Животна средина

ЧИСТАТА ОКОЛИНА ПОЧНУВА ОД СЕКОЈ ОД НАС

Животна средина

Пејачката Кристина Петровска-Арнаудова вели дека јавните личности не треба да се присутни во јавноста само кога имаат да кажат нешто во врска со нивната професија, туку и кога треба да зборуваат и да ја подигнат јавната свест на теми кои се значајни за општеството, како екологијата.


kristina-2Кристина, јавноста знае дека екологијата е важна тема за тебе. Колку јавните личности можат да допринесат за зголемување на јавната свест?

Во последниве години една од работите која најмногу ме иритира е нечистотијата во градот и воопшто насекаде, несвесноста на луѓето за важноста на таа тема. Ме иритираат родители кои не обрнуваат внимание на воспитување на своите деца во духот на екологијата и чистотата, неинформираноста на тема рециклирање и екологија. Една од првите работи на кои го научив мојот син, уште кога почна по малку да разбира, беше дека своето ѓубре мора да си го фрли на место, па така уште од мал трчаше по паркот, собираше сам ѓубре, го фрлаше, а ако видеше некој како фрла на земја, трчаше по него и кажуваше како човекот е некултурен дека така ја загадува околината. Ова не го кажувам за да се пофалам, туку за да дадам до знаење дека се потекнува од едукацијата, воспитувањето и домот. Чистата околина започнува од секој од нас. Јавните личности се гласила, тие не треба да се присутни во јавноста само кога имаат да кажат нешто во врска со нивната професија, туку и кога треба да зборуваат и да ја подигнат јавната свест на теми кои се значајни за општеството. Јас функционирам така и така ја разбирам мојата улога. Затоа ја користам секоја можност да сум општествено одговорна и корисна.


kristina-2Колку е лесно или тешко да се одржуваат еколошките навики кај нас?

Веќе кажав дека се потекнува од домот. Но еве, бидејќи имам прваче дома, морам да признаам и дека кампањите на „Пакомак“, кои се адаптирани на детската свест вродуваат со плод. Пред некое време Максим се врати дома од училиште и ми кажа дека мора да почнеме да селектираме отпад, да собираме пластични шишиња кои ја загадуваат околината. Беше особено мотивиран бидејќи на школо им кажале дека „Пакомак“ ќе ги наградува највредните. Браво за тоа што го прават и за начинот на кој допираат до децата. Тоа е многу значајна тема и тие се пионери во тоа, па ги заслужуваат честитките за едукацијата на нашите деца.


kristina-2Како изгледа селекцијата на отпадот во вашиот дом, кој се грижи се да дојде на свое место?

За жал во близина на нашиот дом се уште немаме канти за рециклирање, каде би фрлале селектиран отпад. Но, ние сепак селектираме. Во посебни кеси сместуваме пластика, стакло и хартија. За тоа, од пред некое време, е задолжен Максим, од кога сфати што е тоа рециклирање и како се прави, постојано ни напоменува да не згрешиме во пакувањето на отпадот, бидејќи пластичните шишиња треба да ги однесеме кај него на училиште, а останатиот селектиран отпад во најблиските контејнери за хартија, стакло, лименки и пластика.


kristina-2Подготовуваш претстава на тема екологија и селекција на отпад. Ќе ни откриеш ли за што станува збор?

Минатата година го оформив моето здружение за хумано општествен развој, „Проект Среќа”. Идејата е да работиме проекти, општествено одговорни, кои ќе ги нудиме на компаниите, како би ја зголемиле нивната општествена одговорност, но и јавната свест кај населението. Еден од проектите беше и детската театарска претстава „Зелена Планета “ , која преку текст адаптиран на детската возраст ќе им ги даде потребните информации на децата, што е рециклирање и екологија и зошто е важно да го селектираме отпадот . Како што кажав, мислам дека едукацијата на децата на тие теми треба да започне од најрана возраст , па затоа претставата е наменета за деца од прво до петто одделение. „Пакомак“ во соработка со Пивара Скопје, Холандската Амбасада и организацијата “0 Отпад” на наше задоволство го прифати проектот, а детското драмско студио „Детски Свет“ при МНТ , ја изработи претставата и текстот. Идејата е што повеќе деца да ја видат претставата. Верувам дека на тој начин свеста за екологијата и важноста на рециклирањето многу ќе се зголеми.


kristina-2Што треба да се смени кај нас, како селекцијата на отпадот да стане тема која ќе им биде важна на сите?

Свеста на таа тема ни е сè уште на многу ниско ниво. Преку вакви и слични проекти како и преку поголема ангажираност на медиумите на таа тема, верувам дека луѓето би станале многу посовесни и поодговорни. Грижата за околината е од основно значење за нашето постоење, за здрaвјето, за намалувањето на притисокот од климатските промени. Ако секој се грижи за себе, за своето семејство и околина, неговиот труд ќе има влијание и многу подалеку.


kristina-2Која е твојата порака за децата и возрасните врзана за екологијата?

Ако се грижите за себе и за здравјето и среќата на своите најмили, тогаш треба да се грижите и за природата, за реките, езерата, планините, за градовите и селата, бидејќи чиста околина значи здравје, среќна иднина, здрава храна….
Интервјуто е преземено од Еко Предвесник.

 

 

 

 

 

Полна чаша на Instagram