Животна средина

ИНТЕРВЈУ СО АМБАСАДОРОТ НА КРАЛСТВОТО ХОЛАНДИЈА ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА, ВАУТЕР ПЛОМП

Животна средина

Познавам многу луѓе што прават сè во нивна можност да го сортираат отпадот во домаќинството, но кога сакате да го фрлите вака сортираниот отпад, едноставно нема доволно контејнери, или тие што ги има се полууништени. Така што и јас самиот ги носам собраната хартија, стакло и пластика до Амбасадата, од каде што „Пакомак“ и „Нула отпад“ ги собираат.“

 

  1. Кое е Вашето мислење за еколошките состојби во Македонија и оценка за заложбите што ги прави земјата за нивно подобрување?

Македонија има среќа да има високо ниво на природна разноликост на релативно мала географска површина. Планините, езерата или реките се природни богатства од неизмерна вредност. Охридско Езеро, на пример, не само што е светско културно наследство заштитено од УНЕСКО, туку наскоро ќе биде и официјално Рамсар подрачје. Од друга страна, човек не може да не го забележи загадувањето, кое е видливо скоро секаде. А тоа не е само естетски, туку и животнозагрозувачки проблем. За да се започне со решавање на проблемот со загадувањето и отпадот во земјата, потребен е заеднички пристап на централната и локалната власт, на граѓанскиот сектор и бизнисите, но и на граѓаните.

 

  1. Ваши предлози и искуства за подобрување на еколошката состојба во земјата?

Неодамна имавме конференција со омбудсманот и со претставници од речиси сите општини. Имавме прилика да дознаеме за предизвиците со кои се соочуваат кога станува збор зауправување со цврстиот отпад, но и за напорите што ги презема или што планира да ги преземе Министерството за животна средина во наредниот период. Македонија не е единствената држава што се соочува со овој проблем така што има многу нешта што можеме да ги научиме едни од други. Во оваа насока, сепарацијата на отпадот и рециклирањето се меѓу првите работи што треба да се решат.

Во Холандија во моментов се рециклира или повторно се употребува повеќе од 80 проценти од отпадот, додека остатокот се користи за производство на енергија. Познавам многу луѓе што прават сe во нивна можност да го сортираат отпадот во домаќинството, но кога сакате да го фрлите вака сортираниот отпад, едноставно нема доволно контејнери, или тие што ги има се полууништени. Така што и јас самиот ги носам собраната хартија, стакло и пластика до Амбасадата, од каде што „Пакомак“ и „Нула отпад“ ги собираат. Доколку се обезбедат услови за луѓето да го селектираат и да го рециклираат отпадот, тоа во значителна мера ќе го намали количеството на отпадот што завршува на депониите, заедно со компостирањето на органскиот отпад, кое навистина може да го прави секое семејство, без оглед дали живеат во зграда или во куќа. Индустрискиот отпад е уште еден голем проблем што го забележувам особено кога одам да планинарам. Огромни купови тули, цемент или стари прозорци едноставно се истураат среде планината – тоа не смее да се дозволи.

 

  1. Што е тоа што најмногу Ви пречи од еколошки аспект за разлика од другите европски земји, пред сè Холандија?

Другите европски земји и Холандија не биле отсекогаш чисти и еколошки освестени како што се денес. Потребна е многу работа, започнувајќи од домаќинствата, преку училиштата, компаниите и владата. Она што најмногу ми пречи е недостигот од иницијатива, недостигот од акција од страна на многу од овие чинители. Сите ние мора да почнеме од сопствените дворови – да размислуваме глобално, но да дејствуваме локално.

 

  1. Кои природни убавини најмногу Ви се допаѓаат во Македонија?

Бидејќи доаѓам од географски исклучително рамна земја, планините секако се мојот прв избор, но исто така и езерата. Набљудувањето птици ми е хоби и го користам секој слободен момент што го имам зада им се воодушевувам на чудесните видови птици и нивните места за гнездење во Македонија – како што се пеликаните во Преспа или шарените пчеларки и пупунци, кои само што долетаа назад во своите скопски домови.

 

  1. Вие како амбасадор се вклучивте во еколошки акции, кое е Вашето гледиште за нив?

Еколошките акции што ги организираме со „Пакомак“ и „Пивара Скопје“ секогаш се одлично искуство! Задоволство е да се видат фотографиите направени пред и по акцијата, која е исто така и одличен тим-билдинг за нас. Веќе се подготвуваме за следната акција на крајот на април и се надевам дека овој пат повеќе граѓани ќе ни се придружат за да можеме да исчистиме поголема површина.

 

  1. Каква е Вашата соработка како амбасада со „Пакомак“?

Јавноприватното партнерство што го имаме со „Пакомак“ е добар пример за концептот кога еден плус еден е три. Освен традиционалните еколошки акции, заедно ја организиравме и претставата „Зелена планета“ наменета за децата од основните училишта низ Македонија. Уживав додека гледав како овие деца учат дека рециклирањето може да биде и забавно и знам дека тие се идните двигатели на промените во државата.

 

  1. Идни еколошки проекти што ги промовира и ги поддржува Амбасадата на Холандија?

Промовирањето на возењето велосипед е наш континуиран проект и би рекол дека повеќе се работи за стил на живот отколку само проект. Како амбасада се обидуваме да го користиме велосипедот како основно средство за превоз, а во Скопје јас навистина стигнувам на сите состаноци побрзо кога сум на велосипед. За таа намена имаме и три службени велосипеди (што е повеќе од бројот на службените возила што ги имаме). Наскоро ќе започнеме и кампања за намалување на употребата на пластични ќеси и се надевам дека „Пакомак“ ќе  ни се придружи.

 

Полна чаша на Instagram