Животна средина

НАПРАВЕТЕ РЕФОРМИ ВО ВАШИТЕ ЕКОЛОШКИ НАВИКИ

Животна средина

Kако да бидете екореволуционер?

 

Во околината

Да се постапува еколошки на личен план, во сопственото секојдневие, во рамки на домаќинството не е воопшто тешко. Единствено што треба да направите се нови одлуки за нови, практични, еколошки навики. Како посветени, еколошкo-свесни поединци можете многу лесно да ги организирате вашите потрошувачки навики, отпадот кој го создавате и начините на кои го селектирате. Бидете иницијатор и еколошки активист меѓу членовите на вашето семејство, така што ќе им предложите мали „реформи“ во секојдневните семејни навики. Еве неколку практични совети кои ви одат во прилог: Користете текстилни торби кога одите да пазарувате. Чувајте текстилни шопинг- торби во автомобилот, на брз дофат во ходникот од вашиот дом или по некоја убаво здиплена торба во ташните. На ваков начин ќе ги заобиколите пластичните кеси кои се натрупуваат во кујната под мијалникот. Поставете уште една канта за отпад во вашиот дом, што ќе го разграничи отпадот за рециклирање од останатиот, а потоа фрлете го во кантите поставени и означени за соодветен материјал.

Во заедницата

Бидете добриот пример што ќе посакаат останатите да го следат. Проширете го вашето екодејствување во заедницата. Можеби ќе се соочите со отпор и неколку издишувања, но на крајот сите ќе се радуваат на вашиот придонес. Еве неколку идеи за вашата екомисија: Предложете забавно решение за дружење со соседите во текот на викендот и чистење на отпадот од зелениот простор околу вашата зграда, влезот и подрумите. Поставете пункт за собирање на хартија и пункт за селектирање на пластика за рециклирање. Активирајте ги дечињата и возрасните во една мала еколошка акција, а потоа направете излет – дружење во чиста средина. Бидете иницијатор на следниот Куќен совет за поставување на систем со сензорни светилки во влезот на зградата како и во лифтот. На тој начин ќе придонесете за заштеда на електрична енергија.

Во работната организација

Вообичаено, работните организации се големи потрошувачи на електрична енергија и хартија, а исто така создаваат и големи количини на отпад. Доволно е секој лично да постапува еколошки свесно во рамките на своите работни активности и овие параметри значително ќе се намалат. Постојат неколку сериозни практични совети кои треба да ви станат навика и на тој начин ќе бидете пример кој зборува сам за себе. Избегнувајте да печатите документи и информации на хартија. Отворете фајлови за дигитално складирање на мрежни сервери, така што ќе имате можност сите потребни документи да ги понесете и употребите каде и да се наоѓате. Доколку сепак морате да печатите нешто, печатете двострано на рециклирана хартија. Гасете ги сите електрични уреди кога не ги употребувате. Исклучете го компјутерот кога одите на пауза и светилките кога напуштате просторија. Не само што ќе заштедите електрична енергија, ќе придонесете и за помали сметки. Таквиот пример ќе го поддржат менаџерите, а сигурно и вашите колеги.

Во училиште

Училишната зграда е голем корисник на енергија и создавач на отпад. Едно училиште може да потроши и до 1 милион денари годишно за затоплување и електрична енергија. Во меѓувреме, лошиот квалитет на внатрешниот воздух негативно влијае на здравјето на учениците и ефективноста на наставата. Како студент или родител, големите промени во училишната заедница може да ви се чинат невозможни. Дури и да не сте далеку од реалноста, не обесхрабрувајте се. Искористете ги светските денови за одбележување на Денот на планетата Земја, Денот на дрвото или друг еколошки важен ден во календарот, за да предложите еколошка акција која потоа ќе стане практика. Предложете расчистување на училницата. Учениците поминуваат во просек 8 часа дневно во една просторија каде може да има многу прашина која не ја забележувате, стара хартија, па дури и мувлосани предмети. Собраниот отпад внимателно селектирајте го и фрлете го во специјалните контејнери поставени во вашиот училиштен двор. Основајте еколошки клуб на волонтери кои ќе се активираат во следните еколошки акции во училишната заедница.

На концерт или настан

Сте виделе ли некогаш стадион по завршување на концерт или спортски натпревар? Просторот изгледа како филмски сет за пост-апокалиптично сценарио. Ако организирате настан, направете електронска промоција и испратете електронски покани, на овој начин заштедувате многу хартија, а електронските медиуми денес се одлични за економична и ефективна промоција. Направете рециклирањето да биде лесно и придобивка за сите. Поставете јасно обележани пунктови за собирање на материјали за рециклирање. Внимателно одберете локација каде посетителите лесно ќе пристигнат со градски автобус или велосипед. Повикајте ги сите кои се во можност да го сторат тоа, обезбедувајќи паркинг-простор и безбедност за велосипеди. Ако сте посетител на настан, потрудете се да ги почитувате напорите на организаторот за сите планирани еколошки активности. Следете ги обележаните места за фрлање отпадоци. Зад себе оставете го само добриот впечаток од концертот или спортскиот натпревар, а не куп отпад.

Полна чаша на Instagram