Ние и заедницата

НАЈВАЖНО Е ДА ИМАТЕ СВОЈ СОПСТВЕН ИДЕНТИТЕТ И ДА ОСТАНЕТЕ ВЕРНИ НА СЕБЕ НА ПАТОТ КОН УСПЕХОТ

Ние и заедницата

Бранка Славеска e на листата од топ 150 сениор-менаџери во HEINEKEN на глобално ниво. Нејзината приказна за успех е инспирација за многумина. Како жена и мајка таа ни раскажува како успева да ја има нејзината кариера од соништата, а воедно и да има среќно семејство кое што ја поддржува во сите одлуки.

Кажете ни за вашите почетоци.

branka_slaveska

Веројатно беше една од најстудените зими на која се сеќавам во Македонија. Битола, 1999 година, температурата беше 26 степени под нулата, со снег повеќе од 1 метар, а автомобилите не можеа да запалат. Одам од хотелот кон дистрибутивниот центар каде што камионите кои вршат дистрибуција се загреваа пред почетокот на работниот ден. Се подготвуваме да тргнеме да ги дистрибуираме производите, а мене ме распределија во старата „застава 640“ од 1980 година. Се качувам во камионот и седнувам помеѓу возачот и товарачот, подготвувајќи се да започнеме со посети на продавниците и да продаваме Coca-Cola и СКОПСКО, кога во еден момент слушнав: „Нема да ја биде…“

Тоа беше првата работна задача во текот на пробниот период на една девојка, машински инженер, која почнува кариера во компанија за производи за широка потрошувачка како унапредувач на пазарот.

Родена сум и порасната во Скопје, во работничко семејство, во најтурбулентниот период од поновата историја, така што промените и потребата за приспособување не беа ништо ново за мене. Секогаш кога ќе си помислев „отсега натаму ќе биде полесно“, ќе се најдев себеси соочена со ново, непознато искуство. Секој предизвик го прифаќав како нова прилика, нова можност за ново искуство. Соочена со животни проблеми насекаде околу себе, си ветив себеси дека ќе ја искористам секоја можност која ќе ја добијам со страст и желба да учам и да се развивам.

Такви беа деведесеттите. Во средина во која повеќе од 40% од младите под 29 години беа невработени, немаше што многу да се размислува. Важно беше да се добие можност да ги покажете вашите вештини и да искористите колку што е можно повеќе. Додека „ја чекав мојата шанса“, продавачите на цвеќе на главниот плоштад во Скопје ми станаа колеги. Одеднаш страста за цвеќињата и независноста се претворија во мало претприемачко искуство. Продажбата на цвеќе стана мој извор на средства како студент, а уметноста на продажбата моја скриена страст.

Каде ја почнавте кариерата, како се вработивте во HEINEKEN и како напредувавте?

branka_slaveska

Еден оглас за работа на кој се бараше лице за унапредување на пазарот во Пивара Скопје засекогаш ми го смени животот. По пет круга на интервјуа и избори, конечно ја добив мојата можност. Во тој момент, како никогаш пред тоа, сè зависеше од мене. Да ви се даде шанса во една од 10-те најдобри компании во Македонија, компанија која нуди динамичен животен стил, патување и можност за постојано учење и развој во меѓународна околина беше можноста за која секогаш сонував. И, почнав да го живеам сонот наречен Coca-Cola и СКОПСКО.

Но овој сон носеше предизвици и возбудувања, подеми и падови. Ден по ден, со текот на времето, дистрибутивното возење во Битола се претвори само во една капка во морето настани и анегдоти. Со секој нареден потег, со секој нареден предизвик, мојот куфер од искуства се полнеше, но секогаш имаше доволно место за уште едно ново искуство. Куманово, Кавадарци, Струмица, Охрид, Тетово, Скопје, Комерцијалниот сектор, Секторот за човечки ресурси, беа само некои од многубројните станици на тоа патување.

Со завршувањето на студиите по извршна МБА при универзитетот „Шефилд“, започна уште една фаза во моето образование. По неколку години одлично искуство во Пивара Скопје, а потоа во Винаријата Тиквеш, мојата приказна поврзана со HEINEKEN почна во регионалното седиште во Виена. Бев поканета да ја преземам функцијата на менаџер за развој на канали за HEINEKEN за Централна и Источна Европа. Таа покана беше „билет во еден правец“ кон непознатото. Сама, без топлината на родната земја, резултатите кои требаше да ги покажам беа единственото нешто што ме водеше напред. Она што го продолжи мојот билет беше напорната работа и постојаната заложба. Така, наредната станица беше Минск, Белорусија. Гледајќи единствено на позитивните аспекти на секоја од моите работни задачи, за мене Белорусија стана земја на успех како директор за продажба, што ми го отвори патот кон новиот чекор во мојата кариера, Москва, Русија, каде што работев неколку години во 10 временски зони како извршен директор за продажба во областа на ХоРеКа каналот на ресторани и барови и трговскиот маркетинг. Лондонската бизнис-школа и извршните образовни програми на ИНСЕАД (Institut Européen d’Administration des Affaires) само придонесоа за тоа да станам првата жена од поранешните југословенски земји која била поканета да ја извршува позицијата на извршен директор во HEINEKEN во Хрватска.

Во текот на вашата досегашна кариера сте живееле и сте работеле во сосема различни земји со прилично различни деловни средини. Можете ли да ни кажете како ви помогна сето тоа да научите нешто повеќе?

branka_slaveska

Светот е полн со прекрасни луѓе и можности и може да ви понуди фантастични искуства. Токму затоа секогаш велам дека сум имала огромна среќа да ми биде дадена шанса да изградам кариера во вистинска меѓународна средина. Секој дел од светот има свои убавини и дефинитивно, работењето во различни земји несомнено е вистинско животно искуство. Дојде до промена на начинот на кој размислував. Толеранцијата и почитта кон различностите се претвори во секојдневна навика, начин на живот. Живеејќи во странство, подобро разбирате што е она што треба да го цените и во вашата земја, учите да ги почитувате своите луѓе повеќе од претходно. Затоа што живеењето во странство е онолку совршено колку што е и живеењето дома – не постои совршенство, само е поразлично. И, сè се сведува на тоа колку од можностите што постојат успевате да уловите. Ако, покрај тоа, успеете и да научите странски јазици, тоа е дефинитивно конкурентна предност. Со тоа што одлично го научив рускиот јазик, а подоцна и хрватскиот, подиректно можев да ја искусам мојата средина. Позитивниот начин на размислување е исто така од помош, затоа што секогаш го гледам она што е позитивно и убаво.

Почитувањето на локалните правила и стандарди, како и познавањето на локалниот јазик го олеснуваат животот во странство. Без разлика колку далеку или колку блиску е една земја од вашиот дом, неизбежно важно е да се покаже исто почитување и да се има отворен ум. Кога големите брендови стануваат дел од тоа патувања, повеќе од сигурно е дека душата на нацијата станува дел од вашето срце. Така, „Карловачко“ и Хрватска ќе имаат простор веднаш до СКОПСКО и сите големи брендови на кои сум работела досега.

Кои се клучните вредности и вештини што ги применувате секојдневно со цел да бидете успешни колку што, всушност, сте во улога на сениор-лидер во HEINEKEN?

branka_slaveska

Од големите лидери во HEINEKEN се очекува да ги вградуваат вредностите на компанијата во сè што работат. Тоа значи да не се прифати ништо друго освен квалитет и постојано да се поместуваат личните граници- да се биде флексибилен, подготвен за промена, постојано да се инвестира во личниот и професионалниот развој. Разбирањето на пазарот, брзо реагирање и развој на тимови, нивно градење врз основа на добра соработка и доверба, давајќи им доверба и моќ да ги постигнат поставените цели со успех и уживање, се суштинските елементи на секој добар лидер.

Имав среќа да добијам можност за развој и учење. Во мојата кариера, имав среќа да работам со одлични лидери, кои имаа храброст да им дадат можност на нови луѓе, лидери кои имаа навистина значително влијание врз мојот личен и деловен развој.

Секој сениор-лидер има можност да биде дел од нечиј сон, да биде ментор и водач, поддржувач и предизвикувач, инспирација и пример, лидер и колега. Од суштинска важност за целокупниот тим и компанијата е да му се даде шанса некому да расте и да се развива. Од секој сениор-лидер во HEINEKEN се очекува да соработува врз основа на доверба при својата работа како претприемач, секогаш ставајќи ја безбедноста на прво место. Едноставноста и постојаното учење со цел подобрување е она што ги става сениор-лидерите во позиција на главен поддржувач, а не контролор на своите тимови.

Кои ви се најголемите постигнувања во текот на работата во HEINEKEN со кои се гордеете?

branka_slaveska

Најважно е да имате свој сопствен идентитет и да останете верни на себе. За жал, денес на жените им се дава избор: да го посветат животот на семејството или да ја изберат својата кариера. Јас сум една од оние кои се обидуваат да постигнат правилна рамнотежа меѓу овие два аспекта. Моето семејство и нивното големо разбирање и поддршка се клучен извор на мојата енергија.

Тоа што влегов во кругот на топ 150 сениор-менаџери во HEINEKEN на глобално ниво е дефинитивно моето најголемо постигнување со кое сум многу горда. Како што споменав претходно, сето тоа е резултат на многу години напорна работа, страст за квалитет и заложба, и токму затоа речиси е невозможно да издвојам еден единствен успех. Горда сум што можам да кажам дека сум среќна и целосно исполнета и на личен и на професионален план и тоа што, сепак, успеав да ги задржам моите лични карактеристики. Сето тоа е резултат на многубројни големи постигнувања.

Според вас, каква е улогата на жените во подобрувањето на родовата еднаквост во деловната средина и, од друга страна, што можат, пак, мажите да направат за да придонесат?

branka_slaveska

Жените и мажите можат еднакво да придонесат за подобрување на родовата еднаквост во деловната средина. Родовата нерамнотежа која ја гледаме денес е претежно резултат на културата во која улогите се утврдени онака како што се. Токму затоа, подобрувањето на родовата еднаквост е процес во кој предрасудите треба да останат зад нас. Она што е важно е квалитетот на личноста. Без оглед на полот, во процесот на селекција, за секој работодавач се најважни вештините, компетенциите и општествената интелигенција која е во согласност со компаниската култура. Сè почнува од тука. Мило ми е што во тој поглед се чини дека има доста добар напредок. Компаниите денес се заинтересирани единствено за успех и ги избираат најдобрите кандидати, без оглед на нивниот пол. Како глобална компанија, HEINEKEN е одличен пример за промоција на овој начин на размислување. Од компанија во која пред десетина години доминираа, првенствено, мажи, денес прерасна во компанија во која има голем број успешни жени сениор-лидери кои се наоѓаат на клучни позиции насекаде низ светот. За да го постигне тоа, HEINEKEN се заложи во глобалната стратегија активно да работи на различноста и развојот на таленти.

Меѓутоа, структурни промени се потребни во она што се случува во општеството и особено во семејната средина. Како што споменав и претходно, за жал, од жените се очекува да изберат: да го посветат животот на семејството или да изберат кариера. Токму затоа компаниите, јавноста и владините институции треба да се стимулираат со цел да постават свои цели за родова еднаквост. Важно е да се изврши приспособување на законодавството со цел мажите да имаат своја улога во семејството (на пример, татковско отсуство, боледување во случај на болно дете итн.).

Пример сте за деловна жена која успеала во сè: да има среќно семејство и успешна кариера.  Како успевате да воспоставите рамнотежа?

branka_slaveska

Мислам дека е важно да живеете онаков живот каков што сакате и каков што сте избрале. Јас го живеам мојот избор. Тоа исто значи дека да успеете во сè не значи секогаш да се има доволно од сето она што ви треба. Поради природата на мојата работа и честите деловни патувања, понекогаш не поминуваме онолку време заедно како семејство колку што би сакала, меѓутоа секогаш ја имам нивната поддршка и разбирање, а тоа ми е најважно.

Сè е можно кога верувате во себе. Поставете си цели и упорно следете го својот пат.

Полна чаша на Instagram