Концепти и платформи

ПИВАРА СКОПЈЕ ЌЕ ГО ПОТВРДУВА СВОЈОТ ОДРЖЛИВ И ОДГОВОРЕН БИЗНИС МОДЕЛ И ВО НАРЕДНИТЕ 100 ГОДИНИ

Концепти и платформи

Во период кога сентименталната македонска јавност конечно прифати и се навикна дека раководител на „најдоброто од Македонија“ (Пивара Скопје) може да биде и странец, од корпорацијата „ Coca-Cola HBC “ и HEINEKEN ни го испраќаат Јован Радосављевиќ кој, иако цели 19 години напредува во глобалните корпорациски води, дефинитивно ги има задржано сите позитивни карактеристики на балканскиот менталитет и срдечност. Самиот признава дека многу лесно се прилагодува на работата во Скопје, дека тоа му одговара и се надева дека ќе остане што подолго тука.
Според Радосављевиќ во македонската јавност владее погрешна претстава дека локалните брендови како СКОПСКО немаат иднина во глобализираниот корпорациски свет. Напротив, тој потенцира дека современите корпорации битка бијат да дојдат до такви „небрусени камења“ како што е Пивара Скопје и дека нивното присуство тука единствено може само да го унапреди брендот преку примена на веќе унифицирани современи светски стандарди на работење.

krugce-jovan-radosavljevicОд каде доаѓате во Скопје и кажете ни ги вашите главни впечатоци од нашата најпозната компанија?

Во Пивара Скопје сум од 1-ви март 2016 година. Претходно бев во Романија на позиција Комерцијален директор така што директно од Букурешт прејдов во Скопје. Инаку работам од 1998 година во Coca-Cola HBC каде што почнав од најосновното ниво; една година како Мерчендајзер, па година дена како Унапредувач на пазар, а потоа кариерата ми тргна во нагорна линија. Пред да заминам во Романија бев Директор за продажба за Србија, Црна Гора и Косово.

Генерално не постојат некои големи разлики помеѓу Србија, Црна Гора и Македонија, но кога ќе споредам со Романија, е тогаш навистина ова е сосема поинакво искуство. Она што е важно во Скопје се меѓучовечките односи и тоа е тоа што го води бизнисот. Во Романија луѓето се малку поинакви и таму сѐ е поврзано со некои процеси и процедури. Иако и Романците се дел од Балканот тие генерално многу се трудат да се однесуваат како нивните колеги од Западна Европа. Токму затоа за мене доаѓањето во Скопје беше како враќање дома. Она што беше најинтересно е тоа што во првите два месеци тука, додека се уште учев што е Пивара Скопје, јас секој ден имав барем по еден состанок без никаква агенда. Едноставно луѓето доаѓаа само да ме запознаат и поминувавме и по 45 минути разговарајќи за тоа кој што работи и со што се занимава. Тогаш сфатив колку тие меѓучовечки односи се важни во Македонија и колку тие ги движат работите. Мене лично тоа ми одговара бидејќи и мене ми е поблиска таа култура.

Дополнително видов дека луѓето во Македонија се особено горди на Пивара Скопје и на СКОПСКО како пиво. Станува збор за еден од најпрепознатливите брендови во Стара Југославија и од тука СКОПСКО е срцето и душата на оваа компанија. Секогаш кога во Македонија ќе стане збор за пиво, СКОПСКО е прво на листата. И мислам дека секој Македонец е горд што има таков производ со кој може да се пофали. И ние, во рамките на компанијата, имаме посебен однос кон СКОПСКО, скоро и да не ми се случило да патувам во седиштето на мојата компанија, а да не добијам барем неколку нарачки од менаџментот да им донесам СКОПСКО.

krugce-jovan-radosavljevicДали пред да бидете испратени во Скопје бевте свесни дека ќе раководите со компанија стара 93 години која воедно е и најпознатиот македонски бренд и како се чувствувате поради сето тоа?

И покрај моето долгогодишно искуство во бизнисот, со назначувањето на челната позиција на Пивара Скопје беше јасно дека ќе се соочам со нови предзивици, сосема поинакви од сите претходни, дотолку повеќе што бев свесен дека компанијата со која ќе треба да раководам, нема да погрешам ако кажам, е “институција” на македонскиот пазар. Велам институција, пред сѐ од аспект на препознатливоста на брендот, моите впечатоци се дека Македонците така и ја дожуваат Пивара Скопје што е сосема разбирливо, компанијата опстојува речиси цело едно столетие или попрецизно веќе 93 години. Од парна пиварница основана во 1924 година, денес Пивара Скопје е синоним за модерна компанија со најсофистицирани производствени капацитети за пиво и сок во кои се произведуваат 4 основни пивски бренда и 12 основни брендови на безалкохолни пијалаци. При тоа не треба да се заборави фактот дека во својата 93 годишна историја, Пивара Скопје минала низ многу фази на трансформација, економски и политички преобразби. Но токму во нив, Пивара Скопје ги препознава предностите и можностите за реконструкција, развој и проширување со примена на техничко-технолошки иновации, зголемување на бројот на работници и секако зголемување на производствените капацитети и портфолио на производи. По успешно завршената приватизација, Пивара Скопје е во сопственост на Coca-Cola HBC и HEINEKEN кои на оваа компанија со децениско искуство и дадоа дополнителна вредност. Ќе настојувам Пивара Скопје да го продолжи трендот на раст, фокусирајќи се на градењето доверба со купувачите, зголемувајќи ја љубовта на потрошувачите кон нашите брендови и обезбедувајќи натамошен одржлив развој и вложувања во заедницата.

krugce-jovan-radosavljevicДали СКОПСКО по квалитетот и по обемот на производство може се носи на глобалните пазари? Дали генерално во овој глобализиран свет има место за мали локални брендови?

На пазарот постојат многу квалитетни пива и можам да кажам дека некои пива навистина се прават да за бидат светски пива и да имаат некој балансиран вкус кој треба да им се допадне на сите. СКОПСКО е малку поразлично. Иако за неговото производство се користат суровини со највисок квалитет и вредност, сепак не е гаранција дека ќе им се допадне на сите. СКОПСКО е направено да им се допадне на тие кои навистина сакаат пиво по стар рецепт. И затоа кога еднаш ќе почнеш да пиеш СКОПСКО навистина е многу тешко да преминеш на нешто друго. Што се однесува до квалитетот врз основа на трошоците кои ги правиме за набавка на суровини, најодговорно тврдам дека СКОПСКО е едно врвно пиво кое може да се носи со целата позната конкуренција.

Што се однесува до корпорациите, сигурен сум дека тие не се тука за да ги намалуваат вредностите на малите локални бренодви. Напротив ние сме дел од две големи корпорации Coca-Cola HBC и HEINEKEN кои ги имаат најголемите брендови, а од друга страна имаат најдобар квалитет. Значи корпорацијата не може да дозволи да има некој локален бренд кој ќе биде перцепиран како лош квалитет. Поради тоа се поставуваат највисоките можни стандарди за квалитет и контрола за нешто случајно да не испадне како што не треба. Кога ќе го земеме во обзир фактот дека HEINEKEN и Coca-Cola HBC овде вложиле околу 40 милиони евра можеме да бидеме сигурни дека тие веруваат во овој бренд. Значи корпорацијата е тука за да го направи брендот уште посилен и тој да напредува, за на крај за возврат да ја зголеми и репутацијата на целата корпорација.

Од тука во овој глобален свет дефинитивно има место за вакви локални брендови. Впрочем сите корпорации се обидуваат да ги најдат тие “небрусени дијаманти” на локалните пазари. Самите потрошувачи се некогаш презаситени од унифицираните вкусови. Сѐ повеќе се бара производ прилагоден на личен вкус.

krugce-jovan-radosavljevicВо маркетингот, продажбата, контактите со странски партнери, Пивара Скопје е компанија која традиционално води сметка за својата историја. Дали е тоа исплатлива стратегија и дали ќе продолжите да го применувате во пракса?

Историјата на компанијата е нешто на што “Пиварци” се исклучително горди. За нас историјата е хронолошки биланс на наследство, минат труд, луѓе кои минале низ компанијата, процеси и развој. Стратешки гледано, историјата значи одржливост, традиција и искуство кое секое од свој апсект е преточено во локалните брендови, а кои пак, благодарение на квалитетот се и меѓународно признаени. Со децении целокупното знаење и вештини ги преточуваме во уметност на создавање автентични пијалаци.

krugce-jovan-radosavljevicСКОПСКО до пред десетина години покрај македонски беше и регионален бренд. Со окрупнувањето на вашата компанија повторно се создаваат услови брендот СКОПСКО да загосподари барем со дел од регионот. Што може да очекуваме на овој план и дали постојат такви развојни планови?

СКОПСКО и сега е присутен во дел од регионот, меѓутоа како член (бренд) на една поголема групација. Дали зад СКОПСКО како бренд ќе се изгради стратегија на регионално ниво ќе зависи од принципалот. Ако не прашувате нас во Пивара, СКОПСКО има можност и капацитет да одигра значајна регионална улога.

krugce-jovan-radosavljevicПодатоците велат дека младите Македонци се повеќе го напуштаат производството на домашно вино и ракија и налик на нивните врсници од запад пијат повеќе пиво. Дали тоа се чувствува во вашето работење на домашниот пазар?

Во напливот од нови понуди на пазарите на алкохолни пијалаци, токму младата популација која со влезот во полнолетсвото ја напушта консумацијата на безалкохолни пијалаци, е таа која водена од својот младешки и авантуристички дух сака да екпрериментира и да исробува нови вкусови. Тоа е глобален тренд, не само локален. Но, глобално, пивото како пијалак контиурано бележи раст, што главно се води од зголемениот тренд на продажби на пазарите во развој и како резултат на зголемената консумација по жител. Пивото во Македонија, и покрај традицијата на производство и консумација на вино и ракија, може да се каже дека важи за традиционален пијалак, иако Македонија на пивската мапа е далеку од една Чешка или Германија. Но тоа е сосема разбирливо од аспект на лојалност кон пивото како традиционален пијалак и високо развиената пивска култура.

krugce-jovan-radosavljevicОбјаснете ни нешто повеќе за пивото како напиток. Дали покрај социјалните бенефити кои неоспорно ги предизвикува има и реални здравствени придобивки од неговото конзумирање?

Околу 90 проценти од пивото е вода и затоа пивото е одлично за хидратација на луѓето. Во текот на историјата пивото се пиело и поради тоа што ја правело водата полесна за пиење. Во Пивара Скопје посветуваме посебно внимание на прочистување на водата која треба да има извонреден квалитет како основа за производството на нашите пива.

Јачменот е сржта на пивото и ја дава неговата нутритивна вредност. Пред да се користи за производство на пиво, јачменот се претвора во слад, при што се добива богата печена житарка. Јачменовиот слад обезбедува шеќери кои квасецот ги претвора во алкохол за време на ферментацијата.

Состојката која ги дефинира аромата и вкусот на пивото е хмељот. Прв пат бил употребен во производството на пиво во средниот век поради неговиот вкус и карактеристиките на природен конзерванс. Хмељот дава машки и женски цветови, но она што е интересно е тоа што само женските цветови се користат при правењето пиво. Тоа е затоа што токму женските цветови ги содржат магичните алфа и бета-киселини кои ја даваат онаа карактеристична арома и вкус на хмељ, како и горчината, кои го прават пивото толку вкусно. Со комбинирањето на горчлив и ароматичен хмељ во различни соодноси и во различни фази од производството на пиво, може да се добијат различни варијанти на горчина и арома.

За четвртата состојка, квасецот, нашите пивски мајстори велат дека му ја дава душата на пивото. Тие веруваат дека квасецот во суштина има душа и чувства и веруваат дека нивното добро расположение и радост при процесот на правење пиво се пренесува на квасецот, а тоа придонесува пивото да биде уште подобро. Сосема е јасно дека пивото е 100 процентно природен пијалак и има продибивки за здравјето.

krugce-jovan-radosavljevicРадлер, Темно Пиво, Цреша, СКОПСКО Smooth, се само дел од новите производи на Пивара Скопје издадени во последните неколку години. Кој од овие производи најдобро се пробива на македонскиот пазар и какво пиво Македонците најмногу сакаат да пијат?

Во своето долгогодишно рабoтење, во Пивара Скопје развиени се многу екстензии на традиционалниот пивски вкус и нови нетрадиционални пивски вкусови кои во еден одреден период имале своја оправданост и актуелност и кои допринеле и допринесуваат за лидерската позиција на Пивара Скопје. Предизвикот е токму во тоа, да се биде иновативен, да се следат најновите трендови, да се следи пазарот и да се анализираат навиките и потребите на консументите. Воведувањето на новите производи е само потврда за иновативниот пристап кој Пивара Скопје го има во производството на пиво и воопшто во сите аспекти и области на делување.

Сепак, секој производ е различен и не може да се генерализира. Различни типови на производи соодветствуваат на различни прилики и различни целни групи, а пак секој од нив е врзан со свој сопствен маркетинг план и платформа. Како пример би го потенцирал СКОПСКО Smooth, нашата последна иновација и голем успех. СКОПСКО Smooth за инспирација го зема СКОПСКО, но во исто време им понуди на новите, младите генерации питкост, свеж и избалансиран вкус. Би го потенцирал и СКОПСКО Темно кое за прв пат беше лансирано пред новогодишните празници и можеме со гордост да кажеме дека е одлично прифатено од страна на консументите како производ за ладните денови. Накратко, секој производ има посебна маркетинг комуникација која се однесува на истиот и има за цел да се доближи до консументите во вистинско време и на вистинско место.

Се разбира СКОПСКО е македонската бренд икона за нашите потрошувачи, но ние и понатаму ќе се трудиме да имаме пошироко пивско портофолио и ќе работиме на развојот на пивската култура во Македонија.

krugce-jovan-radosavljevicПивара Скопје традиционално е пионер во воведувањето на нови менаџерски практики и секогаш е отворена за идеи. Последен таков пример е вашиот проект преку кој ги стимулирате вработените да придонесат со своите идеи и размислувања за развој на компанија. Објаснете ни нешто повеќе околу тој проект?

Ние во Пивара Скопје веруваме дека иновациите го движат бизнисот и дека тие се единствениот модел за успех во динамичните и кокурентни пазарни опкружувања и глобалните трендови на развој на индустриите. Ние знаеме дека во нашите луѓе има доволно потенцијал за внес на новини во секој аспект од работењето на компанијата. Проектот за иновации кој неодамна го имплементиравме во Пивара Скопје е проект кој се спроведува и во двете групации на кои припаѓаме. Тој има за цел да ја развива иновациската култура во компанијата, да ги поттикне вработените да дадат свој личен придонес во подобрување на работните и производствени процеси, во развојот на човечките ресурси, продажбата, квалитетот на нашите производи, грижата и задоволството на нашите корисници, здравјето и безбедноста, компаниската култура и бизнисот во целост. Горди сме на фактот што за многу краток период од лансирањето на проектот, вработените ја согледаа вредноста на овој проект и постојано предлагаат иновации, а добар дел од нив се веќе имплементирани во компанијата.

krugce-jovan-radosavljevicМакедонија во Прилеп го поседува најголемиот светски музеј на тутун кој е гордост на тутунската индустрија. Дали наскоро може да очекуваме конечно да добиеме и вистински музеј на пиво со оглед на долгогодишната традиција во оваа област?

Како човек сметам дека сѐ што има вредност треба да остане во наследство на идните генерации. Пивара Скопје има испишано историја во производството на пиво и наследството што оваа компанија го има треба да стане достапно на јавноста. Изградбата на музеј не е нешто на што не сме размислувале. Таа идеја постои, но за тоа треба да се создадат содветни услови. Јас верувам дека еден ден Пивара Скопје ќе има свој музеј налик на HEINEKEN музејот во Амстердам и другите на него слични кои постојат во светот.

krugce-jovan-radosavljevicИнтересен е односот на вработените во Пивара Скопје кон компанијата. Таква посветеност, чуство на припадност и гордост ретко може да се забележи на друго место во Македонија и регионот. На што се должи тоа?

Како прво постои таа стара репутација на пиварата и вработените имаат чувство на припадност дека се дел од компанија која опстојува толку години. Понатаму, кога си дел од корпорација, зборувам и од лично искуство, тоа има некои свои вредности и предности. Тие вредности се поклопуваат со некои наши лични вредности и тоа создава синергија. Ние дополнително како раководители имаме насоки и се обидуваме со сите вработени да комуницираме на сосема нормален начин за нив и да ги поистоветиме со тие вредности. Пивара Скопје е позната и по својата општествена одговорност. Барем за мене многу значи кога ќе се вратам дома пред семејството и пријателите да можам да кажам дека сум дел од компанија која помага кога е најпотребно и вложува во заедницата во која работи. Преку нашите платформи за општествена одговорност реализираме проекти за едукација и јакнење на младите и нивниот потенцијал, проекти за здравје и безбедност во и вон копманијата, заштита на водните ресурси и животната средина, добробит на заедницата во целост, одговорна консумација на алкохол итн. Освен тоа менаџментот на Пивара Скопје води грижа и за задоволството на вработените. Ние постојано работиме и спроведуваме програми, сѐ со цел, луѓето кои работат во оваа компанија да се чувствуваат добро. Еднаш годишно правиме анкета за задоволство на вработените, анализираме и евалуираме кои се нашите силни страни и кои се областите во кои треба да се подобруваме. Ова не е само декларативно, туку факт. Континуирано работиме на подобрување на работната средина, условите за работа, но и на развојот на нашите луѓе преку специјални обуки и тренинзи. Резултатите од сето тоа се повеќе од очигледни, бидејќи секоја година е сѐ подобро.

krugce-jovan-radosavljevicКои се вашите долгорочни предвидувања за иднината на Пивара Скопје? Дали СКОПСКО ќе се произведува и пие и во наредните 93 години?

Иако периодот од 9 децении изгледа долг, Пивара Скопје е една од помладите пиварници во поширокиот регион. Нашите колеги од историски традициналните пивски пазари и земји, развиваат пивски традиции кои траат повеќе од 200 или 300 години. Она со што пак сите ние се гордееме, е дека пред влезот во второто столетие од своето постоење, Пивара Скопје, неколкупати успева да се модернизира, доизгради и да ги прошири своите капацитети и тоа не само како самостоен деловен субјект, туку и како дел од глобалните интренационални системи на кои им припаѓа. Со тоа се потврдуваат и нашите определби и посветеност, не само да продожиме да опстојуваме на овој пазар, туку и понатаму да се развиваме во насока на интересите и желбите на консументите.

Не би можел да претпоставам или изнајдам една причина која би ме навела да помислам дека во следните 100 години, во Македонија и регионот нема да се пие СКОПСКО. Не постои начин овој став да го потврдиме сега и денес, но секако, наша цел е вредностите, традицијата, искуството и знаењето да останат трајна обврска на сите идни “Пиварци”.

Уверен сум дека Македонците ќе пијат СКОПСКО и во наредниот век. Јас навистина не гледам што би можело да се случи СКОПСКО и понатаму да не биде на овој пазар. Веројатно треба да размислуваме за крај на светот за да почнеме да се сомневаме дека СКОПСКО ќе престане да се произведува.

krugce-jovan-radosavljevicВо престижното глобално рангирање кое го прави „Дау Џонс индекси за одржливост“ (The Dow Jones Sustainability Indices – DJSI) трета година по ред, Coca-Cola HBC и Пивара Скопје заедно со останатите членки на групацијата, е рангирана на прво место во светот според остварените резултати и заложбите за одржливост и заштита на животната средина. Кои проекти во делот на општествената одговорност ве прават посебно горди и ќе продолжите ли да вложувате и понатаму во зедницата?

Среќни сме и особено горди на ова престижно признание со кое дефинитивно се потврдуваат нашите континуирани заложби, остварените резултати и нашето лидерство во заштитата на природните ресурси и животната средина во земјата, но и во глобални рамки. Дополнително, да се биде препознаен како лидер во областа на одржливиот развој во цела светска индустрија на пијалаци, значи дека заслужено се наоѓаме во тоа друштво.

Ова ни дава мотив повеќе да продолжиме со многуте наши проекти за вложување во заедницата во која припаѓаме. Како дел од нашата компаниска стратегија ние посветено работиме со цел да придонесеме кон подобра и одржлива иднина, за доброто на сите нас. Уште од нашите почетоци пред 93 години, одржливоста е основно начело според кое работи Пивара Скопје и останува да биде стожерот околу кој се движи работењето на оваа компанија.

Во таа насока ние посветуваме многу време, вештини, средства и други ресурси со цел заштита, поддршка и подобрување на квалитетот на животот на сите членови на нашата заедница.

И вработените во Пивара Скопје покажуваат подготвеност и желба да помогнат во низа активности кои компанијата ги реализира на полето на општествената одговорност; учество во акцијата на Црвениот Крст за олеснување на последиците од големите поплави кои во август 2016-та го погодија Скопје, предавања во проектот за едукација на деца на тема “Здравје и Безбедност” во училиштата, менторски ангажман во проектот “Вештини за успех”, еко-акцијата за чистење на кејот на Вардар и други. Благодарение на сѐ ова, кон крајот на 2016-та година вработените во Пивара Скопје го добија годишното признание за волонтеризам од Црвениот Крст на Град Скопје. Ова признание е вистинска потврда за волонтерскиот дух на “Пиварци”, но истовремено претставува мотив и обврска и во иднина да помагаме на оние на кои помошта им е најпотребна.

Еден од проектите на кој сме посебно горди, а воедно е препознаен и како најдобра практика во нашата групација е бесплатната обука на Едукативниот центар на Пивара Скопје и компанијата за деловна едукација „Мотива“за стекнување знаења и вештини кај младите, а којашто треба да им помогне на сите млади и невработени лица да ги надминат пречките при вработување или да се охрабрат да отпочнат свој бизнис. Во 2016-та година обуката ја поминаа 136 лица, а нашите планови за наредните пет години се нивната бројка да надмине 5400 лица.
Неможам а да не ја споменам и нашата програма за практиканство која во голема мера им помага на младите да ги направат првите чекори во бизнис средината и да работат на конкретни проекти. Горди сме што на ваков начин отвораме нови перспективи за младите, придонесуваме за зголемување на вработувањето и за натамошен развој на претприемничката култура во земјата.

Во изминативе години Пивара Скопје заедно со Coca-Cola реализираше низа успешни проекти промовирајќи го спортот и редовната физичка активност. Со цел да ја продолжиме оваа мисија, заедно со Coca-Cola компанијата, поддржани од локалната самоуправа и организацијата ‘‘Отворени забавни фудбалски школи‘‘ го започнавме проектот ‘‘Coca-Cola активни зони‘‘. Активните зони се донација од Coca-Cola компанијата и Пивара Скопје кои обезбедуваат рекреативно-спортски зони на отворено опремени со најсовремена фитнес опрема, достапни за сите граѓани без надомест. Во 2016 нашето партнерство со Coca-Cola компанијата резултираше со целосно опремени 5 ‘‘Coca-Cola активни зони‘‘ во Струмица, Прилеп, Тетово, Охрид и Скопје. Но не застануваме тука. Проектот со активните зони продолжува и во наредниве неколку години ќе ги има низ целата земја.

Како дел од семејството на HEINEKEN, веќе подолг период ја развиваме и надградуваме кампањата за одговорна консумација на пиво со цел подигање на свеста за одговорна консумација и намалување на последиците поврзани со прекумерното консумирање алкохол. Сметаме дека како најголем производител на пиво во земјата имаме долгорочна обврска да ја шириме културата на одговорно консумирање, да ги втемелиме и да живееме со вредностите на одговорната консумација како дел од нашето секојдневие во заедницата на која ѝ припаѓаме. Ние во Пивара Скопје веруваме дека само одговорното консумирање може да овозможи вистинско уживање во пивото. Прекумерната консумација не значи успех за нашиот бизнис и не придонесува за одржлив раст на општеството во целина.

Тргнувајќи од тоа дека добрите навики се стекнуваат уште на помлада возраст и дека тие се од исклучително значење за создавање здрави генерации, среќни сме што трета година по ред, продолжуваме со реализација на волонтерскиот проект за едукација на учениците во основните училишта на теми поврзaни со здравјето и безбедноста во училишната средина. Преку реализација на овој проект сакаме да ја поттикнеме свеста кај најмладите за значењето на здравјето и безбедноста во училиштата, а подоцна и на работното место. Горд сум што оваа година дури 63 наши вработени, на волонтерска основа, се пријавија да им го пренесат своето знаење на над 8.000 ученици од четвртите одделенија во 113 основни училишта, во 18 општини и градови ширум земјата. Тоа ја покажува нашата корпоративна култура која се темели на поддршка на вредностите и интересите на пошироката заедница.

Следејќи го глобалното лидерство на групацијата Coca-Cola HBC во доменот на одржливиот развој, како и практиките за одржливост на Heineken, Пивара Скопје спроведува континуирани активности насочени кон правилно управување со отпадот од амбалажата, како и намалување на потрошувачката на енергија и заштеда на вода. Под мотото „Рециклирате ли!?“ вработените и менаџментот на Пивара Скопје, заедно со Амбасадата на Холандија во Македонија и компанијата Пакомак, минатата година исчистија над 3 километри од кејот на реката Вардар во Скопје. Свесни сме дека ова е можеби симболичен придонес, но се надеваме дека со оваа еко-акција испративме порака до целата заедница како сите ние треба да се однесуваме кон животната средина, а особено кон водните ресурси. Како еден од основачите на “Пакомак”, ние во Пивара Скопје целосно сме посветени и работиме кон остварување на нашите, но и на националните цели и таргети во поглед на управувањето со отпадот од амбалажа. Со оваа еко-акција дадовме конкретен придонес кон оставарување на тие цели. Се надевам дека со нашиот пример ќе ги поттикнеме и останатите луѓе и компании во земјата да преземат конкретни акции со кои ќе ја зачуваме природата чиста и здрава. Сосема за крај би сакал да додадам дека Пивара Скопје е веќе 36 години партнер на Ракометната Федерација на Македонија, долго-годишен партнер на Охридско лето и Галичка свадба и уште многу проекти кои се чувари на македонската традиција и наследство.

krugce-jovan-radosavljevicДо кога Радосављевиќ ќе остане во Скопје?

Искрено се надевам дека ќе останам подолго, бидејќи многу научив од кога дојдов овде. Самата можност да ја запознаам и таа пивска страна покрај производството на Coca-Cola многу ми значи, а најважно од сѐ ми е секако топлината на луѓето тука. Затоа јас ќе се обидам да останам што подолго овде како на место кое ме исполнува.

Полна чаша на Instagram