Активен живот

ПАТОТ КОН СРЕЌАТА – ГАЛИЧНИК

Активен живот

Ако скршнете од патот накај Маврово, на 15км нагоре по кривините или околку 120км од Скопје, ќе стигнете во едно од најпознатите места во Македонија, Галичник. Ова е место за кое со исконска сила се врзани сите кои се родени или водат потекло од Галичник, горди на своите корени, на неповторливите питоми и сурови убавини, митската сила, мудроста, достоинството и спокојството. Галичник кој се наоѓа на надморска височина од 1.150м до 1.450м, е прекрасен во сите годишни времиња, а ги фасцинира посетителите  и со својата автентична архитектура, богато културно наследство и восхитувачки пејсажи. Поради надморската височина и местоположбата, воздухот во Галичник е извонредно чист, а климата е планинска како по книга, со свежи пријатни лета и прилично снежни зими.

Ако некогаш сте имале желба да бидете главен лик во некоја зимска бајка, дефинитивно мојот предлог би бил, Галичник во зима.

Секој може да ужива во глетката која ни ја приредува убавата планина Бистра и Галичник во зимскиот период, ако успее да ја совлада моќната природа 😊 односно тешко проодниот и снежен пат Маврово-Галичник. Годинава имавме малку повеќе среќа и времето нė послужи за новогодишните празници, кога во Галичник имаше мала снежна покривка но многу сонце, па Галичник беше преполн со посетители кои уживаа во чистиот планински воздух, снегот, и традиционалните јадења приготвени кај единствените постојани жители и познатите чувари на Галичник, ресторанот “Баба и Деде”.

Со право се вели дека Галичник е еден од најубавите и најатрактивните предели во Македонија и Балканот. Гените и потеклото си го направија своето, па секое слободно време го користам да го посетам Галичник, пролет, лето, есен, зима, во секое годишно време е посебен, но јас препорачувам пролет и лето. Заедно со Пивара Скопје која 44 години во континуитет е силен поддржувач на најавтентичната културна манифестација Галичка Свадба, секој Петровден 12 Јули, е вистински празник и ден на раскошни носии, езгии, величенствени обичаи и ритуали, чие пошироко значење своја круна добива со влегувањето во ризницата на духовни вредности на човештвото што се под заштита на УНЕСКО.

Јавање на коњ по прекрасните предели на Галичник и Бистра е посебно искуство кое го препорачувам, чувство кое го одзема здивот и предизвикува “зголемена доза” на адреналин, зачинет со чистиот воздух и насмевка која не запира.

Јавањето на коњ нуди посебно искуство и е особено возбудлив начин за уживање во богатствата на Националниот парк-Маврово. Ова е несекојдневен начин да се откријат убавините на овој крај, далеку од секојдневните притисоци од урбаниот начин на живот. И за почетници и за искусни јавачи, ако сте вљубеник во природата, планинската тура е она кое треба да го доживеете. Овие тури се за оние кои сакаат да ги видат сите богатства на планината Бистра. Турата започнува со качување на падините на планината и глетка кон неколку  врвови. На оваа тура потребно е да се носи соодветна облека, како и опрема за заштита од сонце и дожд. Со посета на неколку бачила оваа планинска тура ќе ви го доближи животот на овчарите, а исто така посетата во бачилата можете да ја искористите за да ги вкусите најдобрите традиционални бели сирења и јогурт. Препорачувам и посета на највисокиот врв Меденица (2,163 м) кој нуди спектакуларен поглед кон Корабскиот масив ( 2,764 м).  Галичник е место каде освен чистиот воздух и природата, посетителите можат да се запознаат со традицијата, културата, архитектурата. Културните манифестации  како, претходно споменатата Галичка Свадба и организираните забави за млади во текот на целата година се датуми кои треба да ги обележите во вашиот календар и да се подготвите да уживате во одлична забава и дружба.

Полна чаша на Instagram