Ние и заедницата

ПРАВИМЕ СÈ ДА ОБЕЗБЕДИМЕ ЗДРАВИ И БЕЗБЕДНИ ШКОЛСКИ ДЕНОВИ

Ние и заедницата

И во 2015 година, поточно на Меѓународниот ден за безбедност и здравје при работа (28 април), Пивара Скопје продолжи со реализација на проектот преку кој 1.500 ученици беа едуцирани за здравјето и безбедноста во училишната средина. Овојпат беа опфатени четвртоодделенци од основните училишта во скопските општини Гази-Баба, Аеродром и Чаир. Благодарение на оваа програма, учениците и нивните наставници добија практични совети за тоа како можат да се заштитат себеси од незгоди, како правилно да седат во училишната клупа и како да постапат во случај на пожар.

Основното училиште „Конгреси и Манастирит“ од Чаир беше дел од проектот, кој со задоволство беше прифатен и од наставничкиот кадар и, секако, од учениците. Разговарајќи со наставничките Џејлан Хасани и Мабер Хасани, чии одделенија слушаа совети за здрави и безбедни школски денови, дознавме дека ефектот кај нивните ученици бил навистина задоволителен.
Тоа беше повод да се сретнеме со директорот на ова училиште, Фаик Џони, кој се понуди и да нè прошета низ новиот објект, кој, мора да признаеме, нè воодушеви заради природната светлина што продира од сите страни. Главна тема на разговор ни беше токму одржувањето на здравјето и безбедноста во училиштето, но патем дознавме нешто повеќе и за него лично.

 Како директор на основно училиште, како настојувате да ги одржите здравјето и безбедноста во училишната средина?

Фаик-ЏониОсобено внимаваме на хигиената. Еве дури и направивме во дворот едно еколошко катче, во кое има посадено разни растенија за кои се грижат самите ученици. Многу е важно тоа што учениците соработуваат со наставниците и заедно со нив се грижат за хигиената во училниците и во дворот. Претходно учевме во многу стар објект со катастрофални услови, но и покрај тоа, дававме сè од себе да обезбедиме здрава средина за работа и учење. Можам да се пофалам дека ангажираноста на учениците во ова училиште отсекогаш била на ниво.

 Неопходна ли им е дополнителна едукација на учениците на темата здравјето и безбедноста во училишната средина ?

Фаик-ЏониСекако дека им е потребна. Наставниците од нашето училиште секогаш настојуваат да ги едуцираат децата за тоа. Еве, на пример, дел од таа едукација е носењето на учениците на систематски прегледи во амбуланта, каде што се откриваат многу недостатоци кај децата предизвикани од неправилното седење на час. Ние потоа секогаш разговараме со родителите и им препорачуваме да ги носат своите деца на редовна контрола.

Колку оваа иницијатива успева да ја зголеми свеста кај учениците за значењето на здравјето и безбедноста во училиштето?

Фаик-ЏониЈас секогаш ги поддржувам ваквите иницијативи од кои учениците можат многу да научат. И секако дека конкретно оваа програма на Пивара Скопје беше реализирана успешно и имаше позитивни ефекти и врз учениците и врз наставниот кадар.


Што правите за професионално да се надградите?

Фаик-ЏониЈас сум 100 проценти посветен на својата работа. Се трудам постојано да сум во тек со сè што се случува во училиштето. Освен тоа што сум постојано присутен меѓу наставничкиот кадар и учениците, речиси не пропуштам семинари и обуки во Македонија, но и во странство, а секогаш се консултирам и со стручна литература.
Знаете, образованието е жива материја и постојано трпи некои промени, па доколку не сум постојано во тек и не се надградувам, нема да можам да ја вршам својата функција успешно, што би се одразило и врз работата на нашето училиште. А настојувам тоа да им го пренесам и на сите наставници.

Што Ве исполнува во работата и како ги балансирате приватните и професионалните обврски?

Фаик-ЏониСекое утро со задоволство пристигнувам на своето работно место, знаејќи дека работам за доброто на генерации и генерации деца. А уште кога ќе видам дека таа моја заложба дава резултати, дека децата се ангажираат и надвор од зададените обврски или дека постои прогрес кај оние ученици кои покажувале послаб резултат, задоволството е уште поголемо.
Што се однесува до балансот меѓу семејните и работните обврски, секогаш можеш да постигнеш сè кога сакаш и кога добро ќе се организираш. Предност кај мене е тоа што живеам многу блиску до училиштето и буквално сум достапен во секое време. За мене нема работно време, се трудам сè што ќе почнам да го завршам до крај, но, секако, се трудам тоа да не влијае негативно врз времето кое го поминувам со семејството.
Инаку, оваа зграда во која се наоѓаме сега е нова, изградена е во 2013 година, а претходните бараки беа многу стари, датираа од 1964, беа дотраени и со многу лоши услови за работа. Сега иако добивме зграда и одлични услови, сепак имаме тешкотии со одредени материјали , а немаме ни фискултурна сала. Спортските активности се многу важни за правилниот развој на децата. Сега сме фокусирани на барање донации да го решиме и тоа прашање.

 

 

Полна чаша на Instagram