Ние и заедницата

ГИ ЗНАЕТЕ ЛИ ХЕРОИТЕ МЕЃУ НАС?

Ние и заедницата

Сандра Мицковска е дипломиран економист на Универзитетот “Св Кирил и Методиј” во Скопје. Млада, полна со живот и желба за нови знаења, Сандра, иако е девојка со оштетен слух,  успешно ја заврши обуката “Вештини за успех” на Пивара Скопје и уште еднаш покажа дека со истрајност и пожртвуваност можат да се надминат и најголемите животни предизвици. Соочена со својот хендикеп уште од најраното детство, денес со своите 23 години, гордо зборува за личните достигнувања, поддршката на семејството и пријателите. Цврсто верува дека има доволно знаење и квалитети и дека, без оглед на тоа што е лице со оштетен слух, доколку и се даде шанса за вработување ќе може професионално и одговорно да одговори на работните задачи.

Од што се моравте да се откажете ти и твоите родители за да стигнете до овој успех?

Sandra Mickovska 3Од многу работи. Од дружење со пријателите и роднините, од неделните прошетки во парк, од вечерните излегувања, затоа што неможејќи да ги слушнам предавањата на час морав тоа да го надополнам дома со многу учење.

Колку енергија и пожртвуваност вложуваш за да бидеш дел од тимот кој победува?

Sandra Mickovska 3Ќе се надоврзам на првото прашање и ќе кажам, многу. Голем број од моите соученици слушајќи ги предавањата, совладуваа половина од материјалот. Но јас морав да постојано да вложувам огромна енергија и пожртвуваност за да стигнам до ова што сум денес.

Дали наиде на  морални и физички бариери за твое интегрирање и социјализација?

Sandra Mickovska 3На физички бариери не, но на морални да. И ден денес наидувам на морални бариери затоа што некои луѓе не можат да сфатат дека лицата со хендикеп и посебни потреби не се болни и дека нивниот недостаток не е заразен. Ние сметаме дека заслужуваме еднаков третман со другите луѓе.

 

Дали условите во образовниот систем од најрана возраст ги задоволија твоите потреби како млад човек за рамноправен развој во однос на твоите врсници?

Sandra Mickovska 3Можам да кажам дека ги задоволија. Уште во градинка, а и пододцна во текот на целото мое образование на училиште и на факултет наидов на луѓе кои целосно ме прифатија во својата средина како еднаква со нив. Имаше периоди и моменти кога повеќе од се ми беше потребен толкувач за гестовен јазик за полесно да го совладам материјалот, но јас сето тоа го надоместував со многу работа, труд и самопожртвуваност.

Постојат ли доволно семинари, тренинзи, курсеви, и работилници кои ти помогнаа  во остварување на твоите цели?

Sandra Mickovska 3Претходно не, но откако се запишав на факултет и истиот го завршив, ми се отворија многу врати. Но ништо немаше да биде возможно ако јас не вложев доволно труд за да докажам дека можам и дека сум еднаква со другите луѓе.

 

Дали обуката во Едукативниот Центар на Пивара Скопје, вработените, и твоите соученици ти помогнаа да премостиш уште една пречка на патот до успехот?

Sandra Mickovska 3Обуката “Вештини за успех” на Пивара Скопје е за мене едно големо искуство. Морам да истакнам дека благодарение на пристапот кон темите, начинот на работа и материјалот кој се изучува стекнав нови знаења, успеав да ја совладам тремата и да се охрабрам за идни професионални преизвици.

 

Постојат ли услови и области за кариера каде во целост можеш да ги реализираш своите интелектуални капацитети?

Sandra Mickovska 3Моја сфера на интерес е секако економијата. Јас дипломирав на економскиот факултет и тоа е областа во која сакам и понатаму да се надградувам. Кога станува збор за условите и можностите за моја професионална реализација сметам дека се уште постојат одредени предрасуди кон лицата со хендикеп. Но јас не се откажувам. Верувам дека имам доволно знаење и квалитети и дека, без оглед на тоа што сум лице со оштетен слух, доколку ми се даде шанса за вработување ќе можам професионално и одговорно да одговорам на работните задачи.

На кој момент си посебно горда?

Sandra Mickovska 3Посебно сум горда на моментот на дипломирањето. Со тоа го остварив својот сон и си докажав себеси и на другите дека ако нешто во животот силно се сака, не постојат пречки тоа и да се оствари. И моите родители се бескрајно среќни и горди на мојот успех. Без лажна скромност, воопшто не е лесно лице со оштетен слух да дипломира на државен универзитет. Горда сум и на тоа што 10 години бев играорка во КУД “Кочо Рацин” и редовно одев на сите турнеи низ Европа, на мојата волонтерска работа како координатор на хуманитарна акција во СОС Детското Село, но и на секој друг дополнителен ангажман во животот кој го правев со многу труд, но и со многу љубов.

Која беше твоја мотивација да истраеш и успееш?

Sandra Mickovska 3Целиот мој живот ме води желбата да си докажам прво на себе, а потоа и на другите дека ние лицата со хендикеп сме и можеме да бидеме еднакви со другите.

 

 

 Кои се твоите цели и планови за во иднина?

Sandra Mickovska 3Благодарение на мојата упорност, борбеност, посветеност кон учењето и секако поддршката на моите родители успеав да ја остварам мојата најголема цел, да дипломирам и да станам академски граѓанин. Моја следна цел е да се вработам во некоја државна установа или компанија која ќе ми обезбеди услови соодветни на моите потреби, а потоа и да се запишам на магистерски студии по сметководство и ревизија на Економски факултет.

Можеме ли да очекуваме твое идно големо достигнување на кое посебно ќе бидеме горди како земја и ќе биде инспирација за генарации млади луѓе?

Sandra Mickovska 3Со самото дипломирање сметам дека веќе сум инспирација за младите луѓе со оштетен слух да не избираат само занаетчиско училиште, туку да продолжат со универзитетстко образование. Ќе бидам посебно горда и среќна на секој кој ќе го постигне мојот успех.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Полна чаша на Instagram