Студентско катче

“КОГА БЕВ СТУДЕНТ” СО АЛЕКСАНДАР ПОПОВСКИ, РЕЖИСЕР: ДВА ПАТИ МЕ ОДБИЈА НА ГЛУМА. ПРОДАВАВ „МЛАД БОРЕЦ“ И ЛЕПЕВ ПЛАКАТИ ЗА ДОМ ЗА МЛАДИ

Студентско катче

Унковски нѐ учеше дека секој од колегите мора да коментираме еден за друг за сработеното. А имавме право да зборуваме и за него. Се сеќавам дека еднаш го „растуривме“ комплетно. Тоа беше претставата „Диес Ирае“ на Жанина Мирчевска. Воопшто не ни се допадна и го нападнавме. Тогаш ни рече: „Од сега ја укинувам оваа рубрика, оти претерувате!“ – се потсетува режисерот Поповски, во рубриката што факултети.мк ја реализира во соработка со Пивара Скопје

 

Средното училиште ми е еден од најубавите периоди во животот, време што ме издефинира за тоа што станав подоцна. Тоа се годините помеѓу 1984 до 1988-ма, кога целата културна сцена беше многу силна. Беа објавени култни албуми на југословенската сцена, гледавме филмови од белградски „Фест“, се радувавме на Млад отворен театар. Културниот живот ми беше главна преокупација – вели режисерот Александар Поповски, потсетувајќи се на своите средношколски и студентски денови.

 

Во средно глумев и пеев

Еден од водечките режисери на Балканот во последните десетина години, всушност, сакал да биде актер. Два пати во една година конкурирал на Факултетот за драмски уметности, ама бил одбиен. Професорот Владимир Милчин му кажал дека повеќе му лежи режијата.

Со театарски аматеризам почнал да се занимава токму во средно. Учел во гимназијата „Јосип Броз“ во Скопје. Вели се радува што имал и професори кои биле помодерни за тоа време, но и такви од стариот ков и таа комбинација ја нарекува „добитна“.

Пред да почне да глуми, бил пејач во неколку бендови.

– Во прва година средно почнав со бендот „Ултиматум“ и свирев на првото издание на Рок-фестивалот. Пеев и бев крајно неуспешен во тоа, тешко на тие што ме слушаа. Знаев дека немам талент, ама имав голема желба – се смее Поповски.

Во тој период веќе имало две важни драмски групи што функционирале во Домот на младите (денешен Младински културен центар). Тоа биле „Чвор“ и „Мат“. Наскоро добил понуда да се приклучи на нова група, што ја предводел Иван Поповски, денес водечки режисер на руската театарска сцена. Во таа екипа биле Катерина Колозова, Иван Бартлинг и многу други уметници и успешни луѓе денес.

– Една од претставите се викаше „Неодредени лични заменки“, мислам дека ја режираше Катерина. Глумењето ми беше едно од најубавите искуства што сум ги имал. Подоцна Иван напиша еден текст, а мислам и дека го режираше – „Гордеј се со тоа што си“ и добив прва награда за глума во Кочани – се потсетува режисерот.

Поповски објаснува дека во средно школо кога ќе го видел Горан Стефановски дека оди во книжарница, возел со велосипед зад него, да види која книга ќе ја купи, за да ја купи и тој.

 

Ја основал театарската група „Црв“

Дошло момент да формира и своја театарска група, што се викала „Црв“. Му се придружиле Дарко Митревски, Зорица Црношија, Кети Илиевска.

– Бевме многу интересна група. Го направивме првиот текст на Дејан Дуковски и  го игравме во џебното кино на Дом на млади. Таму сѐ уште бев глумец, не ни размислував за режија. Многу сакав да глумам и мислам дека бев одличен. Режирав две претстави, ама тоа не го сфаќав како режија, ами како нешто што мораш да го направиш. Ми беше поинтересно да играм. По некое време ни се придружи и Мишел Павловски, кој ни донесе фантастичен текст од руските симболисти „Госпоѓа Ленин“ и со таа претстава победивме насекаде – вели Поповски.

Со оваа претстава му се случил клучен пресврт и одлука во животот. Тоа веќе било времето кога решил дека многу сака да се запише на режија. По двата неуспешни обиди да стане професионален глумец, заминал во војска во Љубљана. Таму конкурирал на отсекот, ама го одбиле со изговорот дека е многу млад. Во тоа време праксата на словенечката академија била секој студент што сака да студира режија, да има барем две години претходно на некој факултет од типот на Филозофски, Книжевност.

Во Скопје се запишал на Филозофскиот факултет. Филозофијата ја сакал отсекогаш. Ама не издржал долго време на тие студии, вели сакал да биде слободен да може да ги интепретира мислите на филозофите, не само да ги повторува, цитира.

 

„Госпоѓа Ленин“ – пресврт во животот

– Се решив да се обидам на режија во Скопје. Столе Попов беше раководител на филмска, а Слободан Унковски – на театарска режија. Во истиот период дури беа приемните дознав дека „Госпоѓа Ленин“ ни ја примиле на фестивалот во Белград. Го поминав првиот круг, а пред вториот, му реков на Унковски: „Знаете што, јас морам да одам во Белград“. А тој: „Што зборуваш? Ти овде имаш обврска“! – биле тоа моменти на одлука.

Поповски се сеќава како да било вчера.

– Ја паметам таа ноќ, на Железничката станица, сите се качуваат во воз, пеат, весели. А јас со еден велосипед од дедо ми, останувам сам, возот тргнува и ми носи сѐ што имам во моментот. Во тој момент тоа ми беше сѐ! Останав во една тотална неизвесност, во смисла што ќе се случи и се сеќавам дека плачев како идиот. Во некаква комуникација со небото си реков: „Добро, ајде кажи, што сакаш да направам за да влезам на Академија? Колку ја сакам оваа работа?“ Тоа отсекогаш си го сметав како жртва на олтарот на божицата Талија – вели тој.

Го прошол вториот дел од испитот и му се остварил сонот. Среќен бил што кај Унковски имале и часови по глума.

 

Ненад Стојановски ни беше идол

Поповски е многу благодарен дека имал одлични професори. Ги имав Унковски, Столе Поповски, Горан Стефановски, Русомир Богдановски – луѓе кои на некој начин му ги отвориле вратите во професионалниот свет.

– Имав еден голем пријател, кој што многу го сакав како актер – тоа беше Ненад Стојановски. За нашата генерација Ненад беше идол. Го гледавме од страна, а подоцна станавме и пријатели. Почнавме да се дружиме и мене многу ми значеше тоа. Така го замислувам скопјанецот. Тој беше урнекот за мене – човек полн со дух, талентиран, начитан – вели Поповски.

Вели дека многу се дружеле со студентите по глума, а и другите профили на ФДУ.

– Од тогаш ми е близината со глумците со кои соработувам. Се собиравме кај Дејан Дуковски, па дискусиите продолжуваа пред „Ван Гог“. Немаше политика во наше време, дискутиравме за убави работи. Во втора година на факултет ни пријде Љупчо Никодиновски – Биш, кој беше директор на МОТ и ни рече дека младите режисери ќе работат според македонски автори. Мене ми се „падна“ да режирам во велешкиот театар. Тоа беше мојата прваа професионална претстава според текст на Дуковски – „Џинот и седумте“. До крај на студиите направивме една претстава заедно со Дарко Митревски, според наш текст „Туку-така под облака“, а ни помогна Русомир Богдановски. Со таа претстава игравме во многу земји – вели нашиот соговорник.

За себе вели дека во прва година на студиите бил можеби и најслабиот студент.

–  Сите идеи што ги имав ги ставав во една претстава, како да ми е последна. И Унковски ми велеше дека мора да ме спаси од моите идеи. Ми велеше дека од секоја од нив можам да направам посебна претстава. Затоа мислам дека човек кога е млад, не може да режира и да се запише на студии. Во втора година веќе ја добив првата десетка и едно писмо од професорот кое сѐ уште го чувам и во кое ми честиташе. Унковски беше маг, така го запознавме – човек кој ја знаеше тајната. И Горан ја имаше таа теорија –дека талентот не може да се научи. „Јас можам да ве научам занает. Како размислуваш е твоја работа, ама како ќе ја систематизираш мислата, тоа е мојата работа“ – се потсетува на лекциите на Стефановски и додава дека секогаш го правел тоа што го интересира. Нагласува дека е особено важно за младиот човек да знае што не сака.

 

Со Никола ќе глумиме некој ден во претстава

Пријателството со Никола Ристановски е токму од студентските денови. Се договарале еден ден да играат заедно во претстави.

– Тоа беше една многу талентирана генерација. Повеќето од нив завршија како група во МНТ, иако во тоа време Драмски беше актерски појак. Ама кога дојде „Буре барут“, се премести енергијата во МНТ. Жал ми е што немаше силен продор на млади луѓе, еден проток на млади. Мислам дека нашата генерација не го направи она што го направи генерацијата на која ние се учевме – вели тој.

Вели дека со колегите на факултет биле многу самокритични, а на тоа ги учел и нивниот професор.

-Унковски нѐ учеше дека секој мора да зборува еден за друг. А имавме право да зборуваме и за него. Се сеќавам дека еднаш го „растуривме“ комплетно, тој направи претстава по текст на Жанина Мирчевска, „Диес Ирае“ и на нас воопшто не ни се допадна и го нападнавме. Тогаш ни рече: „Од сега ја укинувам оваа рубрика, оти претерувате!“ – се смее Поповски.

Дипломирал со претставата „Циркус Принтипрам“ од Хармс. При крај на студиите почнал да работи и „подзаглавил“ со испитите.

– Во тоа време се појави видеото како нов медиум и мене ме заинтересира. Почнав да работам за А1 телевизија и ја снимив првата емисија – тоа беше концерт на Влатко Стефановски. Почнавме да правиме една емисија „Subway“, па правев многу спотови, реклами и ми беше тешко да го завршам факултетот, ама смогнав сили – вели режисерот.

 

Лепев плакати и продавав списание

Вели дека е важно за младите дури студираат и да работат, да наоѓаат начин да заработат .

– Во прва година заедно со Дарко Митревски лепевме плакати за настани во Дом на млади. Ни плаќаа по 1 динар за плакат. Исто така, го продававме списанието „Млад борец“ на плоштад. Тоа беше во времето кога се осамостојувавме. Еден постар режисер ни пријде и нѐ искара зошто го правиме тоа, дека сме ја валкале професијата. Неколку години подоцна ете ние си ја тераме работата – вели Поповски и додава дека работел и како новинар.

Го прашавме што мисли за првите претстави што ги направил. Вели дека е задоволен и дека биле резултат на еден став.

– После „ММЕ…кој прв почна“ ме викнаа да работам во Белград и ми дадоа да работам текст кој воопшто не ми се допаѓаше, беше нешто за конфликтот помеѓу Србите и Хрватите. И јас ги одбив. Ми велеа дека тоа ми е шанса и демек никој немало да ме викне друг пат. Многу е важно да имате став – вели тој.

Иако го сака актерството, никогаш не си доделил улога во своја претстава, ама понекогаш игра во некоја од претставите кога гостува во некој град во странство.

– Еднаш во Љубљана играв цела претстава. Таква беше „Мистерија Буфо“, група на луѓе патува низ приказни. Јас бев нов член во таа група и ми беше многу интересно.

За сите што сакаат да се занимаваат со неговата професија, тој вели:

– Многу е важно да се обидете. Мора да пробате и пред да се запишете на факултет. Во едукативна смисла, во средно школо мора да се воведат насочени предмети, за еден млад човек да си ги открие афинитетит. Да не одев четири години во Дом на младите, можеби никогаш не би се решил за режија. Ова е многу искуствена уметност. Добар се станува со искуството и со поминати километри, а тоа никој не може да ви го негира.

Полна чаша на Instagram