Активен живот

ПЛАНИНАТА МИ ГО ПРОМЕНИ ЖИВОТОТ И МЕ НАПРАВИ ПОСРЕЌЕН ЧОВЕК – МИШКО ТАНЕСКИ – ПЛАНИНАР

Активен живот

Иако понекогаш планинските врвови изгледаат недостижни, постојат луѓе за кои токму таа недостижност претставува предизвик, да се совлада, да се стигне, да се освои. Секој планина, секој врв има своја приказна. Природата е чудесна, нѐ направила ништо идентично. Не постојат две исти планини, два исти врва, две исти патеки кои водат до нив. Да се совлада несовршеното на совршен начин и начин кој ќе ти овозможи да стигнеш до височините и безбедно да се вратиш кај најблиските е предизвикот на кој нашиот денешен соговорник му го посветил животот. Инспирирани од неговата определба-планините ексклузивно за Полна Чаша денес разговараме со Мишко Танески од Охрид, сопруг и татко на две деца, по вокација поштенски работник, а во душата и во срцето, планинар.

 

  1. Кога започна твојата љубов кон планините и кога почнавте да планинарите?

Со планинарење се занимавам веќе 12 години. Сѐ започна во 2006 година по долго убедување од страна на моите пријатели да направиме една прошетка по, за нас Охриѓани, локалната планина Галичица. Навистина немав намера да одам, со оглед на тоа што претходно се занимавав со фудбал, по што бев цврсто решен дека нема да се занимавам со некоја друга физичка активност, иако целиот свој живот пешачам, пливам и возам велосипед. Сепак ме убедија, и уште по првата посета почуствував една голема слобода, сѐ беше толку ново и величенствено, уживав во прекрасните глетки, почуствував некоја доминација над сите, почуствував дека и големиот напор, како за прво искачување, се претвори во големо задоволство.

 

  1. Кое е вашето најголемо достигнување?

После само неколку планинарења, уште на самиот почеток, а особено откако почнав со секојдневни тренинзи, кај мене се јави желба за искачување на многу повисоки планини. Меѓу моите пријатели беше, за жал сега веќепочинатиот Миле Битрак, за кој слободно можам да кажам дека беше и мој ментор. Тој во 1980 година се искачи на Мон Блан (Mont Blanc), па како цел го одбрав тој врв. Почнав да се подготвувам и во летото 2008 година успеав да го искачам врвот висок 4810 м.  После тоа заминав на Килиманџаро (Kilimanjaro) на Хималаите (Himalayas), на Анди (Andes), Кавказ ( Mount Caucasus), Памир (Pamir) и така ги поминав скоро сите повисоки масиви во светот. Највисокиот врв кој сум го освоил е Исланд Пик (ImjaTse) на Хималаите со височина од 6189 м, а највисоката височина 6400 м на Аконгава (Aconcagua). Во текот на моето планинарско искуство сепак научив дека врвот не е секогаш примарната цел. Односот и пристапот кон планината беа мојата прва цел кога ќе започнев со искачувањата. Знаете, често се поставува прашањето кој е најдобар планинар на светот, мојот одговор е секогаш ист, “Најдобар е  тој што знае најдобро да се забавува”.

 

  1. Како накратко се одвива едно искачување?

Кога зборуваме за искачување се подразбира искачување на планина без разлика на нејзината височина и тежина. Се проучува патеката што денес е многу лесно со помош на интернетот, се комплетира потребната опрема, од нозете па нагоре зависно од годишното време, се проценува времето на искачување и според тоа се зема одредено количесто на храна и вода. На планина се тргнува рано наутро за да можете што повеќе да уживате во тоа што само планината може да ви го овозможи. Кога зборуваме за високогорски акции тогаш подготовката е многу покомплицирана, а и самиот пристап на планината е потежок. Затоа е потребна неколку дневна аклиматизација и подготовка на живот во базните кампови, кој многу се разликува од обичниот и урбаниот.

 

  1. Колку е важна психолошката предност наспроти физичката?

За мене, а верувам и за сите други планинари особено оние кои преферираат високогорско планинарење, психолошката кондиција е примарен фактор. Јас 12 години наназад имам скоро секојдневни тренинзи и можам да кажам дека сум во одлична физичка кондиција, иако имам 46 години. Сакам да кажам дека со напорен тренинг се стигнува до кондиција потребна за искачување на планина. Додека психичката кондиција е далеку посложена. Самото отсуство од месец дена од дома, па животот по базните кампови, опасностите на планините кои се од сериозен карактер, го прават своето. Само најцврстите луѓе успеваат да ги пребродат искушенијата кои можете да ги доживеете на височините преку 5000 м. Врвови над 5000 м се искачуваат со памет, не со нозе. Таму сте “осудени” на слобода. Таму сте толку слободни што во кругот на луѓето што ве сакаат и тие што се грижат за вас останувате осамен. Слободно можам да кажам дека кога сум таму горе, паметот ми е дома, а кога сум дома паметот ми е во планината.

 

  1. Дали постојат природни предиспозиции кои треба да ги поседува еден планинар?

Кога зборуваме за предиспозиции најважно е планинарот да биде пред сѐ здрав. Ова го кажувам за високогорските планинари каде на тие висини температурите се до -25 степени и каде кислородот е на 50% споредено со оној што го вдишуваме на нашите надморски височини. Само здрав планинар може да се впушти во таква авантура. Инаку на пониските наши планини вратите се отворени за сите љубители на природата. Слободно можам да кажам земајќи се себеси како пример, на планина и болниот оздравува и тврдам дека планината може да го реши секој проблем. Чистиот воздух, прекрасните глетки, луѓето што ги сретнувате на планините ви го прават животот поубав и посреќен, на планина неможете да сретнете лош човек.

 

  1. Која е вашата мотивација при тешките психофизички моменти за време на едно искачување?

Секогаш кога одам на големи експедиции кои траат и до еден месец, како што кажав главен фактор е психичката состојба. Кој ќе ви каже дека тоа му е сеедно, сигурно не ја кажува вистината. Оддалеченоста од дома, носталгијата и мислата за фамилијата си го прават своето. Во последно време најверојатно поради моето искуство некако сум истрениран да го насочувам паметот само кон тоа што треба да го завршам на планината. На последното искачување на Гросглокнер (Grossglocner) ова лето, со мојот партнер Филип Василески-Четкар се најдовме во едно големо искушение, смртта ни беше на чекор. Почуствував дека во еден момент сум сам на светот, дека немам ниту фамилија, ниту некој близок и успеав да се сконцентрирам на тоа драматично слегување од врвот, кое за голема среќа заврши успешно. Значи паметот насочен кон планината, кон активноста што треба да ја извршиме тој ден, а во моментите на одмор секако мотивација е дека сепак некој е со вас и мора да издржите. Самата помисла дека вашите деца се горди на тоа што го правите ве прави да се чуствувате голем и силен.

 

  1. Како се одвива и како трае една подготовка за искачување?

Како што кажав јас 12 години тренирам скоро секој ден. Трчање, возење велосипед, пливање, фитнес, и задолжително планинарење еднаш неделно. Тоа е мој стил на живот сите овие години. За да се искачи една висока планина најнапред истата треба да се проучи. Начинот на кој треба да пристапите, должината на искачување, тежината и опасностите се првите работи кои треба да ги знаете. После тоа почнуваат физичките подготовки. Како што ги набројав моите активности, така треба да ги применува секој планинар  кој има намера да искачува големи височини. Дисциплината е правило број 1 во овој спорт. Само дисциплината и трпението ве носат до успехот. Храната е правило број 2. Правилната и избалансирана исхрана со што ја одржувате тежината  и силата на телото е секако фактор кој не смее да се заобиколи. Знаете многу често се случува после работа да сме изморени или да немаме желба за тренинг. Многу од луѓето  имаат навика да легнат попладне, некои се навикнати на динамичен ноќен живот, а јас и кога имам желба да го правам тоа, со голема воља успевам да ја надминам таа желба и да одам на тренинг. Редовниот живот  е исто така еден од факторите за добар планинар. Сум поминал премногу во животот како млад, но денес живеам спортски живот со ретки ноќни излегувања и легнување најдоцна до 23часот. Свежината која ја чувствувам наутро после добар сон ме прави уште по смирен и по силен човек. Планините го променија мојот живот и можам да кажам дека станав посреќен човек.

 

  1. Спомнавте дека Скопско го искачи Килиманџаро, кажете ни нешто повеќе за тоа?

Токму така и СКОПСКО го освои Килиманџаро (Kilimanjaro)😊. Во 2009 година се одлучив да го освојам највисокиот врв на Африка, Килимаџаро 5896 м. Овие експедиции се многу скапи и чинат многу. Тогаш господинот Колески Кире од Охрид, како застапник на Пивара Скопје за Охрид и околината го спонзорираше моето патување. Јас го освоив врвот и токму на врвот отворив СКОПСКО. Јас го испив едното пиво, а другото беше за ренџерите кои не придружуваа таму и кои беа воодушевени од уникатниот вкус на СКОПСКО.За таа експедиција и сите останати подоцна, во оваа прилика упатувам посебна благодарност до тимот на Пивара Скопје и Кире

 

  1. Колку е развиено планинарењето во Македонија?

Можам слободно да кажам дека во последно време зема сѐ поголем замав. Многу љубители на планините се сѐ почесто таму горе помеѓу височините, таму каде што вечниот владател-природата ги диктира условите. Тоа многу ме радува посебно кога ќе видам луѓе кои до неодамна не погледнувале кон Галичица, а сега ги сретнувам како уживаат во убавите глетки. Сепак морам да кажам дека забележувам многу неспремни планинари кои се преценуваат и се впуштаат во опасни акции без некое поголемо искуство. Апел до нив, да внимаваат и да планинарат во рамките на своите можности за да се избегнат некои несакани последици. Планината е пред се за уживање. Таму напорот треба да ви биде задоволство, да дишите чист воздух, восхитувајќи се на видиците, а тоа е формулата за здрав и долг живот.

 

  1. Кои се вашите идни планови?

Со оглед на тоа што планинарењето е активност со која се занимавате додека ве држат нозете, а најдобрите години се од 40 до 55, можам да кажам дека сѐ уште сум на почеток. Секако имам планови за во иднина. Не е лесно секогаш да се обезбедат средства за прилично скапите експедиции. Но, секогаш како и до сега со помош на моите пријатели и спонзори, сигурен сум дека ќе ги реализирам. Сѐ уште не сум одлучил која дестинација, но ќе биде набрзо. Во план ми е и една поблиска дестинација во Европа, поточно врвот Мaтерхорн (Matterhorn) со неколку други врвови на Алпите, но како што реков дека сѐ уште сум на почеток, сигурно ќе имам план во иднина и за други високогорски акции низ високите планински масиви низ светот.

 

Полна чаша на Instagram