КАКО ДО УСПЕШНА ИНТЕРНАЦИОНАЛНА КАРИЕРА?

Димитар Андонов е вработен во The Coca-Cola Company како главен менаџер на франшиза одговорен за српскиот, црногорскиот, македонскиот и косовскиот пазар. Во The Coca-Cola Company е веќе 16 години и има работено во различни земји, покривајќи различни аспекти од работата, а моментално работи во Белград. Имавме можност и задоволство да разговараме со Димитар за неговото искуство, работата во Тhe Coca-Cola Company и неговиот пример на градење на успешна меѓународна кариера во една од најуспешните компании во светот.

Дали би можеле да ни кажете нешто повеќе околу Вашето детство?

Untitled-2-1Роден сум и израснав во Скопје. Татко ми е машински инженер, а мајка ми е учителка, така што можам да кажам дека во мене се измешани две влијанија, на уметноста и науката. Имав среќа да ја наследам љубопитноста и вечната жед за учење од мајка ми, како и уживањето во решавањето на сложени проблеми и желбата за постигнување резултати од татко ми. Исто така, имав среќа најголем дел од моето образование да го поминам во мултикултурна средина, од средните училишта кои ги носат имињата на двајца народни херои (Никола Карев и Зеф Љуш Марку), па сè до мојот студентски престој во еден од највозбудливите и најмултикултурни градови во САД, Њу Орлеанс. Тоа што израснав во такви средини ме научи уште од рани нозе дека треба да се слават разликите, да се почитува моќта на инклузивноста и важноста на довербата.

Како всушност се вработивте во Тhe Coca-Cola Company и како напредувавте?

Untitled-2-1Откако ги завршив дипломските студии по маркетинг во САД, се вратив дома за летниот распуст без притоа да имам намера да се вратам да живеам во Скопје. Во текот на распустот, родителите го видоа огласот за бренд менаџер објавен од новото претставништво на The Coca-Cola Company во Скопје и ми предложија да се обидам. Секако, за еден штотуку дипломиран студент, тоа беше остварување на сонот. Полн со ентузијазам и решителност, се пријавив за работното место и бев вработен, а потоа имав огромна среќа мојот прв шеф да биде еден од најуспешните менаџери во системот на Coca-Cola. Една и пол година подоцна, ми беше понудено унапредување и можност да работам во претставништвото во Бугарија, каде ги водев брендовите Coca-Cola и Coca-Cola Light. Таму бев 2 и пол години, како дел од одличен тим составен од големи професионалци. Потоа, се префрлив во нашата регионална канцеларија во Белград, од каде управував со операциите на компанијата во рамки на новите и брзорастечки пазари во Македонија и Косово. Во 2006 година, бев преместен во Сараево, каде пак раководев во операциите во рамки на босанскиот пазар, а во 2008 година, откако го купивме српскиот бренд за овошни сокови, Фреш&Ко (Fresh&Co), бев назначен за маркетинг менаџер. Од 2010 година, работам во Белград како главен менаџер на франшиза и сега сум на чело на еден од најуспешните тимови во системот на Coca-Cola кој ги покрива пазарите во Србија, Црна Гора, Македонија и Косово.

Дипломиравте во САД, а благодарение на Вашата работа сте живееле на различни места на Балканот. Можете ли да ни кажете како сето тоа Ви помогна да ги проширите своите хоризонти?

Untitled-2-1Секогаш на новите млади колеги им кажувам дека секој човек е побогат во животот доколку има повеќе искуства зад себе. Мојата мобилност во текот на образованието и подоцна во текот на работењето, ми отвори нови и ми ги прошири перспективите и секако ми овозможи да дојдам во контакт со различни култури, гледишта и луѓе од кои научив многу и сето тоа ми помогна да станам она што сум денеска.

Можете да ни кажете кои се Вашите три најголеми постигнувања во текот на Вашата работа во Тhe Coca-Cola Company на кои се гордеете?

Untitled-2-1Во мојата 16 годишна кариера во Coca-Cola, доживеав голем број моменти за кои сум исклучително горд, меѓутоа би сакал да истакнам неколку кои имаа големо влијание не само на нашиот бизнис, туку и на самата заедница каде што работиме. Секогаш верувам дека нашиот бизнис може да напредува само доколку напредуваат заедниците во кои работиме и токму затоа сакам да го истакнам признанието за одржливост кое нашиот систем го доби минатата година во Србија. Со оваа награда им се оддаде признание на следните напори: Прво, зачувувањето на водните ресурси кои се клучни за нашиот бизнис. Заедничкиот проект во Горно Подунавље со Светската фондација за природа (WWF) со кој се покрива целокупното користење на водата од страна на претставништвата на Coca-Cola во Европа, со цел постигнување на нашата глобална амбиција до 2020 година за постигнување на рамнотежа меѓу потрошената и надоместената вода (надоместување во природата на количини вода еднакви на оние кои ги трошиме при производството на нашите пијалаци). Второ, отворањето на постројка за пакување за нашиот бренд на вода ROSA со цел намалување на влијанието врз животната средина, и на крај, донирањето од страна на нашиот систем на средства од преку 1,1 милиони долари и преку 70.000 работни часа волонтерска работа од страна на нашите вработени со цел на регионот да му се помогне по тешките поплави кои го зафатија во 2014 година.

Сите овие признанија се силен доказ за тоа дека бизнисите може значајно да придонесат во заедницата и токму поради тоа сум исклучително горд што сум дел од оваа компанија и секако тие се клучен извор на инспирација да продолжиме да вложуваме напори за градење на посветла и поодржлива иднина за сите нас.

Кои се најважните вештини кои еден вработен треба да ги има за да успее и напредува во една толку успешна компанија како The Coca-Cola Company?

Untitled-2-1Со таа дилема се соочувам секогаш кога интервјуирам нови кандидати и она што го заклучив со текот на годините е дека секогаш треба да се бара човек со вистински вредности/карактер и став, а не да се инсистира на техничките вештини, затоа што тие лесно може да се научат. Јас верувам дека доколку луѓето сакаат да напредуваат во својата кариера, никогаш не треба да го изгубат чувството за љубопитност, за да можат постојано да бидат иновативни, да ги инспирираат другите за да можат да бидат лидери, да бидат инклузивни со цел да согледуваат различни перспективи, и на крај, да го прават она што го бараат од другите, со цел да одржат високо ниво на интегритет.

Што за Вас е најдобриот дел од работењето во The Coca-Cola Company?

Untitled-2-1На еден од ѕидовите на нашата канцеларија во Белград е напишана мисијата на нашата компанија: Доаѓаме на работа секој ден за да му понудиме освежување на светот, да инспирираме оптимизам и да влијаеме позитивно врз сите оние со кои работиме. Нели е ова доволна инспирација?

 

Полна чаша на Instagram