Активен живот

ОДГАЛОПИРАЈ КОН СРЕЌАТА

Активен живот

Замислете си гради полни со чист воздух.

Замислете си звук на галоп наместо звук од тастатура.

Замислете си зелени планински врвови наместо градско сивило.

Замислете си узди наместо волан в раце.

А сега доста си замислувате и почнете со планирање на вашиот следен, тотално поинаков викенд на грбот на коњ кој каска покрај филмски пејзажи.

Да, да, сосема изводливо, па дури и неопходно бегство од канцеларискoтo биро, сообраќајниот метеж и дремењето пред телевизор со саати. Да, време е за активност, дружење, трошење калории.

Молам? Да не слушам оправдување од типот: „Па јас не знам да јавам коњ“? Слаб изговор кој овојпат нема да ти помине, затоа што само еден телефонски повик те дели од договор со екипа професионалци кои ќе се погрижат успешно да одгалопираш, па макар и никогаш претходно да не си се доближил до некој убавец со грива.

Каде? На совршената дестинација за вакво викенд-бегство: убавицата Бистра. Таму има сè што ти е потребно за да престанеш да си го замислуваш и да го реализираш она од погоре. Коњи има, филмски пејзажи има, а има и луѓе кои ќе те научат како да се засакате со убавецот со грива. Е, wi-fi нема!

За твоето „каубојско“ искуство може да ти помогне коњичкиот клуб „Бистра Галичник“, кој организира тури од мај до октомври. Можеш да избереш една од двете релации:
1. До бачилото, кое од клубот е оддалечено околу 7 километри. Турата трае 5-6 часа, од кои 4 се активно јавање, со пауза на бачилото.
2. До старата црква „Св. Петка“, скриена во густа шума над областа Смедовица, која е оддалечена 5 километри од клубот.

Доколку имаш слабо или никакво искуство во јавање, немај гајле, затоа што ќе добиеш соодветна обука која трае најмалку 1 час. Тогаш ќе можеш да провериш дали џабе си гледал каубојски филмови или, сепак, си запомнил што е седло, узенгии, узда и оглав.

Но чекај! Не е доволно само тоа. Мора и мала практична обука. Заборави го стравот, следи ги инструкциите и за многу кратко време толку ќе се опуштиш, што ќе посакаш да ставиш сламка в уста. Нема да ти биде лесно на почетокот, но еј, ни Џон Вејн не бил роден на коњ. Чекор по чекор, ќе те научат како се качува на коњ, како се тргнува, како се запира и како се слегува од коњот. Не грижи се, безбедносна опрема, односно кацига ќе ти дадат од клубот, а твое е да се облечеш соодветно, односно со долги панталони и високи чизми. И никако не заборавај дома во ранецот да ставиш средство за сончање, капа и, секако, вода.

Се јава во колона предводена од водич. Коњите се планински и кротки, и знаат да ја возвратат довербата. Немаат многу висок раст и адаптирани се за такви планински и каменести предели. Функционираат на принцип стадо, односно секогаш се следат едни со други и токму од тоа ќе зависи темпото на движењето кое го налага водичот, што, всушност, придонесува за поголема безбедност при јавањето.

Верувај му на своето четвороножно другарче, препушти им се на убавините околу тебе.  И обиди се да запомниш сè, да ја впиеш секоја секунда од времето поминато таму, затоа што добро знаеш што те чека долу, во градот. Телефонот користи го само за сликање пејзажи. Добро де, и за селфи. 🙂

По патот ќе ти се менуваат слики како од филм снимен од наградуван кинематограф. Ќе посакаш да купиш плац и да си изградиш мала куќичка во која ќе дочекаш длабока старост. Или можеби само ќе посакаш подолга пауза на некоја ливада, за да пивнеш од водата и да ги вратиш неопходните течности што си ги изгубил потејќи се на топлото сонце.

Сигурно ќе наидете на стадо овци, можеби ќе те нервираат мушичките пред очи, но брзо ќе ги заборавиш кога ќе погледнеш нагоре кон синилото кое во градот сè поретко го гледаш. До тебе ќе допрат опојни мириси, чисти, природни и пријатни мириси на недопрена природа. Не пали цигара!

Не срами се да се пуштиш во муабет со другите од колоната. Можеби токму од некого од нив ќе дознаеш дека се организираат и тридневни тури со преноќување. Да, да, постои опција и за ноќевања во прекрасните околни села Селце, Лазарополе, Јанче, Тресонче… Ете ти шанса ем да јаваш, ем да видиш уште неколку познати туристички места како водопадите Дуф или манастирот „Св. Јован Бигорски“. А знаеш што? Во турите е вклучена и дегустација на убавото галичко сирење.

И, да, на половина пат ќе огладниш. Ќе почнеш да мљаскаш со устата и да си го замислуваш вкусот на прочуениот бакрдан и галичко сирење, на домашниот јогурт и како душа мек леб. Ќе прашаш: „Уште колку?“, ама ќе сфатиш дека не ти е ни битно, затоа што уживаш и знаеш дека таа гурманска средба е неизбежна. Ама немој само да седиш здрвено на седлото, следи ги движењата на коњот, направи место за нови калории.

Пред вас ќе се отвораат врвовите на Бистра, Крчин, Стогово, а и панорамската глетка на селото Галичник, кањонот на реката Радика и многу шумски поточиња. Доколку имате среќа, можеби на некој хоризонт ќе здогледате стадо диви коњи на кои ќе им позавидиш на грациозноста и на слободата во која уживаат. Дур да посегнеш по телефонот со надеж дека ќе се пофалиш на Инстаграм со фотка од див коњ со кренати предни нозе, тие веќе одгалопирале кон некој друг хоризонт. Ќе ти биде криво, но ќе бидеш среќен што, ете, уште има стада кои уживаат во слободата. Тоа ќе те натера да го погалиш својот зауздан пријател.

И тогаш водичот ќе викне: „Стигнавме!“, а тебе ќе ти се чуе: „Храна!“. По неколку часа јавање ќе ја почувствуваш земјата под нозете и ќе ти биде чудно. Го оставаш коњот на заслужен одмор и се препушташ да те води мирисот на бакрданот (звук на туткање на аудиолента).

Се извинуваме за прекинот на програмата, но мора да оставиме нешто и самиот да доживееш од прва рака.  Дотука те водевме ние, сега си оставен сам на себе да ја донесеш вистинската одлука и да ја запишеш оваа невообичаена авантура во твојот календар. Да се пофалиш дека си поминал активен викенд, со многу дружење и дишење во ритам со природата. Којзнае, можеби ќе ти се допадне, па ќе посакаш да се пријавиш и за зимските јавачки тури на Водно.

Наше е да ти понудиме забавна опција за активен живот, а изборот дали ќе бидеш човек со одлична кондиција и богато искуство или личност чија единствена километража е онаа од скролањето со компјутерското глувче или менувањето на ТВ-каналите е твој.

Мислењата изразени во овој текст се на авторот и не секогаш ги претставуваат ставовите на Пивара Скопје.

Полна чаша на Instagram