Ние и заедницата

СЕМЕЈСТВО СО ИСТОРИЈА: УЧЕСТВУВАЛЕ ВО ПРАВЕЊЕТО НА ЦРЕШОВОТО ТОПЧЕ И БОЧВИ ЗА ПИВАРА СКОПЈЕ

Ние и заедницата

Кога ќе отидете во Крушево, кого и да прашате од старите Крушевчани, секој со гордост во гласот ќе ви раскаже по нешто за своите славни претци од Илинденска епопеја и нивната борба за слобода и опстојување на Македонскиот народ. Дедо Миле е внук на славниот бочвар Тале Кукун кој заедно со ковачот Тодор Тода Борјар и уште неколку вредни качари и колари го изработиле славното црешово топче, еден од најзначајните симболи на македонската револуционерна борба.  Дедо Миле вели: “така како што татко ми раскажуваше пред мене и татко му пред него така и и јас ти раскажувам”:  “За изработка на топовите ги земале најдебелите и најправите трупци од дрвото. Трупецот се длабел за да се добие форма на цевка. Но денот на востанието бил се поблиску, трупците морале да ги наредат набрзина да се сушат на жешкото летно сонце, па суровите црешови трупци им распукале. Позачуваните трупчиња ги засолниле под сенка, од кои уште недосушени, направиле три црешови топчиња. За да се зголеми отпорноста топовите ги зацврстувале со железни обрачи исто како и на бочвите. Ги полнеле со крупен барут, а во недостаток на челични ѓулиња како муниција користеле клинци и метални кантари за мерење.” Во споредба со османлиските воени топови нашето речиси и да немало позначајна огнена моќ, но сепак го охрабрило народот да ја изрази неговата непокорност и да испрати силна порака за подготвеноста за борба на македонскиот народ без оглед на далеку поголемата воена надмоќ на противникот. Единственото црешово топче кое го преживеало востанието е она што во 1903 турскиот аскер го заробил по битката со востаниците кај месноста Слива, Kрушевско, откако цела востаничка чета загинала бранејќи го населението од Крушево. Тоа црешово топче како воен трофеј е пренесено во Воениот музеј во Истанбул и таму се наоѓа до денес.

Бочвите на семејството Талески служеле и за пренос на барут за потребите на партизаните. По Втората светска војна тие продолжиле да изработуваат бочви кои наоѓале широка примена за зреење и транспорт на пивото, за чување на ракија, месо, масло, брашно, сол, шеќер. Дедо Миле се сеќава: “Тогаш со татко ми имавме многу нарачки од 50 и 200 литарски бочви за пиво. За пивото го бичевме благунот и до 15cm за да го издржи притисокот  на пивото додека се складира. Бочвите ги товаревме на коњски коли и поради временските неприлики транспортот можеше да биде и неколку дена. Во тоа време дури и гостилниците имаа специјални направии за пумпање на пивото од бочвите. Според дедо Миле “Скопско” тогаш имало посебен шмек бидејќи транспортот до Пивара Скопје бил исклучиво во дрвени бочви кои пренесувале дел од својата арома и на пивото.

На времето, раскажува дедо Миле имал и по 6 калфи во дуќанот кои тука го изучувале занаетот. Ако сакале да отворат свој дуќан, морале да полагаат мајсторски испит составен од теоретски и практичен дел пред постарите мајстори. Дедо Миле вели добар мајстор сам оди во шумата и лично ги обележува најдобрите стебла. Квалитетни бочви според дедо Миле се изработуваат од дабово дрво благун. Сушењето и обработката на дрвото е посебна мајсторија и долгорочен процес. Дрвото се бичи, се суши две години, прачките убаво се редат во крст.  За изработка на квалитетни бочви по кажување на дедо Миле, Македонија може рамо до рамо да се носи со француското или американското дрво. Малку е познато вели дедо Миле во XVIII век од Македонија се носени дрвени трупци преку Солунското пристаниште за Шкотска за изработка на бочви наменети за славното Шкотско виски.

Денес, занаетот речиси е изумрен и младите не се заинтересирани да ја пренесат оваа вековна традиција. А нарачки има. Сè повеќе луѓе се враќаат на традиционалниот начин на чување во бочви. За среќа, дедо Миле вели голема помош има и од својот син Анастас. Тој е претставник на петтата генерација бочвари во фамилијата Талески и лека-полека го превзема овој занат. Патриотскиот дух кој тече во вените на Дедо Миле и поривот да ја види Македонија независна му донела многу невремиња во неговиот живот. Не зема пензија. Тој вели: “од кога знае за себе ова му е единствена егзистенција и додека го држи снагата ќе работи за своите внучиња кои му се голема радост”.

Полна чаша на Instagram