Ние и заедницата

ГИ ЗНАЕТЕ ЛИ ХЕРОИТЕ МЕЃУ НАС?

Ние и заедницата

Искра Донева e писател, мотиватор, лидер и страстен љубител на животот, од своето раѓање води битка со церебрална парализа, но нејзината приказна е сведоштво дека ниту една состојба или ситуација не е изговор да не се надминат предизвиците.

Од што се моравте да се откажете ти и твоите најблиски за да стигнете до овој успех?

Iskra doneva -2Пред се мислам дека најголемата жртва падна врз моето семејство, зошто тие мораа да ги жртвуваат нивните желби, можеби кариерните потенцијали, слободното време и секако финасии зошто голем дел од тоа што е вложено во мене го вложило моето семејство.

Колку енергија и пожртвуваност вложуваш за да бидеш дел од тимот кој победува?

Iskra doneva -2Јас  честопати знам да се пошегувам со пријателите дека физички трошам онолку енергија како да сум се искачила до Водно и назад. Јас сум навикната на тоа темпо, тоа е дел од мене. Не сакам да е поинаку, едноставно не ги штедам силите за да го истрчам денот кој ми е исполнет од утро до вечер. Преку ден одам на работа, потоа зависно од распоредот одам на вежбање и одржување на кондицијата, да посетам некој културен настан, да се видам со некој пријател, да завршам некоја од дополнителните обврски. Значително време посветувам и околу организацијата (НОВА ИСКРА)  или да помогнам секаде онаму каде што можам. Но како што кажав кога се сака, кога се има добра волја секогаш постои начин и време, па и Ајнштајн имал само 24 часа, но и сами знаеме колку тој успеал да направи со своето време. Доволно е желбата и инспирацијата.

Дали наиде на морални и физички бариери за твое интегрирање и социјализација?

Iskra doneva -2Морални не, затоа што јас бев воспитана од моите родители и поддржана од моето поблиско семејство да се чувствувам нормална и да се однесувам нормално во секоја ситуација, така што сум горда на себе, зошто сум постигнала на некој начин и многу повеќе од своите врсници. Сметам дека позитивната енергија која ја пренесувам на останатите, желбата за работа, страста додека работам ја споделувам со луѓето. Тие тоа го препознаваат тоа и ми враќаат со иста мера. Никогаш не сум се довела во ситуација да бидам морално ограничена.

Физички да, како што кажав сме морале да премостуваме многу физички бариери но за среќа имам прекрасни пријатели кои знаат буквално да ме земат во раце и заедно да ги совладаме тие пречки и да уживаме во она што го правиме.

Дали условите во образовниот систем од најрана возраст ги задоволија твоите потреби како млад човек за рамноправен развој во однос на твоите врсници?

Iskra doneva -2За се што сум постигнала буквално сум морала да се борам со сопствените раце, така на пример кога требаше да се запишувам во основното училиште, поради постоперативната рехабилитација ме советуваа да запишам подоцна училиште, меѓутоа јас бев многу љубопитна и несакав да губам ниту минута време од моето образование. Дозволете ми да ја спомнам и мојата одделенска учителка Љупка Пајкоска која за нас беше педагог, мајка, семејство и која во нашето одделение направи убава средина средина за работа, компетитивна, стимулирачка за сите, така што сите тие луѓе станаа нешто во животот. Затоа што знаеше како да ги извлече од нас нашите потенцијали било тоа да е сликање, било тоа да е сметање или пишување како во мојот случај на пример.

Постојат ли доволно семинари, тренинзи, курсеви, и работилници кои ти помогнаа во остварување на твоите цели?

Iskra doneva -2Дефинитивно! Јас верувам во  максимата човекот учи додека е жив!  Јас се шегувам дури и на 99 години, ако ме служи видот ќе се надградувам себеси и ќе се дружам со книгите затоа што тоа е мојата животна желба и определба. Не пропуштам ништо од што можам да црпам знаење, било тоа да е некој човек сретнат случајно или било тоа да е некој настан, обука или случка од животот. Горда сум што и самата пронаоѓам материјали, многу сум љубопитна , не се знае што кога ќе ти затреба. Овде посебно би ја истакнала летната Школа за млади лидерип под покровителство на Претседателот на Република Македонија, господинот Ѓорге Иванов, како и Едукативниот Центар на Пивара Скопје, и дај боже да постојат уште многу такви.

Дали обуката во Едукативниот Центар на Пивара Скопје, вработените, и вашите соученици, ти помагнаа да премостиш уште една пречка на патот до успехот?

Iskra doneva -2Апсолутно, пред сè тимот на Пивара Скопје ме плени со својата подготвеност и предаденост на она што го  работат, што е реткост во денешно време и нивната желба од нас како од глина да измоделираат една прекрасна статуетка со која сите ќе се гордееме. Иако имав многу предзнаење во однос на одредени содржини, ми беше предизвик сето тоа да го видам собрано на едно место и да направам себепроценка до каде сум, што сум и во што треба да напредувам понатаму.  Ми отворивте многу прозорци и врати во однос на каде сакам да чекорам, како полесно да стигнам до таму,  но во истовреме создадовме нераскинливи пријателства. Се поттикнуваме меѓусебно и партнерски се обврзавме да работиме на сопствените цели така што навистина мислам дека оттаму ке излезат многу убави нешта.

Постојат ли услови и области за кариера каде во целост можеш да ги реализираш своите интелектуални капацитети?

Iskra doneva -2Секако, мислам дека можам и многу повеќе од тоа што го имам и сега постигнато. Сметам дека секоја единка треба постојано да работи на својот личен развој и да размислува посвесно за тоа што и како може да придонесе, затоа што од моето лично искуство и опкружување знам дека секој може нешто да допринесе. Од друга страна треба да работиме многу и на градење на своите духовни способности за преку нивното богатство да ги пренабрегнеме физичките способности.

 

На кој момент си посебно горда?

Iskra doneva -2Горда сум на моментот што постојано работам на себе, истражувам и ги зголемувам своите капацитети и знаења. Образованието кое за сега е крунисано со магистратура имало голема улога во мојот живот на кој сум особено горда.

 

Која беше твоја мотивација да истраеш и успееш?

Iskra doneva -2Моите идеи и соништа. Цврсто верувам кога човек има јасно зацртани цели и соништа нема пречка што ќе го запре да ги оствари, макар и да поминат неколку години и да мора да ја смени патеката на движење, се вели немој да ги менуваш целите, туку начините како да стигнеш до нив. Ако сме доволно силни и упорни нема нешто што не може да се постигне.

 

Кои се твоите цели и планови за во иднина?

Iskra doneva -2Моите цели дефинитивно се остварувања на она што го сака секој млад човек, значи оформување на свое сопствено семејство, имање на сопствен дом, издавање на многу нови мои книги на кои што веќе работам, а кои што ќе бидат интернационално преведени. Потоа продолжување на хуманитарната нишка, и правење на животите на другите луѓе многу поубави, преку мисијата на здружението НОВА ИСКРА Здружение за мотивација, посреќен и поисполнет живот на сите луѓе, особено на оние со попречености чии што претседател сум. Понатаму сакам да запознавам што повеќе нови луѓе, нови едукации, да посетам нови земји, за да им покажам што знае и умее Искра. Потем со сите тие знаења  и искуства да дојдам назад и да ја облагодарам мојата прекрасна земја.

Можеме ли да очекуваме твое идно големо достигнување на кое посебно ќе бидеме горди како земја и ќе биде инспирација за генарации млади луѓе?

Iskra doneva -2Апсолутно освен моите книги кои како што кажав се на пат да бидат интернационално преведени и претставени на светот, јас ќе помагам и ќе го споделам искуството во здружението со цел да ги подобриме условите за независен и исполнет, среќен живот, пред се за лицата со попречености. Ќе продолжам да инспирирам и да им покажам и докажам на луѓето преку лични примери  дека кога се сака сè се може.

Полна чаша на Instagram