Спорт

ВО ВОЗЕЊЕТО НЕМА ПОБЕДА ИЛИ ПОРАЗ, НАЈГОЛЕМАТА ПОБЕДА Е ДА БИДЕШ ОДГОВОРЕН И УМЕРЕН ЗА ДА СТИГНЕШ ЖИВ ДО ЦЕЛТА

Спорт

На поканата за интервју за Полна Чаша, новиот идол на младите генерации автомобилскиот првак со 10 национални шампионски титули на домашните првенства и двократен Европски шампион на ридски патеки во 2014 и 2015 година под капата на Меѓународната Автомобилска Федерација (FIA), Игор Стефановски – Иџе одговори веднаш и без двоумење. Му рековме, ќе зборуваме за автомобилизмот со посебен акцент на безбедноста во сообраќајот.

Непосреден, позитивен и исклучително смирен, по вокација дипломиран економист, првиот македонски професионален рели возач, сопруг и татко на две деца, крводарител и хуманитараец, ја сподели својата приказна за љубовта кон автомобилите. За ризиците во неговиот спорт и во сообраќајот воопшто вели “правилата мора да се почитуваат за да се стигне жив до целта” и на тоа им обрнува големо внимание на младите и надежни автомобилисти и сите заинтересирани во својата специјализирана академија за возачи.

Од неодамна Стефановски го реализира својот проект караван “Шампионот обединува насмевка, живот, едукација” со единствена цел – едукација на младите за одговорно возење и што поголема безбедност во сообраќајот.

 Од каде љубовта кон автомобилизмот?

Претпоставувам дека секое дете се вљубува во спортот кој што му е најблиску до местото на живеење. Јас живеев многу блиску до патеката на Водно каде што се натпреваруваа тркачи од сите земји во регионот. Мислам дека звукот на автомобилите и мирисот на октаните уште тогаш ми влезе под кожа. Сега, кога јас се натпреварувам, честопати гледам мали деца на трибините, се сеќавам на моето детство и посакувам некој од нив да стане шампион.

Каков спорт е автмобилизмот?

По мое мислење, чуден. Адреналинот е на највисоко можно ниво, но мора трезвено да се размислува. Желбата за победа е огромна, но таа победа не смее да дојде по цена на личната безбедност и безбедноста на другите учесници. Автомобилизмот е трка со стотинките и трка со конкурентите, а автомобилистите се чудни луѓе, сакаат да го победат својот конкурент, но не и да му наштетат. Посебен спорт, посебни луѓе.

Дали се потребни посебни психо-физички подготовки?

Спомнав дека автомобилизмот е посебен спорт. Иако не изгледа дека е така, физичката подготвеност е многу важна, но сметам дека психичката подготвеност и реалното гледање на патеката бара исклучителен ментален склоп, кој желбата за победа и стискањето на педалата за гас треба вистински да ги контролира. Со брзина од 220 до 260 км/ч секоја стотинка е важна. Би рекол дека автомобилистите се луѓе со чиста мисла и брзи рефлекси.

Како се релаксираш пред трка?

Овој одговор можеби ќе изгледа како клише, но утрото пред самиот старт ми е потребно да бидам осамен и како секој тркач во главата да ја анализирам престојната патека. Во моментот кога ќе седнам во седиштето на автомобилот и кога ќе ги ставам сигурносните појаси, преминувам во друг свет. Можеби ќе звучи чудно, но јас таму го наоѓам својот мир.

Велиш дека автомобилизмот е високо ризичен спорт. Како се носиш со тоа?

Автомобилистите се посебен тип на луѓе. Ја сакаат победата, ајде да кажам можеби и ризикот, но пред се ги почитуваат правилата, се штитат себе и своите колеги. Во овој спорт ризикот е далеку поголем отколку во другите, но тоа е тоа што јас сигурно го сакам.

Сè повеќе сообраќајни незгоди на патиштата. Каде ти ги гледаш причините и кој е твојот апел?

Лично сметам дека проблемот е во тоа што многу брзи возила им се даваат на многу млади и се уште недоволни спремни возачи. Апелирам до родителите да ги следат насоките во изборот на возила за своите деца, да ги советуваат и едуцираат за безбедноста во сообраќајот и почитувањето на сообраќајните правила. Дополнително, се повеќе млади посегнуваат по алкохол, а притоа не се свесни за последиците од неодговорно консумирање. Им советувам, секогаш кога ќе одлучат да пијат,  да го остават автомобилот и да си заминат со такси. Така е најдобро за сите. Јас и со мојот караван за безбедност во сообраќајот се трудам да едуцирам на темата, а преку тоа и да влијаам врз намалување на сообраќајните незгоди. Во тој контекст формирав и тркачка академија во која на специјални симулатори лично ги подучувам, не само идните возачи на брзи патеки туку и заинтересираните возачи како да ги премостат сите предизвици и препреки кои му стојат на патот на секој возач.

Како оние што консумираат одговорно се издвојуваат од другите?

Им советувам на младите дека сите оние кои внимаваат и консумираат одговорно се поголеми мангупи од оние другите. Од најмала возраст треба да се влијае на децата дека самите се одговорни за своите постапки.

Зошто е добро да бидете тој што вечерта консумирал умерено?

Не само консумирањето алкохол туку и се во животот треба да биде умерено, бидејќи се што ќе ја помине таа граница, не делува добро на никого. Умереноста е најдобра лекција во животот.

Дали оправдувате возење и пиење?

Нула толеранција за алкохол при возење.

Дали сонуваш за Ф1?

Секако. Како што секое дете што игра баскет во маало сонува да заигра во НБА, така и секој тркач што ќе седне позади воланот сонува да вози во Ф1. Се надевам дека некој од Македонија ќе го постигне тоа. Јас лично сум и повеќе од задововолен со она што го постигнав за мене и за мојата држава на полето на автомобилизмот.

Како правиш баланс меѓу автомобилизмот и семејството?

Семејството е мојот најголем поддржувач во ова што го работам. Секогаш, па и во оваа прилика, сакам да им се заблагодарам на мојата сопруга и моите две деца. Јас не бил успешен кога би ја немал нивната поддршка. Често отсуствувам од дома, но кога сум дома, тогаш за мене не постои ништо друго освен семејството. Максимално им се посветувам и се трудам да го надоместам моето отсуство на најдобар можен начин.  Понекогаш и ме придружуваат во моите подвизи.

Кои се подобри возачи, мажите или жените?

Не знам зошто воопшто се прави ваква поделба. Веќе и жените завземаат добра позиција во авто-спортот. Застарен стереотип е дека мажите се подобри шофери од жените. Според мене постојат совесни возачи и, ајде да не бидам груб, ќе кажам помалку совесни возачи.

Што е следно?

Не застанувам тука, одиме заедно кон врвот.

Полна чаша на Instagram