ГЕНЕРАЛНИОТ ДИРЕКТОР НА ПИВАРА СКОПЈЕ ЈОВАН РАДОСАВЉЕВИЌ ГОСТИН НА 23-ТОТО БИЗНИС КАФЕ МАКЕДОНИЈА

Генералниот директор на Пивара Скопје, Јован Радосављевиќ беше гостин на 23-тото издание на Бизнис Кафе Македонија кое се одржа на 17 мај во “Брик бар” во Хотелот Парк во Скопје, а на кое присуствуваа некои од најистакнатите бизнисмени во Македонија, директори на банки, агенции, медиуми, млади претприемачи и стартап ентузијасти.

Во своето обраќање, Радосављевиќ се осврна на најзначајните моменти во неговиот професионален развој, предизвиците и одлуките кои, од скромните почетоци во кариерата, го донеле на високи лидерски позиции.

Како човек кој цели 19 години напредува во корпорацијата Coca-Cola HBC, Радосављевиќ истакна дека Пивара Скопје е еден од неговите најголеми предизвици поради фактот што Пивара Скопје е една од водечките компании на македонскиот пазар, но и поради можноста да ја запознае и научи пивската страна на компанијата, благодарение на големите пивски мајстори од кои секојдневно учи.

“Мојата мисија е да бидам дел од тим каде што секој поединечен член ќе доаѓа на работа, ќе ги завршува своите работни обврски и ќе си заминува дома по напорниот работен ден задоволен, исполнет и горд што е Пиварец. Затоа, уште од првиот ден во Пивара Скопје се залагам за култура на отворена и искрена комуникација без страв и двоумење и взаемно почитување. Ги поттикнувам колегите на исполнителност, ги поддржувам да даваат иновации и да разменуваат идеи и најдобри практики во рамките на целата компанија и секогаш се залагам заеднички да ги носиме најдобрите одлуки.” – изјави Јован Радосављевиќ одговарајќи на прашање од присутните за начинот и методите кои ги користи за да ги мотивира своите вработени и да креира компаниска култура на колегијалност и отворена комуникација.

Тој одговораше и на низа други прашања меѓу кои и прашањето како Пивара Скопје гледа на намалената консумација на пиво по глава на жител во Македонија и на една од најрестриктивните легислативи за продажба на алкохол, давајќи предлози и конструктивни решенија за добробит на сите.

Јован Радосављевиќ ја извршува функцијата Генерален директор на Пивара Скопје од 1 март, 2016 година. Тој на оваа позиција дојде од местото комерцијален директор на Coca-Cola HBC во Романија, каде по поминати три години, благодарение на неговото стратешко лидерство и конзистентен пристап во претворање на пазарните можности во позитивни резултати, компанијата оствари двоцифрен раст на продажба на Coca-Cola портфолиото и освои значаен пазарен удел.

Инаку, Бизнис Кафе Македонија е настан кој претставува организирано дружење на мали и средни претприемачи и на оние кои сакаат тоа да бидат со цел размена на информации, споделување на претприемачки искуства и охрабрување за започнување на сопствен бизнис. Идејата за ваков тип на настан произлегла од истражувањата на една агенција, чии статистики говорат дека 60% од договорите за соработка се договараат на кафе, а networking – от е еден од клучните алатки за успех.

Покрај Радосављевиќ, гости на настанот беа и Срѓан Ранѓеловиќ, Директор на KPMG и Катерина Ангеловска, тренер за личен развој.

Полна чаша на Instagram