ЗАВРШИ СЕДМАТА ПО РЕД ШКОЛА НА МЛАДИ ЛИДЕРИ ПОД ПОКРОВИТЕЛСТВО НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ЃОРГЕ ИВАНОВ ПОДДРЖАНА ОД ПИВАРА СКОПЈЕ

Со свечено доделување на сертификати на сите учесници, заврши седмата по ред Школа за млади лидери која, под покровителство на претседателот Ѓорѓе Иванов се одржа во Охрид од 16-ти до 26-ти август. Годинава во школата земаа учество 45 млади луѓе, кои имаа можност да учат за вештините на лидерството од 28 реномирани предавачи од престижни образовни и професионални институции од Македонија, Европската унија, САД, Австралија и Египет.

 

Школата за млади лидери под покровителство на претседателот Иванов за првпат беше организирана во 2010 година, со цел да се стимулираат позитивните вредности кај младите лидери и идни политички, културни и економски предводници на нашата земја, но и да се развие нивниот капацитет за справување со предизвиците на глобалната технологија, меѓународната конкуренција и културната и религиска диверзификација.

 

Школата е наменета за млади луѓе со завршено високо образование кои имаат желба да ги развиваат своите лидерски вештини и капацитети и да придонесат за идниот позитивен развој на општеството и околината во која живеат и работат.

И оваа година, Пивара Скопје ја поддржа Школата за млади лидери препознавајќи ги вредностите на овој проект и огромното значење на професионалната надградба на младиот потенцијал во државата.

Пивара Скопје е пионер во едукација на млади менаџери. Веќе 19 години, Пивара Скопје го реализира проектот  “Обука за млади менаџери”, која досега ја поминале повеќе од 3800  млади луѓе од кои голем дел од нив биле невработени или на почетокот на својата кариера. На повеќе од 80% од учесниците оваа програма им помогнала да најдат работа, а околу 4% од нив ги охрабрила да започнат сопствен бизнис. Од годинава Пивара Скопје ја спроведува и програмата “Вештини за успех” која е екстензија на проектот за едукација и има за цел  да го поттикне претприемачкиот потенцијал и да ги зголеми знаењето, вештините и мотивацијата на младите за тие полесно да  најдат работа.