„УМЕТНОСТ И ПИВО“ – УНИКАТНА ИЗЛОЖБА НА ПИВАРА СКОПЈЕ АВТЕНТИЧЕН СПОЈ НА МАКЕДОНСКО СЛИКАРСТВО И УМЕТНОСТ НА ПРАВЕЊЕ ПИВО

Како сведоштво на 90 годишното наследство, „Пивара Скопје“ направи уникатен спој помеѓу најпознатите репрезенти на современата ликовната уметност од Македонија и уметноста на правење пиво. За првпат во јавноста е презентирана дел од колекцијата на Пивара Скопје на ликовни дела од најреномираните македонски сликари од XX. век, дополнета со уметнички приказ на автентичната и возбудлива приказна за Пивара Скопје, длабоко врежана во животот на нашата заедница.

„Задоволни сме и горди што имаме можност да ја споделиме со јавноста страста на луѓето во Пивара Скопје кон уметноста. Таа јасно се гледа преку желбата да се собере можеби највредната колекција на уметнички дела од еминентни македонски сликари, како и во секојдневната посветност да се произведе и на целата нација да ѝ се понуди совршено освежување со најдобрите пива и безалкохолни пијалаци. На овој начин уште еднаш докажуваме дека Пивара Скопје поседува сенс и работи на зачувување на вистинските вредности значајни за заедницата на која ú припаѓа“, изјави генералниот директор на Пивара Скопје, Александар Ружевиќ, на отворањето на уникатната изложба наречена „Уметност и пиво“.
Поставката содржи 30-тина оригинални уметнички дела потпишани од автори како Личеноски, Мартиноски, Мазев, Наумоски, Чемерски, Корубин… и претставува само дел од една од најголемите приватни уметнички колекции во земјава, која брои повеќе од 100 слики.

„Се работи за навистина импозантен приказ на творештвото на втемелувачите на современата македонска ликовна уметност, како и на најреномираните претставници на средната генерација академски сликари од Македонија. Овие дела имаат бесценета уметничка вредност и огромно значење за нашето културно наследство, што дава посебна тежина на грижата на една компанија, како Пивара Скопје, и на нејзиниот напор да ја препознае оваа вредност и соодветно да вложи во нејзиното зачувување и афирмација“, изјави Мирјана Талеска, кустос советник во Националната галерија на Македонија.

Во изложбата од препознатливи македонски пејсажи и богати колорити на делата од големите мајстори, совршено се вклопени и артефактите кои сведочат за деветдецениската историја на Пивара Скопје, но и за процесот на создавање, точење и консумирање на пивото, како приказ на една автентична уметност и култура на живеење.
„Пивара Скопје исто така креира уметност. Уметноста на правење пиво е во срцето на нашето постоење“, вели Кирчо Стојанов – менаџер за производство на пиво во Пивара Скопје и додава: „Исто како и големите сликарски мајстори, суштината на уметноста на правење пиво лежи во начинот на кој ќе ја ставиме во функција природата и нејзините убавини, употребувајќи го целокупното наше знаење и вештина. Во нашиот занает тоа значи да се пронајде совршената комбинација на четрите природни состојки кои му даваат живот на најдоброто пиво – водата, јачменот, хмељот и квасецот“, дециден е еден од најискусните пивски мајстори во земјата и пошироко.

Изложбата „Уметност и пиво“ на Пивара Скопје, поставена во автентичниот простор на „Порта Македонија“, ќе биде отворена за сите заинтересирани посетители во перидот од 10-ти јуни до 10-ти јули оваа година. Во идина се планирани и други слични изложби, кои ќе ја вклучуваат и целокупната уметничка колекција на Пивара Скопје.

Полна чаша на Instagram