Концепти и платформи

ВО ПИВАРА СКОПЈЕ ЗРАЧИ ЉУБОВТА НА ВРАБОТЕНИТЕ КОН КОМПАНИЈАТА И ПРОИЗВОДИТЕ КОИ ГИ ПРОИЗВЕДУВААТ

Концепти и платформи

По вокација новинар, по образование историчар, нашиот соговорник Дејан Азески е автор на првата едиција “Историјата на македонската економија” која својата промоција ја имаше на 16 февруари, годинава.  Во првиот дел од едицијата насловен како “Економската историја од антиката до Втората светска војна”, во своето првенче, со сериозен истражувачки пристап, Азески се осврнува на развојот на македонската економија во еден долг временски период од над 2000 години. Поводот за ексклузивното интервју на Азески за Полна Чаша е токму неговиот последен проект во кој посебно место најде и компанискиот профил на Пивара Скопје, благодарение на 93 годишното постоење на компанијата на македонскиот пазар.

Dejan-Azeski-krugНа самиот почеток, од каде идејата за еден ваков проект?

Не е само идеја туку оригинална потреба досега констатирана од многумина пред нас. Факт е дека многу малку знаеме за сопствената историја, а уште помалку или воопшто,  за економската историја. Дополнително во ова време на политичка неизвесност сметам дека едно вакво дело ќе дојде како вистинско освежување за пошироката јавност и ќе придонесе барем малку од јавното внимание да се сврти кон економијата како природна основа на секое здраво општество.

Dejan-Azeski-krugШто всушност претставува едицијата?

Едицијата претставува прв обид во македонската публицистика на едно место да се собере најголем дел од историското знаење поврзано со македонската економија. Станува збор за доста тежок предизвик, со оглед на фактот дека е опфатен период подолг од 2000 години. Нејзината примарна цел и главна порака е да го поттикне претприемничкото чувство кај пошироките маси во земјава. Таа нѐ учи дека нашите предци, кои иако често живееле во многу потешки и понебезбедни услови од нас денес, никогаш не размислувале дали треба да бидат економски активни и да поседуваат свој бизнис. За жал секој нареден ден колективно како општество подзабораваме на економската перспектива, што особено се изразува кај младите луѓе во земјава и тоа мора итно да се смени. Проектите како овој се еден мал обид да се раздвижи македонска претприемничка машинерија.

Dejan-Azeski-krugКолку време работеше на истражување и дали си задоволен од соработката со компаниите чии развој и историјат се опфатени во првиот дел?

Првиот том од оваа едиција активно е работен една цела година. Но тој се базира на материјали, факти и предзнаења прибирани низ цела измината деценија. Што се однесува до компаниите, просто е неверојатно како низ сите овие изминати бурни години нашле време да се занимаваат и со сопствената историја. За поздравување е посветеноста на вработените кон една дејност од која тие лично немаат никаква опиплива материјална корист, а ја работат со полн ентузијазам. Очигледно Македонците покрај тоа што се познати вљубеници во историја, искрено си ги сакаат, и крајно се лојални на своите компании.

Dejan-Azeski-krugПрвиот дел од “Историјата на македонската економија” го опфаќа периодот од антика до Втора светска војна. Дали ќе следи и втор дел кој би го опфатил периодот потоа?

Ќе следат уште два дела од истата едиција кои ќе бидат посветени на социјалистичката планска економија од 1944 до 1990 година и секако вториот дел посветен на транзицијата, приватизацијата и новото време и новите гринфилд успешни приказни. Вториот дел ќе биде издаден на пролет 2018 година, последниот дел една година подоцна.

Dejan-Azeski-krugПроектот го промовираше пред само неколку дена. Какви се реакциите на стручната јавност и воопшто?

Со оглед дека станува збор за публицистичко, а не научно дело стручната јавност не беше и не се најде повикана да реагира, но затоа реакциите од пошироката јавност се крајно позитивни. Секојдневно имам десетици повици од познати и непознати луѓе кои сакаат да го најдат и да го прочитаат ова навистина уникатно дело за македонски прилики.

Dejan-Azeski-krugПивара Скопје е дел од овој мошне значаен проект. Нашата читателска публика сигурно би сакала да знае зошто и која е твојата перспектива на гледање на историјата и развојот на Пивара Скопје?

Пивара Скопје е различна од сите компании во Македонија, а и од  оние во регионот кои јас како долгогодишен економски новинар сум успеал да ги запознаам. Луѓето таму не продаваат пиво, Coca-Cola и други пијалаци, туку нашироко даруваат емоции и вредности. Новинарскиот нагон ме тера да им доловам на читателите дека зад оградите на најпозната македонска фабрика едноставно зрачи некоја посебна љубов на вработените кон компанијата и производите кои ги произведуваат. Далеку од тоа дека сѐ функционира совршено и дека истите тие вработени не се соочуваат со предизвици како и во секоја друга фирма. Но генерално гледано таа позитивна хемија на релација компанија – вработен е на многу повисоко ниво од другите места. Е сега кога сето ова погоре кажано успешно функционира повеќе од девет децении сосема е јасно зошто портфолиото на Пивара Скопје, меѓу другите, има бренд од рангот на СКОПСКО со кој се гордее секој Македонец и секако, најпознатиот безалкохолен пијалак на светот, Coca-Cola.. Значи, ако ме прашувате што е најзначајното нешто што го направила Пивара Скопје во скоро еден век историја, тоа секако не се милионските бруто или нето приходи и профити. Пивара Скопје нашла формула да биде сакана како однатре од вработените така однадвор и од широките народни маси. И тоа е она најзначајното кое просто нема цена.

Dejan-Azeski-krugГледано од идна временска дистанца, колкава е вредноста на еден ваков проект?

Ќе мора да оставиме на идната временска дистанца да ни го даде одговорот на ова прашање. Едицијата може да има огромна вредност ако потикне барем минимален ефект и интерес во јавноста. За ова да се оствари потребни се големи залагања таа да стигне до што поширока читачка публика. Од друга страна многу е веројатно дека таа нема да има апсолутно никаква вредност ако нејзините примероци се заборават по правливите полици на неколку фирми низ Македонија. Ако се знае дека за да се напише и најпроста книга потребни се стотици и илјадници непреспиени часови, јасно дека не постои категорија на лоши книги. Но факт е дека во Македонија илјадници такви добри книга остануваат непрочитани, а нивното знаење неискористено. Затоа во 21 век очигледно не е предизвик да се напише книга туку нејзините пораки да се пренесат до оние за кои се вистински наменети.

Dejan-Azeski-krugШто прави Дејан во слободно време. Имаш ли некое хоби, начин на кој црпиш енергија за вакви предизвици?

Веројатно сум еден од ретките луѓе со грижа на совест дека премногу време посветувам на бројните слободни активности. Најпознат сум по веслањето. Веројатно единствениот Македонец кој ги превеслал сите природни и вештачки езера во Македонија. Пет години активно се занимавам со фотографија и веќе имам организирано две изложби на модна и пејсажна фотографија. Активен планинар сум и горд сум на фактот дека сум освоил најголем број од планинските врвови во Македонија. Велосипедизмот е исто така една од моите најголеми пасии, а фактот дека поседувам пет велосипеди кои постојано ги поправам и преправам најдобро зборува за тоа. Не ми пречи да се будам и во четири часот наутро и со велосипедот да посетам некоја од соседните држави и од таму да се вратам во еден ден. Тоа е едноставно “болест” која ми е дијагностицирана од сите мои пријатели и роднини.

На крај најинтересна моја активност е дефинитивно моделарството. Автор сум на повеќе десетици минијатури на авиони, хеликоптери и разни други видови наоружувања низ годините наназад. Во моментов работам на мојот најамбициозен проект досега, а тоа е изработка на минијатури од целата руска поморска флота која е составена од десетина различни типови на бродови. Ако се знае дека еден брод во размер 1/350 содржи минимум илјада минијатурни парчиња за склопување, можете да претпоставите колкава работа е сето тоа.  Сепак желбата конечно да се настапи на некоја поголема меѓународна изложба ме мотивира да поминувам и по цела ноќ над моите омилени корвети, фрегати, разурнувачи и крстарици.

Dejan-Azeski-krugМожеби малкумина знаат дека твојот татко е долгогодишен претседател на Стопанската комора на Македонија. Дали семјното име и традиција ти го олеснува патот во реализација на вакви и слични проекти?

Необјективно и неблагодарно е да кажам дека тоа не е така. Особено во делот на контактите со многу луѓе од различни области. Но од друга страна публицистичката професија е крајно мерлива работа која природно не дозволува да се потпреш на било каков авторитет.

Значи без разлика на стотиците контакти низ Европа и светот и илјадниците низ Македонија и регионот на крај сепак треба самиот да седнеш и да го напишеш новинарскиот извештај, магазинската анализа, а во мојот случај дури и целата книга. Треба да се знае и дека таа припадност често генерира високи предизвици кои сами по себе предизвикуваат притисок. Но во секој случај да, не се срамам да кажам дека голем дел од постигнатите успеси ги базирам на пренесеното знаење.

Dejan-Azeski-krugШто е следно што можеме да очекуваме од тебе?

Сон на секој новинар, публицист или било каков писател е на крајот да напише роман како врвна форма на несметаната авторска индивидуалност. Мојот проблем е што тоа го направив уште на 24 години кога ја затворив 700-тата страница од мојот футуристичко-политички роман. Од низа лукративни и конформистички причини поврзани со актуелната домашна и меѓународна политика цели три години од тогаш не смогнав храброст и сили да го објавам моето капитално дело. Ваквата состојба сѐ повеќе ме фрустрира и ми ја зголемува самокритичноста и затоа сета енергија во наредниот период ќе ми биде насочена во насока на поправање на оваа моја грешка и конечно објавување на делото во кое се насочени сите мои надежи.

Полна чаша на Instagram