Животна средина

САКАМЕ СЕКОЈ ГРАЃАНИН ДА СЕ ЧУВСТВУВА НЕПРИЈАТНО АКО НЕ СЕЛЕКТИРА ОТПАД

Животна средина

Сигурно барем еднаш секој од вас забележал една од таблите поставени пред повеќе кафулиња, ресторани и продавници низ Македонија, кои ве потсетуваат дека рециклирањето е ваша обврска со која си помагате себеси, но и на планетата Земја. И во тие моменти сте наишле на името „Пакомак“, македонскиот синоним за рециклирање и здрава животна средина. Станува збор за непрофитната компанија која управува со отпадот од пакувања, а чија единствена цел е зачувување на околината и обезбедување поздрав живот. Всушност, главен иницијатор за нејзиното основање беше токму Пивара Скопје.
Се сретнавме на пиво во „Круг“ со првиот човек на „Пакомак“, Филип Ивановски, и разговаравме за целите, акциите, соработниците и идеалите на „Пакомак“, но и за еколошката свест во Македонија.

Што е „Пакомак“ и која е неговата улога во општеството?

Filip-Pakomak„Пакомак“ е непрофитна компанија основана од 11 големи македонски компании, со основна цел да организира систем за одделно собирање и рециклирање на амбалажниот отпад од производите на овие компании, но и на сите други кои сакаат да се вклучат како членови на системот на „Пакомак“. Согласно со законот за отпад од пакување, „Пакомак“ е колективен постапувач со отпад од пакување. Доверба во нашиот систем да управуваме со нивниот отпад од пакување досега ни дале над 760 компании од земјата. Вкупно во Македонија годишно се создаваат околу 105.000 тони отпад од разни пакувања, а само компаниите кои се наши членови годишно пуштаат на пазарот над 42.000 тони отпад од пакување и го финансираат нашиот систем за собирање на тој отпад.  Минатата година собравме над 11.000 тони отпад од пакување, пред сè, пластика, хартија и стакло, а за 2015 планираме да собереме и да рециклираме над 15.000 тони отпад од пакувања или над 35% од тоа што компаниите-членки на „Пакомак“ го создаваат како отпад. До 2020 тој процент планираме да биде над 60%. Тоа би значело дека од 100 испиени шишиња  од некој производ, 60 шишиња „Пакомак“ ќе собере преку својот систем и ќе ги однесе на рециклирање наместо да завршат на депонија. Наша улога е заедно со општините да ја подигнеме јавната свест кај населението за потребата од селекција и рециклирање на отпадот, но, секако, и да поставуваме садови за селекција на отпадот за граѓаните да имаат реална можност тоа да го прават и да организираме редовно собирање и негов понатамошен третман.

Од ден на ден станува повеќе од јасно дека животната средина е во опасност. Колку е важно да се рециклира и колку се практикува тоа кај нас?

Filip-PakomakМожеме и мораме многу повеќе во тој дел. Несоодветното управување со отпадот може да има долгорочни последици врз здравјето на цели народи. Тука не мислам само на отпадот од пакување, туку и на останатите фракции кои се и многу поопасни (батерии, електронски отпад, отпадни масла, гуми, токсичен, медицински отпад итн.). Повеќето од нас не се свесни дека несоодветно згрижениот отпад порано или подоцна ни се враќа во синџирот на исхрана и тивко и полека нè уништува.

Со селекцијата на отпадот од пакување и неговото рециклирање се штедат, пред сè, природните ресурси и енергија. Ние и во нашите комуникациски пораки кон граѓаните ги нагласуваме бенефитите од рециклирањето: еден тон собрана и рециклирана хартија е еднакво на зачувување 17 просечно големи дрвја, а се штедат и десетина кубни метри вода. Еден тон собрана и рециклирана ПЕТ-амбалажа заштедува 900 литри нафта, а енергетските заштеди поради намалено процесирање се исто така значителни. Во Македонија има капацитети за преработка на пластичен отпад, како ПЕТ-шишиња, најлон и тврда пластика.

Како би го оцениле нивото на еколошката свест во Македонија? Каде сме во однос на другите?

Filip-Pakomak„Пакомак“ секоја година прави истражување на јавната свест за селекција на отпадот и дојдовме до заклучок дека има пораст од година на година. Сепак, далеку сме од земјите во кои овој процес е почнат пред повеќе од 20 години и селекцијата на отпадот е нормална граѓанска обврска и рутинска навика. Наша цел е да се приближиме кон тоа ниво на еколошка свесност и да го направиме селектирањето граѓанска навика. Едноставно, сакаме секој граѓанин да се чувствува непријатно или „шубе“ (поради еколошките вредности кои ги изградил) ако не го селектира отпадот. Ние  изминативе три години сме фокусирани на еколошка едукација на децата од основните училишта бидејќи тие имаат сè уште неизградени навики и ставови и се најотворени за прифаќање на селектирањето како граѓанска должност.

Што треба да знаат големите компании за амбалажите на нивните производи и како можат да придонесат за „позелена“ околина?

Filip-PakomakЗаконот за управување со пакување и отпад од пакување е во сила од 1 јануари 2011 и сметаме дека сите компании се запознаени со обврската дека треба да финансираат систем за собирање и рециклирање на амбалажниот отпад од своите производи. Најекономична опција за компаниите е членство во компанија – колективен постапувач како „Пакомак“. Најлесен начин еколошки да придонесат кон околината е да плаќаат соодветен надомест по тон создаден отпад кон „Пакомак“ или кон фирми со иста дејност. Сепак, недоволните финансии кои се собираат се главната пречка за побрзо ширење на комуналната инфраструктура за селекција на отпадот од пакување и за поголеми кампањи за јакнење на јавната свест.

Колку домашните производители ги користат услугите на компаниите од вашиот домен?

Filip-PakomakВо Македонија околу 1.100 компании управуваат со својот отпад од пакување во некој колективен постапувач. Од тоа, над 780 компании тоа го прават во системот на „Пакомак“ и нè перципираат како најсериозни и најпрофесионални во она што го работиме. Соработуваме со над 20 општини низ земјата и се обидуваме на секој начин да ги поместиме работите нанапред. За жал, сè уште има значителен број компании кои не се членови на ниту еден систем за управување со отпад, но, сепак, пуштаат на пазарот над 40% од вкупно создадениот отпад од пакување. Овие компании не финансираат ниту еден денар за собирање и рециклирање на сопствениот амбалажен отпад. Веруваме дека со градење одговорни и еколошки свесни граѓани, ќе влијаеме и на постоечките менаџери на тие компании да се приклучат кон нас или кон другите колективни постапувачи со отпад од пакување. Сепак, тоа е задача и на институциите задолжени за примена на Законот за отпад од пакување и веруваме дека во следниот период тој број на компании ќе биде под 8%, како што е во европските земји.

Како може граѓаните најлесно да се информираат за процесот на рециклирање и зачувување на околината и колку се работи на такви информативни настани кај нас?

Filip-PakomakНие во „Пакомак“ се обидуваме по многу канали на комуникација да ги информираме граѓаните за нужноста од селекција на отпадот и негово рециклирање. Со принт-објави во печатени медиуми, радиопораки, директна пошта со сметките за комуналии, летоци по сандачиња итн. Присутни сме и на многу настани, но и самите организираме разни промотивни активности во синџирите на супермаркети, акции за собирање отпад од пакување (хартија и стакло), во училиштата и градинките држиме едукативни часови и поставуваме садови за селекција, ги брендираме со еко-пораки локалите низ Скопје и ја собираме стаклената амбалажа од нив. Секоја година традиционално во јуни организираме „Sound of Green“, фестивал на кој како влезница е потребно да се донесат 3 празни пластични шишиња, а во ноември имаме конкурс „Trash for Art“ на кој добиваме над 200 дела од поединци и училишта изработени од отпад од пакување. Се обидуваме со разни настани и активности да допреме до секој сегмент од населението бидејќи селекцијата на отпадот треба да е навика на секој граѓанин на Македонија. Набрзо ќе почнеме со емитување и на три едукативни ТВ-спота кои ќе одат бесплатно на повеќе национални и локални телевизии. Преговараме за бесплатно емитување и на повеќе радија, а истовремено и за билборди, што може да излезе една пристојна кампања за подигање на јавната свест.  Напоменувам дека сите овие емитувања ќе бидат бесплатни бидејќи имаме скромен буџет, но имаме разбирање кај медиумите за нашата дејност која е од непрофитна природа, а е за бенефит на општеството. Во исто време со кампањата, заедно со Градот Скопје и „Комунална хигиена Скопје“, ќе ги поставиме низ градот и новите контејнери за селекција на отпад со што ќе создадеме нови можности за граѓаните да го селектираат својот отпад дома.

Kолкава е ангажираноста и улогата на Пивара Скопје во овој сегмент?

Filip-Pakomak„Пивара Скопје“ е основач на „Пакомак“ и главен иницијатор за неговото формирање. Пивара Скопје е меѓу нашите 5 најголеми клиенти со свој претставник во Надзорниот одбор на „Пакомак“. Секогаш наидуваме на поддршка за нашата работа и бараме начини за заеднички проекти. Всушност, „Пакомак“ работи по моделот на Австрија која е на врвот на ЕУ по стапката на рециклирање на отпадот од пакување. Иако нашиот менталитет и еколошки  навики се разликуваат од австриските, сепак сметам дека сме на добар пат да фатиме чекор со современите трендови во управувањето со отпад. Треба само истрајност и креативност, а несебичното вложување на целиот тим на „Пакомак“ мора да даде позитивен резултат!

 

 

Полна чаша на Instagram