувате. Но доколку ги преземете тие обврски и тој начин на живеење, вашата желба ќе се исполни, а вашите гости ќе бидат задоволни и верни.

Полна чаша на Instagram