Ние и заедницата

УМЕТНОСТ И ПИВO – AВТЕНТИЧЕН СПОЈ НА МАКЕДОНСКО СЛИКАРСТВО И УМЕТНОСТ НА ПРАВЕЊЕ ПИВО

Ние и заедницата

За еден страстен љубител на ликовната уметност нема поголема привилегија од таа да застане очи в очи со делата на некои од најзначајните сликари. А уште кога ќе ја добиеш можноста да бидеш непосредно вовлечен во изложба на дела кои ќе бидат репрезент на ликовната историја на твојата родна земја, тогаш задоволството е непроценливо.

Таа привилегија ја имаше г-ѓа Мирјана Талеска од Националната галерија на Македонија, кога ја доби поканата да биде кустос на изложбата на дел од приватната колекција на Пивара Скопје, која содржи 116 дела насликани од основоположниците на македонското сликарство, од македонските сликари од подоцнежниот период, но и од познати сликари од поранешна Југославија. Возбудата и гордоста да биде личноста која го направи изборот на половина од делата за постановката „Уметност и пиво“ беа јасно видливи на нејзиното лице додека разговаравме во скопското кафуле „Децата од нашата улица“.  Па како и да не бидат кога тој период таа ја имаше честа одблизу да се „дружи“ со некои од еминентните македонски ликовни уметници како Личеноски, Мартиноски, Коџоман, Владимирски.

Вие бевте кустос на дел од изложбата „Уметност и пиво“, поточно на делот за ликовна уметност, на која по повод 90-годишнината на Пивара Скопје беше изложен највредниот дел од колекцијата на македонски уметнички дела во приватна сопственост на славеничката компанија. Што можеше македонската јавноста за првпат да види на постановката во Порта Македонија во мај/јуни 2015?

Mirjana-TalevskaМи беше задоволство да учествувам и да бидам дел од одбележувањето на овој голем јубилеј. Моја желба беше да придонесам со моето големо искуство со тоа што ќе селектирам и ќе аранжирам ликовни дела на истакнати македонски ликовни уметници од колекцијата на Пивара Скопје. Всушност, тие вредни дела и автори од нивната колекција првпат се изложуваа јавно пред  македонската јавност и пред љубителите на современата ликовна уметност.

Која е уметничката вредност на колекцијата на Пивара Скопје? По што е значајна?

Mirjana-TalevskaПивара Скопје се промовира како компанија која покрај тоа што спроведува голем број активности на пазарот и достигнува економски успеси, вложува и во нашето духовно и историско-ликовно, односно културно наследство. Пивара Скопје денес со гордост ги чува, се грижи и овојпат ги изложи овие ремек-дела на македонската ликовна уметност. Делот со ликовна уметност презентираше само 29 слики од големата збирка на Пивара Скопје која содржи 116 дела.  Во оваа концепција, односно селектиран избор, застапени се дела на автори кои придонеле многу во развојот на современата ликовна уметност. Тие наедно претставуваат лично и интимно доживување на самиот сликар, кој се служи со чист сликарски јазик. Тоа е ликовен ракопис кој мора да се разбере или интуитивно да се почувствува. Колекцијата претставена на оваа експозиција започнува со сликарите од првата академски образована генерација современи македонски сликари како Лазар Личеноски, Никола Мартиноски, Вангел Коџоман, Томо Владимирски, односно таканаречените втемелувачи на современата македонска уметност.

Продолжува со делата на истакнатите претставници од втората и третата генерација, автори кои се појавиле на македонската ликовна сцена по Втората светска војна: Миле Корубин, Петар Мазев, Вангел Наумовски, Ордан Петлески, Димитар Кондовски, Родољуб Анастасов, Глигор Чемерски, Ана Темкова, потоа помладите Рубенс Корубин, Божидар Дамјановски и др.

Фактот дека колекцијата ги содржи токму овие еминентни имиња, на изложбата ѝ дава уште поголемо значење, тоа е доказ дека луѓето од Пивара Скопје покажале подготвеност  и способност да препознаат квалитет и да одберат уметнички дела чија вредност од ден на ден расте, се потврдува и се истакнува во најзначајните студии за македонската ликовна уметност на XX век.

Со оглед на тоа дека  колекцијата содржи бесценети дела од еминентни македонски уметници, Пивара Скопје има значаен удел во зачувувањето на културното наследство на Македонија. Што значеше за Вас искуството да се биде дел од еден ваков значаен проект?

Mirjana-TalevskaЗа мене беше голем предизвик и возбудлив ангажман. Некои дела за првпат и јас ги видов во оваа прилика, но творештвото на самите автори ми е познато и не ми беше тешко да одлучам кои дела ќе се презентираат на оваа значајна манифестација.Уметничките дела се импресивни и величествени, поради што оваа колекција е од исклучителна важност за македонското културно наследство.

Во текот на триесетина дена ѕидовите на изложбениот салон во Порта Македонија сведочеа за едно време со голема духовна вредност за Македонија. Можете ли да издвоите некое дело кое особено Ве восхити, нешто за што посебно се приврзавте?

Mirjana-TalevskaТоа за мене е тешко прашање. Има повеќе дела кои мене лично ме привлекуваат, особено тие на Мартиноски, Личеноски, Владимирски, Чемерски, Анастасов. Но, сепак, експресивната уметност на Мартиноски, на неговиот модернизам, споен со инспирациите од македонската уметничка традиција и мотиви изработени со карикатурална деформација на облиците, особено ме привлекува.

Во сликата „Доилка” драматичната и патетична изразеност е особено нагласена, слична е со уметноста на Сутин, а повторно е забележлива и силната врска со македонските икони. Формите се обли, рафинирано изработени, под забележливо влијание на Кислинг.  Неговиот експресионизам , интересот за социјалните мотиви останал, но типични се лирските и поетични експресии.  Тој слика и симболични и еротски сцени полни со рафинирана сензуалност, елегантно стилизирани и извиткани форми, блиски до некои од делата на Матис и на одделни германски експресионисти.

Мартиноски трага по импресивни пози на фигурите и поубедлив ликовен третман. Потоа создал голем број дела на овој мотив каде што без особени иновации го следи академскиот стил и ја нагласува звучноста на боите. Мартиноски изработил многу портрети и слободни композиции во кои често го следи експресионизмот кој е синтеза на фовистички и експресионистички третмани со слободно развиени форми, интензивни бои и импресивна психолошка изразност на ликот.

Колку е важно Македонија да има повеќе компании како Пивара Скопје кои ќе вложуваат во одржувањето на нашето културно наследство и ќе ја потсетуваат јавноста на неговата непроценлива вредност? 

Mirjana-TalevskaПивара Скопје добро е да продолжи да ја проширува и да ја надополнува оваа ликовна збирка и, се разбира, одлично е тоа што организира изложби за да ја запознае македонска јавност со националното културно богатство.

Тој пример треба да го следат и други успешни компании. Многу познати дела, особено од нашите македонски сликари и вајари, одат во приватни колекции, но не знаеме каде. Патот на сликата е многу важен за нас како историчари на уметноста, а и за нашата историја. Кога се организираат големи ретроспективни изложби, се позајмуваат од разни институции, компании и семејства за посеопфатно да се претстави творечкиот опус на еден автор. Се радувам што Пивара Скопје е секогаш отворена за вакви соработки.

На отворањето на изложбата беше најавено продолжување на оваа традиција на изложување и на други делови од колекцијата. Кои имиња, односно дела јавноста не ги виде на првата изложба на оваа приватна колекција?

Mirjana-TalevskaОстана еден дел од македонски автори кои поради малиот простор не беа опфатени, но Пивара Скопје има голема збирка и на дела од таканаречената наивна уметност и од автори од поранешните југословенски републики, кои исто така во следна прилика треба да се презентираат.

Изложбата содржеше и уметнички приказ на автентичната и возбудлива приказна за 9-децениската историја на Пивара Скопје, поточно за уметноста на создавање пиво. Како се надополнуваа овие две навидум неспоиви платформи?

Mirjana-TalevskaИ тоа е еден вид уметност и убава е идејата и тоа да се презентира во јавноста. Така е во целиот свет. Двете експозиции беа просторно одделени, но автентична беше идејата како овие две уметности се споија во една платформа.

 

Правењето пиво е добро чувана и негувана тајна веќе 7.000 години, која се пренесува од генерација на генерација мајстори на пивото. Успеавте ли за време на подготовките и одржувањето на изложбата да ја почувствувате магијата и да навлезете во тајните на создавањето на пиварската оригинална уметност – уметноста на правење пиво?

Mirjana-TalevskaСекако, уметноста на правењето пиво е во срцето на нашето постоење. Мајсторите за пиво од Пивара Скопје се најдобри во класата не само на локалниот пазар, туку се признати по своето извонредно правење пиво во регионот и пошироко. Резултатот е креирање автентично пиво признато во однос на својот првокласен квалитет и извонреден вкус.

Полна чаша на Instagram