Студентско катче

„КОГА БЕВ СТУДЕНТ“ СО ЏИЈАН ЕМИН: ИМА МНОГУ РАБОТИ КОИ НЕ ГИ НАУЧИВ НА ФАКУЛТЕТ

Студентско катче

Тој е мултиталентиран музичар. Свири неколку инструменти, посветен е на диригентството, музиката е неговиот живот. Џијан Емин е денешен соговорник во рубриката „Кога бев студент“, што ја реализираат Факултети.мк во соработка со Пивара Скопје. Не се двоумел дали воопшто да се запише на Факултетот за музичка уметност во Скопје, каде дипломирал хорна во 1997 година.

– Ви благодарам на епитетот „мултиталентиран“. Со основите на музичкото образование се стекнав во Средното музичко училиште „Илија Николовски-Луј‘’. По аналогија на нештата, доколку сакаш да продолжиш да се занимаваш со музика, следи Факултетот за музичка уметност во Скопје. По приемниот испит бев прв на листата со најмногу бодови. Секако дека бев многу среќен – вели Емин.

Вели дека бил посветен на работите што ги сметал за приоритетни. Ретко отсуствувал од предавањата по главните предмети, но максимално ги користел дозволените отсуства од многу други предмети.

– На факултетот имаме многу предмети со индивидуална настава и нормално дека со тие професори се развива поблизок однос, за разлика од оние на групна настава. Мојот професор по хорна Левче Трајковски дефинитивно ми помогна многу во процесот на осознавање на инструментот. Секако дека има и многу професори од кои научив како не треба. Факт е дека никој не може да те научи музика во вистинска смисла на зборот. Ова ми го потврди и еден врвен диригент Емил Табаков во непосреден разговор од областа на диригирањето. Професорите можат да дадат правец, но на крај, изборот останува на тебе какви одлуки и решенија ќе донесеш. Чувството на истражување и преземање ризици во музиката сѐ уште не ме напуштило и среќен сум поради тоа – категоричен е Џијан.

Оценките не му биле важни, вели: „можеби поради тоа што ми беа високи“.

– Оценувањето можеби стимулира одредени луѓе, но убеден сум дека и многу демотивира. Музиката не е спорт. Тоа е суптилна уметност која бара сериозно духовно продлабочување за вистинско восприемање. Професорот би требало да успее да го разбуди тоа чувство и потреба кај студентот. Не верувам дека со добра или лоша оценка се постигнува тоа – вели Емин.

Пред неколку години тој повторно се запишал на факултет, овојпат на отсекот диригирање, во класата на Борјан Цанев.

– Целиот процес од сегашна перспектива е сосема различен. Драго ми е што се одлучив на ваков чекор, бидејќи ми се потврдија некои сознанија и истовремено се отворија еден куп нови прашања и дилеми. Ми се промени начинот на кој слушам музика и се разбистрија подалечните хоризонти. Моето повторно запишување на факултет беше од една друга призма на согледување на нештата и секако музичката зрелост во која сум ме натера да се продлабочам уште повеќе во мојата дејност – споделува Емин.

Го прашавме дали се препишува на Факултетот за музичка уметност.

– Многу ретко има предмети на кои може да се препишува на нашиот факултет. Голем дел од испитите се свирење или пеење во живо пред повеќечлена комисија. Можеби на теоретските предмети има некакви услови за препишување, но тие дупки на незнаење би се одразиле многу лошо во понатамошното образование и живот. Не препишував, но има многу работи кои не ги научив.

Студентските денови секако дека ме потсетуваат на една леснотија во постоењето и имам многу убави спомени од тој период. Емин бил дел од многу бендови и заработувал до музика уште во средното училиште.

– Јас работев постојано уште од деновите на моето средно образование, свирев по кафеани, свадби, разни групи… Од четврта година средно почнав да работам во Филхармонијата и практично тогаш започна моето вистинско образование. Имав среќа што мојот професор имаше голема доверба во мене и ми ја довери позицијата на прва хорна во оркестарот. Бев многу горд и среќен и бескрајно сум му благодарен, бидејќи ми помогна музички побрзо да созреам и да ја осознаам убавината на оркестарот дури студирав – вели Емин.

Тој додава дека е многу важно секој млад човек да може да заработува и да се грижи за себе.

– Посакувам секој да може да го работи тоа што го сака. Доколку тоа се случи уште во студентските денови тоа е прекрасно, бидејќи патот е повозбудлив и поинтересен. Покрај тоа што јас навистина уживам во мојата работа и можеби сега ја работам и со поголем интензитет од порано, се чувствувам како среќник поради сите работи кои ми се случиле.

Вели дека многу се дружеле со колегите, а со дел од нив и сѐ уште.

– Ретко може некој да се пожали од социјалниот живот во студентските денови. Би требало тогаш за сите да е најактивен, а уште подобро е кога ќе се најде начин тој интензитет да се задржи.

Го прашавме дали има желба да предава во некоја образовна институција, односно да пренесува знаење.

– Досега никогаш не сум бил ангажиран како предавач. Додека бев поактивен како хорнист имав неколку покани да бидам дел од неколку семинари, но поради презафатеност, не бев во можност да се појавам на семинарите. Исто така, неколку студенти, а и дипломирани музичари побарале од мене да одржувам приватни часови за различни области поврзани со музиката, но некако времето ми беше и сѐ уште ми е преодредено само за моите проекти, и секако, за семејството. Сметам дека сѐ уште можам да придонесам повеќе доколку сум сценски активен – категоричен е Емин.

Полна чаша на Instagram