Активен живот

ОТКАКО ЌЕ ГО ДОЖИВЕЕТЕ ПРВОТО ЛЕТАЧКО ИСКУСТВО, ЗАСЕКОГАШ ЌЕ ЧЕКОРИТЕ ПО ЗЕМЈАТА СО ПОГЛЕД СВРТЕН КОН НЕБОТО

Активен живот

Не постои ниту едно друго искуство кое нуди уникатна комбинација на возбуда и спокој. Од глетката остануваш без здив, пред тебе знаменитости и чуда на природата, земјата од нова и една поинаква перспектива – ни рече Борис Саздов – Чатал, единствениот лиценциран превозник на патници со балон во регионот, на почетокот на своето интервју за Полна Чаша. По многу години поминати во воздух, вели дека љубовта кон летањето му ја всадил неговиот дедо со кого минувал часови на стариот скопски аеродром гледајќи во едрилиците. Чатал е основоположник и на првите македонски параглајдинг клубови, учесник на Светското првенство во параглајдинг во 1996 година и низа други подоцна. За параглајдингот вели дека е екстремен спорт, додека пак летањето со балони не спаѓа во таканаречените екстремни спортови. Балоните многу повеќе се користат како туристичка атракција, односно како превозно средство со кое со уживање можете да патувате низ воздух десетици километри.

Од каде љубовта и интересот за ваква професија?

Љубовта кон летањето ја имам од своето рано детство, уште кога имав 5 години. И ден денес се сеќавам кога дедо ми на гиданот на својот велосипед ме носеше на стариот аеродром во Скопје, каде денес се изградени многу згради. Седев на тревата и се восхитував на едрилиците што летаа и падобраните кои скокаа.

Во далечната 1984 година, на свои 17 години конечно седнав во едрелица и ја завршив обуката. Од тогаш до ден денес му останав верен на летањето.

По едреличарството во 1989 започнав со параглајдерство, спорт во кој и денес сум активен.

Првиот балон над Скопје се појави во 1992 година, и нормално како зависник од летање, веднаш се упатив да го следам балонот каде ќе слета.

На слетувањето се запознав со пилотот на балонот Славко Шорн кој воедно беше и еден од најдобрите пилоти на балон во светот во тоа време.

И така сѐ започна. Отидов во Словенија на обука и се стекнав со Словенска лиценца.

Денес, и после 32 години, не згаснува љубовта кон летањето, а особено кон балонот и параглајдерството.

Како тече една подготовка за летање со балон над нашата земја, на што сѐ треба да се обврне внимание?

Балонот се транспортира во комбе или приколка. Кога ќе стигне на местото за полетување целата опрема се изнесува и сѐ започнува со монтирање на истата. Тежината на балонот заедно со садовите за гас е околу 350 кг. Вообичаено при полетување се носи минимум околу 100 литри пропан бутан, односно во зависност од должината на летот кој се планира.

Откако ќе се поврзе горилникот со кочницата и садовите со плин, балонот се распостелува на земја и истиот најпрво се полни со ладен воздух, со соодветен јак вентилатор за да ја добие формата. Откако ќе биде доволно формиран се започнува со полнење на топол воздух, односно со помош на горилникот се вдувува пламен во куполата. Целата таа операција трае некаде околу 15 минути.

Откако куполата ќе се подигне се прави уште една проверка и кога сѐ е во ред може да се започне со летот.

Морам да напоменам дека пред секој лет мора да се најави летот на контролата на летање

На патниците им се одржува краток брифинг за нивното однесување за време на летот и за време на слетувањето.

Најбитен момент пред подготовката за лет е да се проверат метео условите, бидејќи балонот е летало кое лета во идеално стабилни метео услови, а тоа значи дека ветерот не смее да биде посилен од 5м/сек, да нема термички движења и нормално, врнежи.

Исто така, треба да се пресмета отприлика каде ќе се слета, односно слетувањето треба да биде на чиста површина, па затоа секој лет се планира да не биде во градско подрачје.

Кој е најинтересниот момент кој сте го фатиле на небото на Скопје?

Има безброј моменти во летовите за овие 25 години, но дефинитивно ги сакам оние зимски летови, кога Скопје го оставам доле под мене во магла, а сенката на балонот се отсликува во таа иста магла и оддеднаш се појавува прекрасното сонце, поглед на југ кон Водно, понатака Караѓица и Солунска Глава, а кон Тетово прекрасната Шара.

Што значи безбедноста за ваков тип на авантуристички потфат?

Мора да истакнам дека балонот е една од најкомплицираните летилици за управување, но воедно и една од најбезбедните, секако ако се користи со проверена опрема, а нормално пилотот треба да има соодветна лиценца, особено кога се работи за превоз на патници. Единствената лиценца за превоз на патници во регионов ја поседувам само јас, а истата се издава овде во Македонија од Агенцијата за цивилна воздушна пловидба. За еден кандидат да се стекне со таква лиценца треба да има најмалку 200 часа лет со балон.

Кои се пределите во Македонија кои ве изненадиле со својата убавина од птичја перспектива?

Дефинитивно најмногу може да се види околу Охридското езеро, но мошне интересен е регионот околу Маркови кули. Од воздух изгледа сосема поинаку и нереално, особено ако се лета ниско околу карпите. Секоја карпа е приказна за себе.

Што би им препорачале на оние кои се двоумат за едно вакво искуство?

Како голем вљубеник во балонерството, што друго би можел да кажам, освен топло да го препорачам на оние кои имаат авантуристички дух, желба за летање во една поинаква форма, потреба за нови искуства и доживувања. Ги уверувам дека нема да погрешат, напротив вистински ќе уживаат.

Полна чаша на Instagram