Животна средина

ДА СЕ БИДЕ ЕКО-УЧИЛИШТЕ Е ГОЛЕМА ОДГОВОРНОСТ! – ИНТЕРВЈУ СО ДИРЕКТОРОТ НА ООУ “МИРЧЕ АЦЕВ”

Животна средина

Со многубројните проекти директно се ангажираат и информираат, учениците и родителите, а потоа и наставниците, кои почнаа да го селектираат отпадот и заедно да размислуваат и да разговараат за екологијата, за дивите депонии, за идните предизвици на планетата Земја и за тоа како паметно да се селектира отпадот за да добиеме почиста планета, почист воздух, поздрава храна и почисто училиште.

ООУ „Мирче Ацев“, во општината Ѓорче Петров, деветта година по ред го потврдува статусот на еко-училиште. Ова е највисоко меѓународно признание во образованието од областа на екологијата и заштитата на животната средина што го доделува меѓународната организација Green School од програмата „Немаме резервна планета“, поддржано од НВО ОХО и Министерството за образование и наука на Македонија, a од оваа година во соработка со Друштвото за управување пакување и отпад од пакување „Пакомак“ .

Како почнува еколошката приказна на ООУ „Мирче Ацев“?

Нашата еко-приказна почна во 2008 година со присуство на обуката за екоучилиште. Тука ги добивме првите информации и насоки како нашето училиште може да се вклучи во меѓународната мрежата на екоучилишта. По првата обука ги реализиравме сите предвидени чекори од програмата, аплициравме за највисокото екопризнание „Зелено знаме“ и го освоивме. Оттогаш, секоја година по ред посветено работиме на реализација на седумте чекори од програмата, а потврда за нашата успешна работа е признанието ООУ „Мирче Ацев“ – екоучилиште, вели директорот на училиштето Гоце Боцевски. Во изминативе девет години како членови на мрежата на екоучилишта во Македонија,  во нашето училиште реализиравме неколку проекти: добивме три велосипеди, опрема и рампа за паркирање велосипеди, со проектот „Рационална употреба на електрична и   топлинска енергија“ надворешните метални врати од училиштето беа заменети со нови алупласт-врати, со проектот „Помалку електрична енергија – повеќе светлина“ оштетените и нефункционални светилки ги заменивме со нови, преку проектот „Капка вода – море зеленило“ го реконструиравме системот за наводнување на училишниот двор, со проектот „Секоја капка вода мало богатство“  чешмите во училишната зграда ги заменивме со сензорски штедливи чешми – објаснува Боцевски.

Во остварување на проектите најголем придонес имаат учениците

За остварувањата во областа на заштитата на животната средина добивме и покана за учество со четири наши ученички на Детскиот климатски камп во Данска во декември 2009 година, како награда за изработено уметничко дело од природен материјал. 10 наши ученици со наставниците – ментори присуствуваа на екокампот „Пониква 2012“.  Се вклучивме во светски кампањи за заштеда на енергија и на вода. Во проектот екопакет за изработка на уметничко дело од потрошена тетрапак-амбалажа на тема „Животот во шумата“, „Бувот“ на нашите ученици го освои првото место на републичко ниво. Наградата од овој проект ја вложивме во проектот „Истражуваме, презентираме – еколошки дејствуваме“ и ја подобривме реализацијата на  еколошките активности преку поголема нагледност и техничка опременост на екоклубот – кабинет по биологија – вели Боцевски.

Соработката со „Пакомак“

Во соработка со „Пакомак“ неколку години по ред сме добитници на многубројни награди во рамките на проектот, чијашто идеја е подигнување на хигиената во училиштата, а во замена на собраните пластични шишиња добиваме донација течен сапун во согласност со потребите. Ова е голема мотивација на децата за селектирање амбалажен отпад како и едукација за придобивките од рециклирањето.  Во рамките на оваа успешна акција беа вклучени 60 основни училишта од шест општини: Кисела Вода, Карпош, Аеродром, Ѓорче Петров, Центар и Гази Баба и беа собрани повеќе од  1,5 милион пластични шишиња или повеќе од 40 тони пластичен отпад, кој беше однесен на рециклирање. Со проектот директно се ангажираа и информираа, пред сè, учениците и родителите, а потоа и наставниците што почнаа да го селектираат отпадот и заедно да размислуваат и да разговараат за екологијата, за дивите депонии, за идните предизвици на планетата Земја и за тоа како паметно да се селектира отпадот за да добиеме почиста планета, почист воздух, поздрава храна и почисто училиште. Воедно,  бевме и дел од проектот „3Д екоавтобус“ наменет за ученици од прво до петто одделение. Учениците беа, навистина, одушевени од  40- минутна интерактивна 3Д-обука со предавање, проекција на 3Д-филм и со игра-тест со систем за интерактивно поврзување со публиката, која  се одвиваше во рамките на еколошкиот автобус, стациониран во близина на училиштето – објаснува Боцевски.

Екознамето треба да се заслужи, продолжуваме и и во иднина во нови предизвици

Во 2017 година реализиравме неколку кампањи:  За собирање потрошени батерии, пластична амбалажа, е-отпад, а наша најголема цел е до крајот на учебната година беше да собереме 250 кг пластични капачиња во хуманитарно-еколошкиот проект „Едно капаче – една надеж“ и на тој начин да помогнеме таму каде што е најмногу потребно.

Полна чаша на Instagram