Активен живот

ФИТНЕС КЛУБОВИ ЗА АКТИВЕН ЖИВОТ

Активен живот

21 век. Го нарекуваат дигитално време.

Поголем дел од професиите сега се врзани за биро и столче, а најчестата вежба што ја правиме е маневрирање со прстите по тастатурата. Затоа сега, повеќе од кога било, ни треба дополнителна физичка активност и здрав начин на живот.

Фитнес-клубовите веќе одамна се светски тренд како места на кои освен добро обликувано тело, добивате целосен „ремонт“ на умот и ослободување од стресот на секојдневието, место каде што можете да запознаете нови луѓе, каде што го одржувате балансот на внесени и потрошени калории или, едноставно, заборавате за час-два на сите свои, па и светски проблеми. А сигурно веќе добро знаете дека правилен баланс на енергија се постигнува само доколку има еднаквост меѓу внесените и потрошените калории во текот на денот, а фитнес-центрите се совршено место за тоа (под претпоставка дека немате време за толку честа активност под отворено небо). Со членството во некој фитнес-клуб може да ги загубите вишокот килограми и вишокот калории. Сè останато е плус.

Веќе одамна и во нашата мила Македонија ги има насекаде, од мали, маалски вежбалници, со пријателски настроени дечки кои секогаш ќе ви помогнат во намерата да го обликувате телото, до полуксузни фитнес-центри – изборот е ваш, само да се движите. Изговорите од типот: изморени сме по работа (или факултет), немаме време или, едноставно, нè мрзи, полека исчезнуваат од листата на изговори бидејќи веќе точно знаеме колку е важно да се вежба. Доволно е само неколку пати да поминете во ваков центар за да ја забележите разликата.

Она што јас ќе се обидам е да ви дадам идеи каде да вежбате. Вам ви преостанува да ги врзете патиките, да го подготвите ранецот и (по можност пеш) да се упатите кон оној фитнес-клуб кој најмногу ви одговара, локациски или според понуденото.

СКОПЈЕ

Во новиот трговски центар „Капитол“ можете добро да се испотите во истоимениот фитнес-центар каде што на располагање имате најсовремени кардиомашини, машини за фитнес, бодибилдинг и кросфит. Одличен е и за оние што мораат рано да станат за на работа (отвора во 7 часот наутро), но и за оние што заглавуваат прекувремено (затвора во 23 часот навечер).

Во рамките, пак, на новоотворениот „Хотел Русија“ се наоѓа професионален фитнес-центар заедно со „центар за здравје“, сауна, масажи и физиотерапија за комплетно задоволување и на телото и на умот. Комотно и климатизирано место, со сите ситници и детали неопходни за вашата удобност. Совршено место на кое можете да си се посветите на самите себеси. Ќе ви кажам и дека ова е местото каде што голем дел од денот го поминуваат ракометарите и ракометарките од „Вардар“ и кошаркарите од МЗТ.

На листата со фитнес-клубови го вбројуваме и центарот „Синерџи фитнес“, кој е одлична опција ако сте по дружењето, запознавањето нови луѓе или квалитетно трошење калории со пријателите. Достапни ви се многубројни групни активности, вежбање јога или зумба и, нормално, опуштање во спа на крајот на напорното вежбање. Сауните се толку комфорни што додека ги исфрлате токсините од себе, слободно може да ги договорите вечерните планови со друштвото.

Уште едно ултимативно доживување е фитнес-центарот во хотелот „Плаза“, кој веќе има култен статус бидејќи е првиот таков центар во Скопје, а ги нуди сите услуги како и светските фитнес-центри: од лични тренери (не срамете се да побарате совет од нив, ептен се услужливи и нема да ви судат ако не знаете точно кои вежби да ги правите, не е ништо страшно ако сте аматери) до вежбални опремени по најновите стандарди. „Плаза“ се наоѓа на две локации во центарот на Скопје, па од каде и да доаѓате, не е лошо да вложите дополнителен труд и да дојдете пеш понекогаш.

Ако не можете да се одлучите дали повеќе сакате да вежбате сами или во група, ви го препорачуваме фитнес-центарот „Спорт ин“ – промотор на здрав живот и здрав организам. Нивните флексибилни програми загарантирано ќе одговараат на индивидуалните потреби на секој што ќе се одлучи да го направи првиот чекор за поздрав живот. Под флексибилни мислиме на супер кул и интересни програми приспособени да бидат забавни, како онаа за јога на која ѝ дале многу невообичаено име “yoga workout”, вежбање кое е уникатно за овој клуб и ви нуди многу повеќе од обичното тегнење и поздравување на сонцето.

Ова е само дел од понудата во Скопје која расте од ден на ден. Каде вежбате вие? Споделете искуства или контактирајте нè за да ја прошириме листата. Ние продолжуваме да истражуваме.

БИТОЛА

Битолчани и битолчанки своите тела ги „вајаат“ во фитнес-центарот „02 Јуниверзал“ кој е пионер во своето поле и иако функционира релативно кратко време (околу една година), веќе се етаблираше како современа вежбалница која скршнува од традиционалното клише и нуди катчиња за дружење и релаксација како пауза од вежбањето. Фина промена од кратките прошетки по Широк Сокак, нели? Клубот организира и забавни викенд-активности, како часови по кубанска салса.

ПРИЛЕП

Дел од трендот за вежбање е и прилепскиот фитнес-центар „Арена“, кој е комбинација на посветеност на вежбањето и здравиот живот и релаксацијата, љубезен персонал што секогаш ќе ви излезе во пресрет и добар муабет со пријателите додека се одморате меѓу сесии со протеински шејк кој го прават во бифето на центарот. Местото е просторно и климатизирано, што значи дека ќе го добиете најдоброто можно искуство за вашите пари.

КУМАНОВО

Во Куманово е познат „Елита клуб“, кој се наоѓа на улицата „Октомвриска“, во подрумскиот дел на зградата (што значи летно време е супер свежо и пријатно). Располага со повеќе од 20 справи за вежбање, вратила, преси и друго, а работи секој ден од 10 наутро до 10 навечер и е добар избор за оние што не стануваат толку рано. Овој клуб одлично го промовира здравиот начин на живот со помош на различни попусти и промо-цени за оние кои навистина сакаат да направат промена кон подобро.

Споделете искуства или контактирајте нè за да ја прошириме листата. Ние продолжуваме да истражуваме низ Македонија. Очекувајте нови идеи каде да вежбате.

А ако фитнес-клубовите, едноставно, не ви се „фах“, секогаш можете да внесете позитивна промена во начинот на живот со долги прошетки во парк или на планини, трчање на патека, вежбање по дома лесни и енергични вежби и, секако, возење велосипед. Сè додека внесувате доволно течности, внимавате колку јадете, вежбате и секое слободно време го поминувате активно, ќе можете да се пофалите со квалитетен животен стил.

Мислењата изразени во овој текст се на авторот и не секогаш ги претставуваат ставовите на Пивара Скопје.

Полна чаша на Instagram