Спорт

СО ИСКАЧУВАЊЕТО НА ВРВОТ СИ САМО НА ПОЛОВИНА ПАТ ДО УСПЕХОТ

Спорт

Сабота попладне, „Плеј кафе“ во „Сити Мол“ полно со случајни и намерни гости. Меѓу овие вториве беше и нашата екипа, која нетрпеливо го чекаше алпинистот Здравко Дејановиќ, човекот кој испиша историја освојувајќи ги трите најопасни планински врвови на светот или т.н. Бермудски триаголник на Хималаите. Ќе успее ли да нè освои и нас?

Го пречекавме на нозе, а тој нас со насмевка и покрај завојот на прстите и видливите последици на рацете од последниот подвиг. Опуштен и отворен за разговор, Здравко трпеливо и со задоволство одговараше на секое прашање што му го поставивме. А, да бидеме искрени, бевме многу љубопитни, но и тој имаше многу да ни раскаже. И, да, дефинитивно нè освои. Сите до еден.

Во 2015 година влеговте во историјата како првиот Македонец кој искачил три врва над 8.000 метри: највисокиот врв во светот Монт Еверест, вториот највисок врв на Земјата К2, кој е и технички најтежок за искачување, и последниот, Анапурна 1, прогласен за најсмртоносен врв на светот. Постоеше ли некој момент во периодот пред да тргнете со експедицијата кога она „најтешкиот и најсмртоносен“ ве одвраќаше од намерата за освојување? Или, поинаку кажано, имаше ли барем мала доза страв кај Вас?

Здравко-ДејановиќНапротив, атрибутите „највисокиот, најтешкиот и најсмртоносниот“ за мене беа мотивирачки и, секако, ме направија крајно сериозен и свесен за предизвикот кој ме очекуваше. Од тие причини, пред секое тргање на секој од трите посочени врва беше неопходно максимално психофизички да се подготвам за да имам реални можности за успешно искачување. Секако, знаев за лошата репутација која ја имаат овие три врва во однос на опасностите и несреќите што се случуваат при искачувањата, така што се обидував стравот од такви моменти да го надминам со посебни вежби уште во текот на подготовките.

Што прво помислувате кога стигнувате на целта? Какво е чувството пред глетката која се отвора пред Вас?

Здравко-ДејановиќКако и во други ситуации кога постигнувате нешто на кое повеќе години сте му биле посветени и сте вложиле многу време и труд, така и при искачување на некој од овие врвови, кога сте на самиот врв, радоста поради остварениот сон е голема, со тоа што таму чувството на триумф трае многу кратко, затоа што искачувањето на врвот е само на половина пат до успехот, бидејќи спуштањето надолу е подеднакво тешко и ризично како и качувањето.

Како тренирате, каде ги правите подготовките и колку траат исклучително важните кондициони и технички тренинзи за изведување еден ваков историски подвиг?

Здравко-ДејановиќНеопходно е да се има повеќегодишен континуитет и искуство во искачување планински врвови. Лично јас, зависно од тоа кој врв го искачувам, ги приспособувам тренинзите, затоа што секој врв си има посебни карактеристики и бара посебни вежби и тренинзи. Вообичаено е многу да се внимава на кондициони тренинзи (трчање, пливање), алпинистички качувања, качување по лед, планинарење во зимски услови, самостојни ноќни искачувања во зимски услови на врвови повисоки од 2.500 метри и, секако, вежби за надминување на стравот, како што е преминување по затегнато јаже на одредени висини. Сите тренинзи ги извршувам на одредени локалитети во Македонија, како Матка, Демир Капија и македонските планински врвови повисоки од 2.500 метри.

Каков е Вашиот режим на исхрана и колку е важна хидратацијата на организмот пред и за време на искачувањата?

Здравко-ДејановиќНемам посебни правила и навики во исхраната од причина што кога некој редовно спортува, може да си дозволи да ужива во храната и не мора да биде селективен во нејзиниот избор. Многу е поважно кога се спортува, да се внесуваат поголеми количества течности. Така, при нормални тренинзи на организмот му се неопходни до два литра течности во текот на денот, додека при искачувањето на врвови повисоки од 5,000 метри, поради недостигот на кислород во воздухот на тие висини, неопходно е да се внесуваат помеѓу три и пет литри течности.

Кој е оној момент кој ве тера да ги заборавите сите тешкотии со кои се среќавате на патот до и од врвот, за повторно да тргнете на таква опасна експедиција?

Здравко-ДејановиќСекако дека при искачувањето на овие врвови се појавуваат многу тешки, ризични, па дури и трауматични моменти, меѓутоа кога нешто го правиме со љубов, мотивација и посветеност, многу бргу ги забораваме таквите моменти, би рекол дека психолошките и телесните рани брзо заздравуваат и за многу кратко време сме повторно подготвени да поминуваме низ слични искушенија.

Вашиот последен подвиг беше Анапурна 1, вториот најсуров врв на светот. Условите биле многу лоши, но вие, сепак, успеавте да стигнете иако имало компликации до успехот. Кажете ни повеќе за тоа искуство.

Здравко-ДејановиќАнапурна 1 е врв висок 8.091 метар и се наоѓа на хималајскиот масив во Непал. Врвот важи за најсмртоносен и е најмалку искачуван врв, официјално до моето искачување оваа година вкупно го имаа искачено само околу 160 искачувачи од целиот свет. Анапурна 1 и врвот К2, кој е висок 8.611 метри и кој го имам искачено во 2014 год., важат за најтешки на планетата. Моето искачување на Анапурна 1 се одвиваше во зимски услови и беше проследено со доста непријатности. Од објективни причини, поради неповолни временски услови, како тим одлучивме недоволно аклиматизирани да се обидеме да го искачиме врвот, при што по успешното искачување бевме принудени втора ноќ по ред да поминеме на отворено на температури и до -40 Целзиусови степени, што претставува тест на издржливост кој можат да го издржат само психофизички најподготвените. Благодарение на мојата посветеност во подготвителниот период, успеав да ги издржам сите тешкотии и од врвот да се спуштам само со мали смрзнатини на рацете.

Многу малку луѓе имаат храброст за вакви подвизи. Која е Вашата порака до сите оние кои го живеат истиот сон како Вашиот, но сè уште не успеале да го остварат и што прави Македонија за да ја разбуди љубовта кон планините кај младите?

Здравко-ДејановиќСекој што ќе посака да проба да искачува еден ваков врв, неопходно е да направи проверка на своите предиспозиции, прво на пониски врвови и постепено да се приближува кон повисоките врвови и, секако, да посвети посебно внимание на психофизичките подготовки. Во Македонија има услови за развој на овој екстремен спорт, пред сè, поради нашиот силен менталитет, поради нашите убави планини кои овозможуваат тренинзи од секаков вид и, секако, поради правилната работа на Федерацијата на планинарски спортови која има успешна стратегија за правилно насочување и оформување на планинарите и високогорците. Поддршката на Федерацијата од страна на Пивара Скопје исто така има свој удел во ова. Постојат многу успешни проекти во организација на Федерацијата на планинарски спортови на Македонија кои успеваат да ги анимираат младите, од најмала па сè до средношколска возраст, да ги користат придобивките од движењето во природа, па до искачување на нашите повисоки врвови. Проектите се состојат од организирање разновидни еднодневни и повеќедневни кампови со престој во планинарски домови и искачување на врвовите низ македонските планини со овластени планински водичи. Сите активности се одвиваат преку планинарските клубови кои се членови на матичната федерација.

Освоивте три многу опасни планински врвови, постои ли некој врв во приватниот живот кој сè уште не ви е освоен?

Здравко-ДејановиќПостојат многу сличности во начинот на кој се искачуваат високи врвови и постигнување на поставените цели во приватниот живот, а тоа се посветеност, мотивираност, сериозност, упорност, истрајност, трпеливост. Би кажал дека во приватниот живот секој од нас има многу поставени цели, од кои некои се полесно, а некои потешко достижни. Многу е важно да се знае дека целите кои ќе нè направат најсреќни, обично се и најтешко достижни. Јас на хималаизмот не гледам само како на екстремен спорт или дел од културата на една личност, во хималаизмот гледам една голема филозофија во која во едно „ЗОШТО“ се испреплетени „животот и смртта“. Ваквото мое разбирање на хималаизмот раѓа во мене желба и потреба целото мое хималајско искуство да го преточам во една книга која би била добар животен водич за младите генерации.

Вие се запишавте како прв Македонец кој го искачи К2, a благодарение на Вас, СКОПСКО стана првото македонско пиво кое го достигна тој врв. Од каде идејата да понесете СКОПСКО со себе?

Здравко-ДејановиќБлагодарение на спонзорството од Пивара Скопје, која во одреден дел финансиски го помогна моето искачување на К2, јас минатата година успеав на самиот врв да однесам една лименка СКОПСКО со што во светската историја ќе остане запишано како прво и единствено пиво кое го „искачило“ врвот К2.

 

 

Полна чаша на Instagram