Ние и заедницата

ГОСТИ ВАР ? ВАР ВАР !

Ние и заедницата

Гостивар е град со богата историја и култура. Град  на кој се наоѓа почетокот на течението на најголемата река во нашата држава Вардар, изворот Вруток, опколен со двете најубави планини Шар Планина и Сува Гора.  Град во кој сум порасната и без кој не можам да дишам.

Имам многу да раскажувам за Гостивар за да ви го претставам животот во него. Гостивар е градот со најголема култура на соживот и мултиетничност, град во кој секој со секого е пријател, секој со секого има тема за разговор. Гостивар за време на османлискиот период бил место за одмор на трговците кои патувале кон западниот дел од државата. Постоел само еден Ан каде луѓето можеле да одморат, да јадат и да го продолжат своето патување. Во тоа време се говорел турскиот јазик, а гостите намерници кога доаѓале прашувале “гости вар?” што на турски значи “сакате ли гости?” а одговорот бил “вар вар” што во превод значи “сакаме, сакаме”. Со сигурност не може да се тврди за потекло на име на географски поим, барем кај нас, и речиси за секој постојат различни верзии кои се пренесувале од генерација на генерација, но една од легендите вели дека така Гостивар го добил името кое и денес го носи. Според друга легенда, името датира уште пред османлискиот период , но за тоа во некоја следна приказна. Подоцна тука се направиле услови и за чување на добитокот и товарот кој го носеле трговците. Со тек на време Гостивар станал мал трговски град каде луѓето – трговците си ја разменувале стоката. До ден денес Гостивар е град со богата трговска култура или како што се вели, еснафски град.

Кејот на реката има своја приказна која секој гостиварчанец ја раскажува на свој начин. За тој кеј се испреплетени многу приказни доживеани од Гостиварчани, а најмногу од нив, љубовни. Кејот и ден денес е место каде младите парови уживаат во својата љубов. Сега кејот се спојува со изворот на реката Вардар – Вруток и станува пешачка патека за љубителите на долгите прошетки и чистиот воздух. Мирисот на липите, мирисот на свежо искосената трева прави веднаш да се вљубиш во него. Мирот и спокојот кој на сите ни е потребен го наоѓаме таму. Кејот исто така е редовна дестинација за спортистите кои секојдневно, уште во раните утрински часови, можеме да ги сретнеме како трчаат и вежбаат. Стадионот кој се наоѓа на самиот кеј е уште една инспирација кај нашите Гостиварчани да спортуваат повеќе. Кејот е полн со клупи за одмор за оние кои сакаат да  одморат и полека да го продолжат својот пат до самиот извор. А таму, на изворот ќе ве пречека прекрасната глетка на богатата шума, чистиот воздух, жуборот на водата, рибите чиј отсјај на сончевата светлина изгледа прекрасно. Сето тоа го прави Вруток како прво населено место на самиот извор на Вардар прекрасно. Местата каде што може да се седне и вкуси прекрасна риба и локални специјалитети се многубројни. Ресторан  “Бурими”, кој се наоѓа на самиот извор на реката и каде може да се вкуси пастрмка приготвена на повеќе начини, а изборот е навистина голем,  рибниот ресторан “Јоцо Пром” кој е сместен во прекрасната природа на с. Вруток, каде што покрај специјалитети од риба може да се вкусат и други локални јадења.

Гостивар поради својата мултиетничност има и богата кулинарска култура. Кој бил знае кој е вкусот на баклавата во “Рекорд”- најстарата слаткарница во градот која постои повеќе од 60 години,  трилечето, сладоледот за кој се чека во редица во топлите летни денови, бурекот од “Акчај”, кој е највкусниот бурек, не само според Гостиварчани, туку и според сите оние патници намерници кои сакаат да вкусат нешто локално и традиционално, ќунефето – традиционален турски десерт направен од кадаиф, несолено сирење и путер (кравја маст), гостиварскaтa топтајњца и надалеку прочуената скара. Тука се и локалните места за излегување… топло ги препорачувам  кафетериите и баровите во центарот на градот,  “Мекиците од стража” , “Baby blue” “Royal Garden”, “White House Restaurant”, но и ресторанот “Сајгија” кој е автентичен по својот традиционален изглед и храната која се приготвува, на пример, скара со залучени пиперчиња, традиционални специјалитети од тесто и многу други. Сендвичарите “М”, “Амиго”, “Мал Чардак” ги задоволуват истенчените гурмански вкусови на моите сограѓани. Рестораните  “Де Галерија”, “Европа Гарден”, “Хилтон” се исто така доста посетувани. Но тоа не е се, тука е и пивницата “Паб” која е единственото место од овој тип во градот.

Ноќниот живот во градот има од сѐ по нешто и за сечиј вкус. Дискотеката “Хард Рок” редовно се полни со млади луѓе кои уживаат во звуците на добрата музика како од локални бендови и групи така и од групи кои доаѓаат од другите градови и соседните држави.

Ете тоа е мојот Гостивар. Дојдете и посетете го во било кое време од годината. Секоја сезона си носи своја убавина. Дојдете и уживајте во убавините на градот и околината и се разбира во гостопримството на гостиварчани коe е надалеку познатo.

Мислењата изразени во овој текст се на авторот и не секогаш ги претставуваат ставовите на Пивара Скопје.

Полна чаша на Instagram