Студентско катче

„КОГА БЕВ СТУДЕНТ“ СО ОЛИВЕРА ЌОРВЕЗИРОСКА, ПИСАТЕЛКА: УСПЕАВ ДА ЗБОРУВАМ ЛИТЕРАТУРЕН МАКЕДОНСКИ ШТО ПРОФ. ЛИЛЈАНА МИНОВА-ЃУРКОВА ДА НЕ МОЖЕ ДА ПРЕПОЗНАЕ ОД КАДЕ СУМ

Студентско катче

Во 1984 бев матурантка и се подготвував да студирам медицина. Тоа се очекуваше од мене, тоа и самата го очекував од себе, иако знаев дека ќе студирам нешто друго. Отидов на приемен испит на Филолошки, на групата за тогашна југословенска книжевност и дома кажав дури откако ме примија.

„Навидум се двоумев, ама всушност не се двоумев воопшто. Ја сакав таа магија при зборувањето дека се двоумам, ама длабоко во молкот отсекогаш знаев дека ќе се занимавам со книги. Некаде од своите десеттина години. Во 1984 бев матурантка и се подготвував да студирам медицина. Тоа се очекуваше од мене, тоа и самата го очекував од себе, иако знаев дека ќе студирам нешто друго. Отидов на приемен испит на Филолошки, на групата за тогашна југословенска книжевност и дома кажав дури откако ме примија. Моите чекаа резултати дали ме примиле на Медицина, јас им кажав дека ме примиле, ама на книжевност“, се потсетува писателката Оливера Ќорвезироска за својата одлука да го студира тоа што отсекогаш го сакала.

Врвната македонска писателка („(С)плетени раскази“, „(Со)шиени раскази“, „Две перници“, „Заклученото тело на Лу“ и др.) со радост ја прифати поканата на Факултети.мк и на „Пивара Скопје“ да биде дел од нашата рубрика „Кога бев студент“.

– Цело детство со брат ми живеевме со желбата на нашите родители јас да бидам докторка, тој – електроинженер. Брат ми, постар од мене три години, дури и заврши една година на Електротехничкиот факултет, потоа отиде на Ликовна академија и почна отпочеток. Мене ми беше полесно, патот на детските желби беше отворен во нашиот дом и јас направо се запишав на тоа што сакав. Без особен прекор од родителите, само со малку тишина – вели Ќорвезироска.

„Одлична рачна изработка“ – животен императив

Признава дека била посветена и вредна студентка.

– Јас сум занаетчиска ќерка и сум воспитана нештата да ги добивам исклучиво со работа. Со своите десет прсти, кажано и буквално и метафорично. Кон крајот на студиите почнав да пишувам проза, иако претходно веќе имав објавено две поетски збирки. Првиот расказ го напишав во 1987 година, бев трета година на факултет. Се викаше „Прозните обиди на една песна“. Сѐ уште го чувам.

И оценките ѝ биле важни и смета дека биле одговор на нејзиниот влог во изучувањето на книжевноста.

– Се чувствував задоволна од воспоставената рамнотежа помеѓу едното и другото. Дипломирав со многу висок просек, тоа ми беше важно и тогаш, а важно ми е сѐ уште на едно суштинско, лично ниво. Постигнување видливи резултати, одлична „рачна изработка“, тоа е мојот животен императив – категорична е писателката.

Значајни книжевни имиња биле нејзини професори.

– Ги обожавав предавањата на Миодраг Друговац, на Гане Тодоровски,.. ми беше вистински предизвик да зборувам таков македонски што Лилјана Минова-Ѓуркова да не може да препознае од каде сум. Успеав. Десетина години подоцна, почитуваната професорка ми потврди дека никој не може да препознае од каде сум според говорот. Многу сум горда на тоа – вели Ќорвезироска.

Признава дека не ѝ одело лесно приспособувањето на преселбата од Куманово во Скопје.

– Живеев со цимери во стан под кирија и првиот семестар, иако станот ни беше во Градски ѕид, над сегашно „Просветно дело“, знаев да стигнам на факултет само пешки и само преку мостот „Гоце Делчев“. Дури пролетта 1985 г., во вториот семестар, научив да стигнам преку Камениот мост. Всушност, ме научи еден колега кој беше од Бока Которска, ама многу побрзо го совладуваше Скопје од мене. Не верувам во приспособување на градови, верувам само во пронаоѓање на вистинските луѓе во нив. Моето прво соочување со Скопје беше преку Јадранското Море во мислите на колегата со кого најбрзо се спријателив – вели авторката на „(С)плетени раскази“.

Студентските пријателства ми се нешто посебно

Сѐ уште се дружи со колеги од факултет, од кои повеќето се познати писатели.

– Во мојата и во блиските генерации пред и по мене имаше студенти кои сега се познати писатели, со кои заедно подготвувавме испити и почнувавме да пишуваме, кој порано – кој подоцна. Си го менувавме напишаното, се фалевме и се кудевме заемно… Доцните 80-ти години со еден сега познат македонски писател цел ден се возевме во „деветнаесетка“ и читавме моја песна. Тој тогаш сѐ уште не беше почнал да пишува, ама затоа, пак, воопшто не ја штедеше мојата поезија. Со друг, седум пати го гледавме филмот „Билитис“ на Хамилтон во киното „Култура“. Студентските пријателства ги сочував како нешто посебно во мојот живот – споделува таа.

Студирањето секогаш е полно со сеќавања, анегдоти од интересни работи што ни се случувале. Ќорвезироска се сеќава на необичниот испит што го полагале во „Три јавора“ во Стара чаршија, пред влезот/излезот од Капан-ан.

– Беше пеколна горештина и точно знам што и за кого пишував на масата со кариран чаршаф и карафиндл на неа. Eднаш, пак, на предавање, влезе Гане Тодоровски и рече да го почекаме некоја минута, морал да се види со татко ми. Нагласи: „Со таткото на Оливера“. Се чудев од кај професорот со татко ми, дури и се вознемирив… Набрзо сфатив дека професорот со години мислел оти сум ќерка на еден писател кој живееше во Куманово, Драгослав Марковиќ, само поради презимето (моето моминско презиме е Марковиќ) и, секако, поради тоа што знаеше дека и јас пишувам. Никогаш не ме беше прашал, ама, ете, така си мислел – се навраќа Ќорвезироска.

За време на студиите не работела. Многу читала и по малку пишувала.

– Секој петок попладне си одев во Куманово, секоја недела навечер се враќав во Скопје. Со автобусите на „Југ-турист“ или на „Пролетер“. Саботите претпладне, со години, ги поминував во кумановската библиотека. И сега се чувствувам посебно во тој простор, иако библиотеката „Тане Георгиевски“ е доста променета оттогаш – вели страсната вљубеничка во книгите.

Дипломирала есента 1988 година и веднаш се вработила во „Детска радост“. Таму останала во наредните 15 години. Иако работи во издавачка куќа, тоа никогаш не било нејзин сон (оти сакала да предава книжевност, а не да уредува книги), сепак, работата во оваа издавачка куќа, која во тие години била во голем подем, на повеќе нивоа ѝ го променила и ѝ го трасирала животот.

– Отсекогаш сакав да предавам. Тоа беше мој сон. Мислев дека сум родена за тоа, ама, ете, сум била родена за нешто друго. Најмногу ми е жал што не научив да свирам кларинет, малку помалку што не работам со студенти. Отсекогаш знаев одлично да кажам, да покажам, да пренесам сѐ што знам – вели авторката.

 

Полна чаша на Instagram