Ние и заедницата

СРЕЌНА СУМ ШТО ИМАМ РАБОТА КОЈА ПРЕМНОГУ ЈА САКАМ

Ние и заедницата

Приказната на Мими Поп Алексова отскокнува од оние вообичаени приказни за успешни балерини кои уште како малечки сонувале да „лебдат“ над сцената на прсти. Но тоа не значи дека таа сега не ја сака својата професија подеднакво како и оние кои успеале да си го остварат детскиот сон. Напротив. Токму љубовта и упорноста да успее ја донеле до она што таа е сега – една од трите првенки на Македонската опера и балет. Впрочем, тоа и ни го докажа преку своите маестрални улоги во „Ромео и Јулија“, „Валпургиска ноќ“, „Приказна од западната страна“, „Кармен“ итн.

Од неодамна Мими ја игра најзначајната улога во својот живот – таа е мајка на две деца, заради кои понекогаш посакува и да се клонира, ни откри на нашата пријатна средба во „Менада“. Подетално за почетоците, жртвите кои ги дава за балетот, за кондицијата, слободното време во интервјуто кое ви го препорачуваме.

Вие и балетот? Љубов на прв поглед или?

Mimi-Pop-AleksovaПа, не знам… Не би рекла дека било љубов на прв поглед, мојата прва љубов беше спортската гимнастика. Јас иако по природа имам уметничка душа, сепак спортот некако ме отсликувал како дете, бидејќи бев од оние палави деца кои никогаш не застануваат. Јас сум човек кој сака да проба многу работи и да види дали може добро да ги работи, тоа се случи и со балетот, на едни од редовните гимнастички подготовки ме забележаа тогашните првенци на Балетот, ми рекоа дека имам големи предиспозиции за балет и ме пратија во Балетското училиште кај проф. Елисавета Кушевска, која веднаш ме прими во својата класа. Имав неполни 15 години, реално имав пропуштено многу од основата на балетот, но за многу кратко време како што почнував да го совладувам материјалот, сè повеќе се вљубував во балетот. Моментот кога самата сфатив дека почнувам да напредувам и да бидам добра во тоа, беше пресуден да ја оставам гимнастиката и целосно да се посветам на оваа професија.

Многу девојчиња уште како мали сонуваат да бидат балерини, но некаде по патот се откажуваат од тој сон. Што мислите, зошто е тоа така?

Mimi-Pop-AleksovaВо повеќе интервјуа го кажувам ова, но, сепак, и тука морам да го споменам… Вистински надарените девојчиња кои ги имаат предиспозициите и љубовта кон балетот не се откажуваат. Се откажуваат оние кои се запишале на балет само поради трендот, само за да имаат вито тело и да имаат убаво држење. Тие истите подоцна наидуваат на големи препреки кои на самиот почеток им се нејасни, балетот е исклучително тешка професија која бара многу жртви, бара еден војнички режим и откажување од многу работи. Само оној кој е вистински вљубен  во оваа професија и кој е реално способен уште од мал комплетно да ѝ се посвети, може да успее.

Дали кога сте на сцената, се чувствувате како да влегувате во некоја друга димензија? Се исклучувате ли комплетно?

Mimi-Pop-AleksovaКога бев помала, комплетно се исклучував целиот ден пред претстава, не разговарав со никого, цел ден ја поминував претставата во главата, цел ден си го анализирав ликот и моментот кога ќе тргнев кон театарот, влегував во таа друга димензија, каде што јас сум таа од која зависи сè, јас сум таа која треба да ја раскаже приказната и да допре до публиката. Сега, кога сум мајка, секако не можам целиот ден да го поминам во пижами и да не разговарам со никого, но, сепак, знам да се исклучам во некој период од денот… Затоа сега порано одам на работа пред претстава.

Што се случува зад сцената? Што ѝ претходи на таа грациозност и магичност која ја гледа публиката?

Mimi-Pop-AleksovaЗа балетот да изгледа како магија на сцената, за ние играчите да изгледаме како иреални суштества кои одвај допираат со прстите на подот, треба многу работа во сала. Не е воопшто така како што изгледа и тоа е во ред за мене. Во секоја професија е така, треба да вложиш многу труд, трпение, да поминеш преку многу грешки, да научиш од сопствените грешки, да го имаш  вистинскиот ментор (педагог), за на крај да го имаш вистинскиот производ, за на крај да ја имаш приказната.

По колку часа на ден вежбате и која физичка кондиција е потребна за да се одигра една претстава?

Mimi-Pop-AleksovaНашето работно време знае да варира во зависност од претставите што ги работиме. Некогаш работиме помалку, некогаш работиме двапати на ден, работиме за викенди, празници, меѓутоа сè зависи од репертоарот, од обемот на работа и од тоа дали станува збор за редовна претстава или за премиера.

Имате ли време за себе? Во што најмногу уживате кога не сте во балетанките?

Mimi-Pop-AleksovaПорано имав многу повеќе слободно време. Како што растат децата, така бараат поголемо внимание, поголеми се обврските, плус сега доаѓа зимски период кога треба повеќе да се седи дома, а тие не сакаат. Јас имам редовни проби во театарот и во моментов се наоѓам во еден таков период кога реално имам многу малку време за самата себе. Во моментите кога сум слободна, секогаш прво облекувам пижами, слушам музика и јадам нешто слатко, па потоа се поврзувам со светот. Кога не ги носам балетските патики, претпочитам да сум во удобни и меки ниски патики или чизми. Љубител сум на високите потпетици, сакам да ги имам, но не можам да кажам дека со задоволство ги носам (се смее).

Некој совет за младите мајки како да го одржат балансот помеѓу семејството и професионалните обврски?

Mimi-Pop-AleksovaСекоја жена индивидуално се снаоѓа на релацијата мајка, сопруга и жена која треба да работи. Тешко е да делам совети кога и мене ми се случуваат истите работи како и на другите мајки кои работат, кои ја сакаат својата професија и кои го сакаат своето семејство. Тоа е во ред, сепак се тоа периоди кога се чувствуваме растргнати на сите страни и кога викаме наоколу дека треба да се клонираме за да можеме да стигнеме сè да направиме, но тоа е животот. Јас сакам во сè што правам да бидам добра и секогаш ќе се трудам да го извлечам максимумот од себе, иако, нели, тоа е дискутабилно. Не секогаш излегуваме добри во она во што сме мислеле дека ќе бидеме, но тоа е предизвикот за мене. Јас сум среќна што имам работа која премногу си ја сакам, која ме исполнува и за која секогаш ќе се вложувам, но, од друга страна, го имам и моето прекрасно семејство за кое сè би жртвувала. Во животот секогаш треба да се имаат приоритети за да се одржува вистинскиот баланс, инаку ќе бидеме прилично изгубени, исфрустрирани и несреќни.

Полна чаша на Instagram