Студентско катче

“КОГА БЕВ СТУДЕНТ” СО МИРОСЛАВ МАСИН: МАЗЕВ МИ БЕШЕ ВРСКА ЗА АКАДЕМИЈА, ИМАВ СРЕЌА ДА УЧАМ ОД КОНДОВСКИ, ПЕРЧИНКОВ И АНАСТАСОВ

Студентско катче

И Петар Мазев, маестро, ми беше една од врските. Вториот ден додека цртавме потрет, проаѓа во ревизија. А таму сè е анонимно, со печати, чувари… Тој ми го зема ќумурот и ми го корегира малку и го направи тоа „врло мазевски и врло добро“. Јас, млад, наивен, неискусен…„ Како вака??? Ми го уништи портертот, а таман почна да ми личи на моделот!“. А Мазев ти корегирал! И јас фатив уште една врска со чуварот кој внимаваше на нас и ми даде нова хартија со нов печат. И ден-денес си викам, ќе имав дома цртеж од Мазев.

Имав една девојка, чиј вујко беше сликар-аниматор во „Вардар филм“, еден прекрасен лик, Бојан Анѓелко Миловиќ… И одевме кај него чат-пат на гости. Ние дома имавме слики, сватови сме со Вангел Наумоски. Имавме од него слики, некоја безвредна таписерија… Но, пресудно беше што одев во ателје кај Анѓелко. Мирисот на маслени бои… тогаш немаше акрилик, беше во некоја развојна фаза, не користевме многу… Тоа беше после војска. Ѝ прави вујково портрет на девојкава, и… првпат гледам како се прави во живо, од сива хартија излегува жена… Мајку му, викам, лелеее, фасцинантно е!

Си проаѓа време, дома седам, со шминките на мајка ми. Викам, чекај да пробам?! (Ја цртав девојката, не ѝ го спомнуваме името). Вака-така и… заличи на нешто мајку му Божја. И заличи… И влезе тоа чивијата…

 

И така Мирослав Масин се навлекол на сликарството. Уметникот, сликарот, цртачот, боемот кој со неколкумина од својата генерација го одбележа крајот на минатиот и почетокот на овој милениум. И сè уште го прави тоа… Но, терминот „боем“ ќе го оставиме за крај, како што заврши муабетот за периодот „Кога бев студент…“ на Факултети.мк и „Пивара Скопје“.

Приказната на најмногу ликовни уметници најчесто почнува со периодот во детството, кога почнувале да чкртаат, па продолжиле во средното уметничко училиште, па Факултетот за ликовни уметности. Почетоците на Масин се поинакви.

– Баш деновиве се собравме во Катланово, четири-пет души од нашата генерација.

Учев средно во Корчагин… и математика, и хемија, и спорт…… Од Корчагин се  запишав на Градежен факултет. Тогаш беше вака: ако се запишеш на факултет, одиш три месеци помалку во војска. После војска го запознав Анѓелко. Јас веќе заглавен на Градежен, прва година, колоквиуми, па ми фаќаа врски… И правиме пијачка-муабет со Анѓелко и ми вика дека ќе ме спрема малку, ми објасни што е тоа Академија, дека има работа, дека не е само брада и ракија добра и долга коса… И фатив сериозно. Едно време, дали го мрзеше или не сакаше, ми рече: „Толку ти е од мене. Сега ќе си најдеш некој професор од Академија што ќе ти дава часови и ќе те спрема посериозно“ – раскажува тој.

 

Вели дека и тогаш (како и сега) морало да се има врски. Ако се пријават 150 души, а примаат седум секоја година, сигурно 100 од нив што се подеднакво добри на почеток.

– И нормално, врски, јас фатив врски. Скоро сите ги фатив! Одев на сигурно, на прва ме примија – вели Масин.

 

Се запишал баш на отсекот сликарство. Тогаш сите сакале сликарство, па графика, скулптура. На приемниот лист, секој забележувал на кој оддел сака да се запише.

– И Петар Мазев, маестро, ми беше една од врските. Вториот ден додека цртавме портрет, проаѓа во ревизија. А таму сè е анонимно, со печати, чувари… Тој ми го зема ќумурот, и ми го корегира малце и го направи тоа „врло мазевски и врло добро“. Јас, млад, наивен, неискусен… „Како вака??? Ми го уништи портертот, а таман почна да ми личи на моделот!“. А, Мазев ти корегирал! И јас фатив уште една врска со чуварот кој внимаваше на нас, и ми даде нова хартија со нов печат. И ден-денес си викам, ќе имав дома цртеж од Мазев. Ме примија и така тргна целата работа – вели тој.

 

Се запишал на ФЛУ во 1983, дипломирал во 1988. Една година паднал, заедно со десетина други студенти. Марксизам – Димитар Димитров.

– Не испобутка, тогаш марксизмот беше не толку попоуларен како малку пред тоа. Но, убаво испадна. Поради тоа паѓање останав кај Кондовски уште една година. Фала му, не сум му лут, имав уште една година со Конде. Не беше тоа некој тежок факултет. Немавме анатомија, како на белградска или љубљанска академија – раскажува Масин.

 

Бил кај тројца различни професори. Прва и втора година кај Душан Перчинков, трета (два пати) кај Димитар Кондовски и четврта кај Родољуб Анастасов. Тројца различни автори, ликови, карактери.

– Ја имав таа среќна комбинација. Со сите тројца имаше различен однос. Најџекерски беше со Кондовски. Тој беше најџек во она што мене ми паше- боемство. Перчинков и Анастасов се посмирени. Таа комбинација е среќна. Некој вика, што има врска?! Па, Перчинков ти дава една сталоженост, графизам, студија, тоа ми е од него останато. Конде ќе ти каже на мала грешка, голема финта. По две или десет години кога ќе откриеш што ти кажал… Анастасов со молчење ти кажува десет работи. Прекрасна комбинација имав – вели Масин.

 

Тие што доаѓале од средно уметничко знаеле повеќе, имале послободна рака, биле подобри. Но, голем дел од нив после втора година, останувале на исто ниво цело време. Тој гледал да ги престигне.

Скопје, осумдесетти години. Сули ан во Стара чаршија. Тогаш живее 24/7 и „јаче“. Сите се дружеле!

– Банди. Едни одеа во чајџилница, како интелектуалци. Јас четири години работев по кафичи, во „Раф“, дури два-три месеци на скара вртев ќебапчиња. Се дружевме со Симонида Филипова-Китановска, Јован Балов, Предраг Пепи Урошевиќ (не бевме од иста класа) но, се дружевме многу. Јас, бидејќи работев во Раф, ќе дојдам во 7 на работа, останував некогаш до 3, некогаш до 5, некогаш подолого. Па имаш предавање, вежби – цртање/сликање секој ден од 8 до 12. Душа млада, лепа, сака да одмори. Ако си отидам дома во 3-4, со најголема желба да стигнам во 8 сабајле, ќе сигнам најрано во 11-12, па останував до доцна навечер. Па ќе му се јавам на Дијано да ме смени ако сум се расцртал, расликал. Бев од тие непочитувачи на време, а денес сум еден од тие на кои им смета што не го почитуваат моето време – раскажува Масин.

 

Во еден од тие денови, се погодил во ателјето со Професорот Кондовски и колешката Симонида. Часот 1-2 попладне, и тие останале подоцна тој ден. Работна атмосфера, младиот Масин доаѓа, малку не му е „како што треба“. Кондовски со еден длабок глас и „подочњаци“ вика:

– Ооооо, маестро млад, дошол на вежби.

– Здраво професоре, здраво Симонида…

– Вчера заглави, а?

– Да професоре…

– Тешко, а?

– Тешко, тешко професоре…

– Ееее, а ти што мислеше?

– Симонида, ќе направиш кафе…?

 

Имале ѓезвиња, немале фрижидер, но мезе секогаш се наоѓало, во секое ателје, во секое време. И така пиеле кафе, по некоја ракија, но биле „турбо“. Ќе отиделе во кафана, во чајџилница, или на бурек, чорба. Некој ќе им направел тура во Белград, Загреб, Љубљана. Постојано имало движење.

– Со Пепи ќе седиме, и што да правиме, нема да играме карти, да тетовираме. Ќе постелиме хартиите по становите по дома, и ќе се расликаме. Некогаш една песна ја враќаш два дена или два саата, па ќе направиш муабет… Важно бевме нон-стоп активни, од сабајле до сабајле. Мислам дека сме генерација со Никола Ристановски. Тогаш студентите од Факултетот за драмски уметности почнаа да го прават „Скомрахи“ во бараките и се дружевме. Не фативме хипи, но последниот крај. Јас не сум југо-носталгичар, но 22 милиона и два милиона, има малку разлика… – вели тој.

 

Почетоците во неговиот ликовен израз како студент се врзани со птици. Следуваат мајмуните, фасцинација која десет години подоцна буквално ќе го затвори во кафез во скопската Зоолошка градина, перформанс кој имаше силен одзив во јавноста.

– Птиците… тогаш заедно работевме со Дијано Здравковиќ. Така се запознавме, тој шанкер, јас конобар. Еден прекрасен интелектуалец, цртач и писател. Јас правев случајно по еден цртеж, според работата на Миќа Поповиќ, југословенски, европски, светски и српски сликар кој има обработувано доста мајмуни. Случајно со Дијано, чекајќи муштерии и бакшиш, уз муабет, ми предложи жици и така почнав со мајмуните. Така во тие младалачки интелектуални муабети почна да се развива идејата, од што и како сме настаналее. Ако Анѓелко е виновен за уписот мој, Миќа Поповиќ е за мајмуните…

 

Низ смеа вели дека лажел кога раскажувал дека кога имал 4-5 години, вујко му му подарил мајмунче. Или кога бил прва година се возел со 2-ка од Карпош до Бит пазар, па биле замаглени прозорците на автобусите, па направил шкртка, па искочило мајмун, па некој го прашал дали е мајмун…

– И тоа е л’жга, вистинита л’жга. Немав кола во тоа време, ретко кој возеше кола. Имав моторче – томос- автоматик, кое беше на служба. Јас кога бев на работа сите го возеа. Ќе го вратат во 2 во 3 сабајле да си одам дома – раскажува тој.

 

Денес не се дружи интензивно, редовно, со луѓето од времето на студиите. Вели: „Се менува времето, се мажиме, жениме, запослуваме, умираме, се раѓаат нови“. Неговото време му е исклучително важно. Тоа е една од причините зошто не станал дел од ФЛУ, иако неколкупати организирал приватно школо, по неколку месеци.

– „Имаше убави журки, убаво беше, меѓутоа ми одзема време. Одамна сум научен да имам многу слободно време, да бидам сам, да се сакам со неколку драги луѓе. Така одлучив да сум невработен цел живот… Има луѓе кои се родени да едуцираат. Многумина ми рекле дека го имам тој однос. Мајка ми беше наставник во „Браќа Рибар“, сестра ми цел живот англиски предаваше, даскалскиот момент е тука. Но, знаејќи дека ќе ми одземе од личното време и слобода… решив поинаку.“ – раскажува тој.

 

Масин вели дека секој почеток е тежок, така било и кога бил студент. Тогаш почнувале да се отвораат приватни галерии, но претежно биле продажни, не изложбени. Дали му недостига тоа време, Масин е дециден, покажувајќи ја малата фигура на џуџе среде ѕидот:

– Си направив чаршија дома, во ателје. Тука се собиравме, правам изложби, изложбички, читања, некој ќе засвири… Не би се менувал, зошто сега да одам по такси, по автобуси, да ми се замаглува, да ми се присторуваат мајмуни, неее… Дома си седам, си уживам и си го правам тоа што сакам и… џуџе. Си биле Сежана и седумте џуџиња. Едното спие контра, со нозете на перница. Доаѓа Снежана и го буди малиов. Што е бе Жано? Епа, спиеш контра. Добро бе, у рудник цел ден копаме, донесовме сè, оди прај ручек, мети бавчата. Дома сум – ќе спијам како сакам! Затоа е тука џуџето, да ме потсеќа дека не може никому да му згреши. Не ти чини – пријатно. Добродошли-доброотишли. Џуџевска демократија.

 

Како што е ред завршуваме со боемството. Вели:

– Има дефиниција, не е моја туку по Вујаклија. „Цигани, уметници, студенти, који живе од данас до сутра, по принципу: Док траје, нек лаје“. Е тоа е боем, толкувај го како адвокатите. Колку се еден и еден? Два. Ама адвокатот вика, зависи како го тумачиш. Така и на Вујаклија му направиш сопствена варијанта, тогаш можеш да преминеш од боем во пијаница или од боем во голем уметник. Но, за тоа треба да помине некој век, за да соџвака. Ние секако нема да бидеме тие што ќе кажеме.

П.С. Проверено во речникот на Милан Вујаклија: Боем – Книжевници, уметници, студенти и други који живе својим нарочитом природним животом, по правилу неуредно, од данас до сутра, по начелу: Док траје, нек лаје.

Полна чаша на Instagram