Активен живот

СО ВЕЛОСИПЕД ОКОЛУ МАВРОВСКО ЕЗЕРО

Активен живот

Секој од нас бил барем еднаш во животов во Маврово. Кој на скијање, кој на семинар во хотелите, кој во викендичка, кој на еднодневна екскурзија. Маврово е една од неизбежните дестинации во Македонија. Следниот пат кога ќе одите таму, пробајте да уживате во една поинаква содржина од оние досега испробаните. Можеби со малку повеќе физичка активност, на пример.

Возење велосипед околу Мавровското Езеро е совршен рекреативен подвиг за преку викенд, особено кога е убаво времето. Тоа е подвиг што може да го направи секоја здрава-права единка што има велосипед. Ниту ви треба некој посебен спортски велосипед, ниту, пак, којзнае колкава физичка подготвеност. Но, секако, потребна ви е кацига, облека соодветна на температурата, храна и вода. Вкупната должина е околу 30-ина километри, и буквално секој што може да отиде пеш до петти кат по скали, може и да извози околу езерото.

Секој јуни во Маврово се одржува „оffroad mountbike“ маратон во организација на велосипедскиот клуб „Енерџи“, кој има спортски и натпреварувачки карактер, и паралелно со него се одржува рекреативно возење околу езерото. Ако немате кола или држачи за велосипед за колата, ова ви е одлична можност, бидејќи не само што превозот е организиран со автобуси и камиони за велосипедите, туку има и многу луѓе, па дента паѓа супер дружба со луѓе со ист рекреативен дух како вашиот.

И да одите сами со кола, и да одите со организиран превоз, појдовна точка е паркингот кај ски-терените во правец на Леуново. Намачкајте се со крем за сонце (задолжително) и понесете мало шише вода со вас. Не грижете се, има и повеќе продавнички, ама и чешми таму, па нема потреба да влечете големи шишиња вода со вас да ви тежат. Важно е да хидрирате додека возите велосипед. Доколку мислите дека има шанси да заврне дожд, понесете и шушкавец. Возење на дожд не е ништо страшно и не обесхрабрувајте се да тргнете доколку времето не е убаво. Страшното е доколку ве фати дожд и по некое време дождот престане, а вие немате сува облека да се пресоблечете (ви пишува паталец, не гаталец).

Целата десна страна на езерото е прилично нефреквентна и рамна, со 2-3 угорнички и удолнички, чисто да се испотите малце и да осетите адреналин на спуштањето, за да не ви биде возењето како на кеј. И да не можете да се искачите ако ви е стрмно, не обесхрабрувајте се, слезете од велосипедот и бутнете малку дури не дојдете до некој порамен дел. Па, и така се трошат калории.

Првото село покрај кое поминувате е Никифорово, и возејќи покрај хотелот „Радика“, стигате во Леуново. Леуново е прекрасно село во кое вреди да направите кратка пауза.

Од Леуново патот ве води покрај првата брана, на која неретко ќе начекате рибари. „Здраво, добар ден, како сте, што правите бе деца, каде сте тргнале со велосипедите… еве рибата гризе, не гризе“… и такви слични муабети секогаш се добредојдени и за вас и за оние што ги сретнувате. Таму глетката е совршена, а водата сино-зелена.

Од Леуново отворете ги очите четири. На еден километар од селото има една мала козја патека која се исклучува лево од патот. Може да скршнете лево од неа и да слезете долу на езерото на плажа. Најбезбедно е пеш. Патеката е кратка. Тоа не е плажа, да се разбереме, само една ширинка покрај водата на која може да се седне. Дотука веќе имате извозено извесна километража и потрошено доста калории.

Патот продолжува покрај езерото и по извесно време се приклучува на регионалниот пат Гостивар – Дебар. Ова е регионален пат и во викенди кога е добро времето, знае да биде фреквентен. А кај Маврови Анови во шпицот на сезоната знае да биде преполно, така што не го препорачувам ова место за одмор. Немојте да се плашите, меѓутоа бидете претпазливи на оваа делница, движете се строго по десниот раб од патот и давајте соодветна сигнализација ако вртите лево или десно, за да им дадете на знаење на колите каде ќе се движите.

Од Маврови Анови се стига до втората брана на езерото. Доколку возењето ви е малку, кај браната наместо да скршнете лево и да одите преку браната накај ски-терените, може да продолжите право по патот кон Дебар.

Доколку решите да возите до Дебар, ќе забележите како по некое време реката Радика се проширува и почнува Дебарското Езеро. Тука е и бањата Косоврасти, а неколку километри по прочуениот Бошков Мост се наоѓа манастирот Рајчица. Женски манастир што, за жал, не сум го посетила бидејќи кога ја возев оваа рута, беше веќе стемнето и истураше дожд и само сакав да стигнам во Дебар и ништо повеќе. Меѓутоа, од сликите што сум ги гледала, сè ми се чини дека ќе морам да ја повторам рутата, овојпат денски и на убаво време.

Ако се решите да го изоставите сето ова и да продолжите кон ски-терените, тогаш вртите лево и по браната патот ве води кон паркингот од каде што почнавте да возите.

За тие најхрабрите, на километар-два пред терените се двои и патот за Галичник. Овој пат не е ни малку рекреативен, и е поприлично спортски подвиг, бидејќи патот е мошне стрмен. Си бара и соодветен велосипед и соодветна опрема, а богами и соодветна кондиција. Меѓутоа не е лошо да знаете дека постои како опција.

Овој дел од патот (од браната до терените) веројатно ви е познат, викенд-населбата во Маврово е прилично комерцијална. Од десната страна се викендичките, а од левата страна има еден куп ресторани, хотели и мотели што имаат тераси на езерото, па таму може да се освежите и да набилдате нова тура калории за трошење, како награда за убаво поминатиот ден.

Возете безбедно и консумирајте одговорно!

На здравје!

ЈОВАНА ТОЗИЈА,
на точак низ Македонија

Мислењата изразени во овој текст се на авторот и не секогаш ги претставуваат ставовите на Пивара Скопје.

Полна чаша на Instagram