Активен живот

АЕРИАЛ СЛИНГ- СПОЈ НА ТАНЦ, АКРОБАТИКА И СПОРТ

Активен живот

 

Aerial Sling е млада, атрактивна и помалку позната дисциплина. Тоа е танц, акробатика и спорт за кој ви е потребно желба и специјализирано платно. Вежбите се изведуваат во воздух со помош на платното кое е главен реквизит. Па најверојатно и оттаму името Аериал (воздушно) Слинг (вртење). Лично повеќе ми се допаѓа симболичкото значење на називот Aerial– имагинарно, замислено вртење.  За да вежбате Aerial Sling, претходна физичка подготвеност не е неопходна, затоа што целта, меѓудругото, е преку континуирани и постепени тренинзи во комбинација со правилно консумирање на храна и течности, да се дојде до одлична форма.

Приказната на овој тип дисциплина започнува во Франција во осумдесетите години од минатиот век. Циркусот се заситува од стандардните точки и изведби и е жеден за нови перформанси. Во тој момент се појавува жена – иноватор со едно платно во рака, подготвена својата идеја да ја преточи во реалност. Токму тука се зачетоците на воздушната акробатика или на Aerial Silk дисциплина која претходи на Aerial Sling-от и Aerial Yoga-та кои денеска имаме можност да ги практикуваме и кај нас во Македонија. Можеби се прашувате која е разликата помеѓу овие три сродни дисциплини. Всушност, ризликите се во нијанси. Во Aerial Silk се користи платно, при што само едниот крај е закачен на кука, додека кај Aerial Sling и Aerial Yoga, платното е закачено со двата краја на една или две куки. Разликата пак, помеѓу Aerial Sling и Aerial Yoga е тоа што Aerial Sling бара поголема енергичност и содржи поголем степен на акробатика, додека Yoga-та се концентрира повеќе на рамнотежата и балансот помеѓу умот и телото.

Слингот како хибридна дисциплина од спорт и уметност носи многу предности од физичка, психичка и емоционална природа. Покрај тоа што ги зајакнува сите мускули, ја подобрува флексибилноста, влијае на поврзување на умот со телото, го подобрува чувството за ориентација и баланс и ве ослободува од стравот. Бара смиреност, трпеливост, прецизност и креативност. Ја подобрува самодовербата и активноста во секојдневието, а со тоа го зголемува и хормонот на среќа, ендорфин и го подобрува начинот на живот. Оваа дисциплина која се карактеризира со елеганција, енергичност и физичка подготвеност е опис кој ѝ прилега и на современата жена.

Сосема е кул и заводлива идејата дека правите некои чудни движења со телото одвоени од земја, единствено потпирајќи се на сопствените мускули и платното. Но,  континуитетот и упорноста е она што е потребно за да можете да ги совладате вежбите, кои на почеток изгледаат неизводливи и тешки.

Секако, тука клучен фактор е и разновидната исхрана и постојаното хидрирање на телото кои треба да биде во склад со вежбите. Два часa пред тренингот не се препорачува да се јаде, но затоа 250ml вода, чај или друга течност ќе ја одржат виталноста и флексибилноста на телото. Умереноста е клучот за постигнување успех!

Можеби досега не сте знаеле, но овие две кул дисциплини кои го освоија светот, се вежбаат и кај нас, со засега единствен сертифициран инструктор – Маја Крстевска. Затоа ако сакате да бидете уникатни, фит и да практикувате здрав начин на живот, тимот на Aerial Sling и Aerial Yoga можете да го најдете во Pole People Skopje студиото.

 

Полна чаша на Instagram