Совети за аплицирање

ПРАШАЊА КОИ ТРЕБА ДА ГИ ПОСТАВИТЕ ЗА ВРЕМЕ НА ИНТЕРВЈУ ЗА ДА СЕ ИСКАЧИТЕ НА ВРВОТ НА ЛИСТАТА

Совети за аплицирање

За време на интервјуто за работа во најголем дел од времето кандидатите за работната позиција се оние кои одговараат на прашањата на интервјуерите. Токму затоа од особено значење е добро да се подготвите за да можете да дадете правилни одговори.

Покрај тоа што ќе постават многу прашања интервјуерите често пати на кандидатите им даваат шанса и тие самите да постават прашања доколку сакаат да знаат нешто повеќе за работната позиција или компанијата. Искористувањето на можноста да се постават вистинските прашања за кандидатите е исто толку важно колку и давањето на вистинските одговори на прашањата на интервјуерите. Сепак, иако е тоа така, многу малку кандидати ја искористуваат оваа можност често одговарајќи „Мислам дека знам сѐ што треба во овој момент“ или „Кога ја опишувавте позицијата веќе одговоривте на моите прашања“ итн. Одговарајќи на овој начин, кандидатите не ја користат шансата да постават прашања со што ќе направат разлика и ќе се истакнат од останатите кандидати во групата.

Доколку интервјуерот не ја понуди можноста за поставување прашања, тогаш при крајот на интервјуто, кандидатите би требало самите да прашаат дали интервјуерот има време за неколку прашања кои би му ги поставиле со цел подобро да ја разберете позицијата и организацијата.

Важноста која прашањата на кандидатите ги имаат за крајниот резултат на интервјуто ја нагласува и потребата од соодветна подготовка. Погрешен избор на прашања може да имаат контраефект и да ви донесат повеќе негативни поени отколку неискористувањето на можноста да се постават прашања. Во таа насока, прашањата кои кандидатот треба да ги постави треба да го покажат неговиот начин на размислување, високото ниво на заинтересираност за работната позиција, свесност за пошироката околина на позицијата, како и смисла за тимска работа, стратегија и структура.

Иако постојат стотици прашања кои може да се постават за време на интервјуто, ние ги препорачуваме следните неколку кои ќе ви овозможат да добиете релевантни информации и кои, уште поважно, ќе ве истакнат како врвен кандидат за работната позиција.

 

  1. Со цел подобро да ја разберам работната позиција, дали би можеле да ми кажете кои се нејзините главни одговорности и задолженија?

Ова прашање покажува дека кандидатот е навистина заинтересиран во работната позиција и дека сака да ги разбере специфичностите на истата пред да ја прифати понудата. Поставувајќи неколку под-прашања кандидатот остава слика на систематизирана личност. Исто така, ова значи дека се работи за кандидат кој нема да се втурне во непознато без да ги дознае најважните детали.

  1. Кои се најголемите предизвици за позицијата во наредниот период?

Покрај разбирањето на главните задачи и задолженија на работната позиција, друга важна димензија е разбирањето на главните предизвици во периодот кој следи, односно периодот веднаш по вработувањето. Ова исто така ќе покаже дека се работи за кандидат кој не е окупиран само со дневните задачи во статус-кво околина, туку дека се работи за личност која ја мотивираат предизвиците и промените и која е спремна да вложи дополнителен труд за да ги реши тие предизвици.

  1. Дали се работи за самостојна позиција или истата припаѓа на одреден тим? Каква е организациската и персоналната структура на тимот? Кои карактерни особини треба новите членови да ги имаат за да бидат соодветно прифатени од останатите во тимот?

Важно е да се покаже дека кандидатот има желба да разбере каде позицијата припаѓа во организациската структура на компанијата и секторот. Исто така важно е да се покаже дека се работи за тимски играч. Третото прашање, пак, ќе покаже дека кандидатот има свесност за важноста на секој член во тимот и дека нивните лични карактеристики придонесуваат кон тимската култура и ефективност. Во оваа насока, може да прашате дали е можно по интервјуто или во одредено време во текот на процесот на селекција да го запознаете тимот со кој ќе работите. Истото ќе покаже дека сте нестрпливи да ги запознаете луѓето со кои ќе соработувате.

  1. Кои квалитети (вештини, знаења, компетенции) треба некој да ги има со цел да биде успешен на позицијата и воопшто во организацијата? Како ги оценувате успехот и перформансите? Каков систем за управување со перформанси имате? Како управувате со потенцијалот на вработените и нивните кариери?

Овој сет на прашања ќе отвори една сосема поинаква димензија. Ќе покаже дека кандидатот не е заинтересиран само да ја добие огласената работна позиција, туку дека сака да знае што е потребно за да се биде успешен на истата. Затоа овие прашања се одлични за да направат разлика помеѓу оние кандидати кои едноставно сакаат само да се вработат и оние кои сакаат да придонесат во заеднички успех.

Вториот дел од прашањата, пак, покажува дека кандидатот е свесен за постоењето на системите за управување со перформансите и дека неговите аспирации не се лимитирани на тоа да се добие работна позиција, туку и дека се стреми кон тоа да се подобри и унапреди со цел да може да напредува на повисока или поодговорна позиција.

  1. Би можеле ли да ја опишете организациската култура? Дали е повеќе формална или неформална? Бавна или динамична? Дали се базира повеќе на соработка или на самостојна работа?

Културата, според својата најкратка дефиниција, е начинот на кој ги правиме работите во организацијата. Затоа овие прашања покажуваат свесност за неформалниот дел од работата и работната околина, како и за влијанието што културата ја има на тимската ефективност и успех.

Често пати дури и интервјуерите не размислиле за истото, така што немојте да се загрижите ако ги фатите неспремни. За нив тоа ќе биде одлична умствена вежба да ја оценат организациската култура во од, а за вас ќе биде дополнителен плус во евалуацијата затоа што сте отвориле еден сосема поинаков аспект.

  1. Која е компаниската стратегија за следните 5 години? Како оваа работна позиција придонесува во остварувањето на истата?

Пред да ја прифатите понудата добро е да знаете во која насока се движи компанијата и што истата ќе прави во наредните неколку години. Покрај тоа, поставувајќи ги овие прашања се остава слика на кандидат со стратегиско размислување, или барем на некој кој ја согледува потребата за подредување на сопствената работа со компанисаката стратегија.

  1. Кои се следните чекори во процесот на селекција? Има ли нешто друго што би сакале да знаете за мене и моето искуство?

Со овие прашања кандидатот дава на знаење дека е заинтересиран од исходот на интервјуто и дека е спремен да дискутира понатаму со цел да му овозможи на интервјуерот да создаде подобра слика за него. Исто така покажува и самодоверба затоа што обично кандидатите кои ги поставуваат овие прашања веруваат дека оставиле добар впечаток и дека ќе напредуваат во следниот чекор на процесот.

Полна чаша на Instagram