Студентско катче

ЗОШТО Е ВАЖНО МЕНТОРСТВОТО?

Студентско катче

Еден ден ми се јави еден пријател и ми кажа дека еден од поранешните вработени во Пивара Скопје бил унапреден на позицијата „генерален директор“ во друга пиварница која е исто така дел од системот на Heineken. Ми беше мило што го слушнав тоа и веднаш се потсетив на почетокот на нејзината кариера пред многу години. Токму тогаш се сетив дека таа почна да работи во продажниот тим во Пивара Скопје. „Мотива“ беше вклучена во процесот на вработување.

Тогаш си помислив: „Ништо не паѓа од небо.“ Таа работеше макотрпно за да стигне дотаму каде што е сега. Таа е паметна и интелигентна личност со одлични комуникациски вештини. Она што се истакнува во нејзиното богато портфолио на вештини е јасноста во изразувањето, едноставната и кратка комуникација која ѝ овозможува лесно да се разбере со секого.

Уште во почетокот на нејзината кариера уживав споделувајќи го моето искуство и знаење со неа во рамките на многуте обуки и состаноци организирани во Едукативниот центар на Пивара Скопје. Мислам дека бев нејзиниот прв ментор. Сето тоа ме наведе на размислување за важноста на менторите и зошто секој млад вработен има потреба од ментор.

Ментор е еден од ликовите во познатата епска поема, Хомеровата „Одисеја“. Кога Одисеј, кралот на Итака, тргнал во борба во историската Тројанска војна, кралството го доверил на Ментор. Ментор му бил учител на неговиот син Телемах.

Во Оксфордскиот речник зборот „ментор“ е дефиниран како: „искусно лице чија задача е да советува и да им помага на помалку искусни лица во даден временски период“.

Значи, ментор е поединец кој е поискусен и кој му помага и го води развојот на друго лице. Ментор е личност која дава совети и води некого кој е помалку искусен и успешен, кој се нарекува менторирано лице или, пак, штитеник. Водењето на развојот на другото лице не се прави за стекнување лична корист.

Менторството е обично врска во чии рамки поискусен колега го користи своето поопсежно знаење и разбирање на работата за да му помогне на помлад и понеискусен член на персоналот побрзо да се развие професионално. Силните менторски врски се секогаш изградени врз основа на меѓусебно почитување и соработка, како и заложба за професионален развој. Во типичната менторска врска еден од учесниците е секогаш поискусен и има поголеми вештини и знаење од другиот. Обично секоја силна менторска врска и на двете страни им овозможува да учат една од друга преку развивање партнерство засновано врз грижа и почит.

Некои луѓе мислат дека менторството и тренингот се слични или дека се едно исто. Но не е така. Тренингот се однесува на краткорочна обука, насочена кон исполнување одредени задачи, налага примена на високи перформанси и се фокусира само на одредени специфични вештини и цели, додека менторството е секогаш долгорочен процес, чија цел е развој не само на моменталното работно место, но исто така и во иднина. Менторството се заснова врз градење врска во која менторираниот споделува реални проблеми кои влијаат врз неговиот успех.  Во тренингот надредениот менаџер на менторираниот е само партнер во процесот, а во случајот на менторирањето надредениот менаџер е вклучен само индиректно.

Поради тоа што сум вклучен во активностите на Пивара Скопје, сведок сум дека компанијата посветува големо внимание на постојаната едукација и учење, како и на тренингот и менторството. Некои од вработените поседуваат огромно искуство, така што секој нововработен млад човек без никакво искуство може да избере свој ментор кој ќе му претставува огромна поддршка во напредокот во кариерата, создавајќи синергија на работното место.

Менторството е подарок и привилегија. Да се биде некому ментор значи дека тоа лице ве гледа како животен пример и верува дека вашето искуство и мудрост може да му помогнат да се развива и да стане поуспешен. Да се биде нечиј ментор е единствено искуство во кариерата на секој човек што носи големо задоволство и духовна награда. Доколку некој од нововработените ве замоли да му бидете ментор, не бидете само добар ментор, туку одличен! Бидете токму тој кој ќе предизвика пресвртница во животот на тој човек!

Што значи да се биде одличен ментор? Во контакт со студентите и учесниците во нашите едукативни програми, секогаш сум љубопитен и сакам да дознаам како го замислуваат тие одличниот ментор. Ова се некои од најчесто споменуваните карактеристики. Одличен ментор е оној кој е секогаш сконцентриран и фокусиран. Одличниот ментор знае како да ги слуша другите. Тој е секогаш искрено заинтересиран за луѓето кои ги менторира. Знае како да ги охрабри да се отворат. Секогаш ги гледа луѓето в очи, често парафразира, поставува прашања за да дознае повеќе за она што сакаат да го прашаат менторираните и дава повратен одговор. Неговите одговори се секогаш прецизни, искрени и навремени.

Добриот ментор го поддржува и го охрабрува менторираниот да претендира за повисоки цели, да презема нови чекори и да се стреми кон успех во рамките на неговата работна средина. Добриот ментор е искусен во областа во која на менторираниот му е потребна помош поради тоа што му недостига знаење и искуство. Менторите се секогаш активни и претставуваат животни примери за останатите, иако не се совршени.  Секогаш се фокусираат на растот и развојот на менторираниот. Знаат како да изградат однос на доверба преку двонасочна комуникација, секогаш исполнувајќи го ветеното и споделувајќи заеднички ставови.

Одличниот ментор е свесен дека сите луѓе не се исти, па затоа во однос на своите менторирани применуваат различни пристапи и ситуациско водење.

При средбата со нововработено лице во организацијата кое нема работно искуство, примарната задача на секој добар ментор е да му помогне брзо да се вклопи во организациската култура и општествените норми на организацијата и постепено да расте и дополнително да се развива во рамките на своето работно место. Менторот треба секогаш на својот менториран да му ги претстави организацијата и работата пошироко и да не се фокусира само на деталите.

Секогаш ги охрабрувам нашите студенти и младите вработени да најдат добар ментор.

Добриот ментор секогаш ќе му помага на менторираниот да биде одговорен пред целите кои сака да ги постигне, да посветува соодветно внимание и да не застрани од својот пат. Во одредени моменти може да се случи младите вработени да се фрустрираат и да сакаат да се откажат, а токму во тој момент менторот треба да им даде уште поголема поддршка и да ги поттикне да продолжат понатаму. Менторството носи свои придобивки, што е докажано со голем број истражувања според кои вработените кои поминале низ процес на менторство остануваат во организацијата, учат многу побрзо и поефикасно се вклопуваат во компаниската култура.

Секој состанок со менторот или менторираниот треба да започне со информации околу напредокот постигнат во однос на она што менторот го препорачал на претходниот состанок. Менторираните секогаш треба да доаѓаат на состаноците добро подготвени, треба да фаќаат прибелешки и активно да слушаат и да поставуваат прашања со цел разјаснување на некои нивни согледувања. Менторираните треба да знаат да го ценат времето кое менторот им го посветува и да не се обидуваат да им го привлекуваат вниманието повеќе од потребното. Треба да им биде јасно што прават и што им е потребно и секогаш да му се заблагодаруваат на менторот за посветеното време. Менторираните не треба да ги засегнуваат само своите сопствени потреби, затоа што и менторите се само луѓе и тие очекуваат повратна информација за својата експертиза.

Доколку еден вработен сака да најде добар ментор, тој прво треба да ги дефинира своите цели во однос на менторската врска. Менторираниот треба да побара соодветни информации и да размисли околу евентуалните ментори. Потоа треба да избере еден или двајца кои одговараат на неговите цели и да им пристапи за да закаже состанок. Менторираните треба да ги објаснат своите цели и тековната ситуација и да имаат подготвени прашања кои ќе му ги постават на потенцијалниот ментор. На крајот на состанокот е важно менторираниот да им се заблагодари на потенцијалните ментори или, пак, да им испрати писмо за заблагодарување. Доколку менторираниот и менторот се согласат за воспоставување менторство, тогаш е потребно да се потпише писмен договор со кој ќе се докаже дека и двете страни се сериозни во своите заложби. Без разлика дали менторската врска е формална или неформална, целта на менторирањето е кариерно советување, како и збогатување на професионалните и личните вештини.

Талентираните вработени уживаат во предизвиците и во големи развојни можности. Таквите лица обично ги напуштаат организациите во кои работат затоа што им е здодевно. Губењето на талентираните вработени и неискористувањето на нивниот талент скапо ги чинат компаниите. Менторството е клучна алатка за привлекување и задржување на талентираните вработени. Доколку менторството е широко применето во организацијата тоа покажува дека компанијата се грижи за своите вработени.

Од моето лично искуство, како партнерска компанија на Пивара Скопје, можам да кажам дека компанијата одлично се грижи за развојот на своите вработени, овозможувајќи им голем број можности за обука, нудејќи им возбудливи проекти и работни задачи, како и добивање повратна реакција во однос на постигнувањата на секој од нив, тренинг и менторство. Кога младите вработени бараат ментор, секогаш избираат некого од искусниот персонал кој ќе им помогне да ги отворат своите хоризонти и да им покаже дека небото нема граници. Дали решивте кој ќе биде Вашиот ментор?

Полна чаша на Instagram