Активен живот

ОЧИ ВО ОЧИ СО ГАЛИЧИЦА

Активен живот

– Од дома до автомобил, па на работа и пак дома.

– Од дома до автобуска станица, па до факултет. Потоа до некое кафуле, па пак дома и пак кафуле, на крај повторно дома.

– Дома, дома, дома, до продавница, пак дома.

Ако се ова единствените ваши секојдневни релации, тоа е проблем. Можеби не е видлив, но, верувајте, е проблем. Проблем со монотонија, неактивност, бесконечен круг кој нема крај. А живеете во земја која ви нуди толку многу разновидности. Толку опции за авантури, уживање, физичка активност, дружење во природа. Жално е да не ја искористите.

Ајде да се обидеме нешто да промениме. Ајде заедно да тргнеме во авантура низ природата која во Македонија, за волја на вистината, има толку многу да понуди. Соберете го друштвото, или вашето најблиско семејство, договорете превоз, направете список кој што ќе понесе и тргнете.

Одиме пеш низ Галичица!

Уште од часовите во основното училиште помните дека една од најмаркантните височини во Македонија, дефинитивно, е Галичица, планината која прегрнува две прастари езера – Охридското и Преспанското. Оаза на ендемични растителни и животински видови, дом на шуми од кои запира здивот, храм на скриени убавини кои зборови тешко ги опишуваат. Фитнес-центар под отворено небо, нема подобро.

Од 1958 година оваа планина со импозантна големина е прогласена за национален парк. Од нејзините врвови вашиот поглед може да „дофрли“ дури до Јабланица и албанските планини на едната, и до Пелистер на другата страна. А како посебен куриозитет се издвојува можноста да се искачите на врвовите Томорос (1.673 метри надморска височина) и Магаро (2255 м н.в.) и оттаму да ги гледате двете езера одеднаш, охридското синило и преспанскиот езерски спокој. Врвно искуство од кое се занемува, но и се набива одлична кондиција.

Оние што веќе ги искусиле нејзините убавини ќе ви потврдат дека она што таму ќе го видите и ќе го доживеете ќе ви го вдахне духот на природата и ќе ви ги освежи телото и умот. Сеедно дали ќе се одлучите за пешачење, трчање, алпинизам, летање со параглајдер или шарање низ Галичица со велосипед, природата во овој регион се погрижила секој да најде инспирација за рекреација и уживање.

Сè што треба да направите е да одберете една од многуте рути, да се облечете соодветно за сезоната и за теренот, да наполните ранец со вода, храна и сите основни средства за подолг престој во природа и под отворено небо, како: навигација (мапа, GPS), заштита од сонце (очила, средство за сончање, балсам за усни), осветлување (рачна ламба и резерва батерии), пакет за прва помош, алатки (швајцарско ноже, селотејп), кибрит или запалка, вреќа за спиење, шатор и резерва облека во зависност од годишното време. Секако, понесете си и желба за авантура и физичка активност, а природата ќе се погрижи за останатото.

За разгледување и пешачење (односно вртење педали) има многу – околу сто километри меѓусебно испреплетени пешачки и велосипедски патеки, а секој чекор што ќе го направите е чекор поблиску до една божествена убавина која многу поубаво се доживува лично. Но и чекор повеќе кон воспоставување на неопходниот енергетски баланс.

Од изобилството видиковци ви ги предлагаме: гребенот Баба (1.631 метри надморска височина), врвот Лако Сигној (1.953м), Гола Бука (1.897м) и Еленов Врв (1.221м), убаво уредените излетнички места со соѕидани чешми и клупи – Корита и Јадера над Трпејца и целиот полуостров помеѓу преспанските села Коњско и Стење. Сепак, можеби најубаво е сами да си откриете некое место од кое ќе го имате најубавиот поглед.

За љубителите на алпинизам најпогоден е отсекот под врвот Магаро, кој е највисокиот врв на Галичица (2.255м), висок 760 метри и одличен за освојување, а помалку умешните, пак, можат да се испробаат на отсеците под Голем Врв и Туглијаш, кои достигнуваат до 180 метри височина.

Оние кои немаат толкав авантуристички дух и сакаат да бидат предводени од обучени водичи, лесно можат да пронајдат информации за организирани пешачки тури, кои најчесто одат до Магаро и до врвот Гога (1.935м). Некои од нив вклучуваат и посета на пештерата Самоска Дупка, а речиси сите ви ја нудат можноста при спуштање од врвовите да седнете на некое излетничко место (Корита, на пример) за повторно да го пробате превкусниот охридски специјалитет – ѓомлезе. Ако имате среќа, можеби ќе ви го приготват и на самото место. Не грижете се, доволно изодевте, а и доволно ќе изодите за да ги потрошите калориите.

Секако, не пропуштајте ја можноста да посетите некое бачило или, пак, планинарската куќа „Асанѓура“, лоцирана во долината на надморска височина од 1.520 метри. На ова место ќе може да се сретнете со различни луѓе: од мештани качени на коњи кои ги тераат своите овци, до вљубеници во планински велосипедизам, endurance – cross мотори и off – road џипови. Доколку ја посетите висорамнината Асанѓура во доцна пролет, ќе бидете изненадени од појавата на неколкуте повремени езерца – локви. Седнете покрај некое од нив, одморете, уживајте во глетката и пикирајте некое ново место за освојување за следниот пат.

Големи се шансите при искачувањето некаде далеку на хоризонтот да видите параглајдеристи како заедно со птиците го параат охридското небо. Нивна омилена стартна дестинација на Галичица е пределот над прекрасното село Трпејца, на превојот низ кој води патот за Преспа и каде што започнува или, подобро кажано, се наоѓа половина пат од добро обележаната планинарска патека која води кон врвот Магаро од Пештани.

Но не се само височините на Галичица тие што нудат извонредни можности и убавини за неизмерно уживање. Како единствена во Македонија која на двете свои подножја има езера, Галичица е една од ретките планини кои изобилуваат со извонредни места за посета на деловите каде што езерските води ги заплискуваат планинските падини. Веднаш крај Трпејца, под високите стрмни карпи на гребенот Осој, се наоѓа осумвековниот манастир Заум, до кој може да се стаса само по воден пат со кајче или, пак, уште подобро, пеш по едно обрасното патче и низ езерската вода. На прекрасната плажа излезена од тропските острови крај манастирот е и најдлабоката точка на Охридското Езеро (тука внимавајте со вашите пливачки егзибиции), а во подножјето на гребенот крај езерските води кон кампот во Љубаништа е и пештерната црква „Св. Никола“ и, секако, надалеку познатиот манастир „Свети Наум“. Од другата страна е, пак, недопреното село Коњско кое црпи вода за пиење од Преспанското Езеро и од кое со чамец може да стасате до единствениот остров во Македонија – Голем Град, или островот на змиите, на кој има остатоци од неколку древни цркви.

И така, додека го следите патот на сонцето кое ѕирка низ високите дрвја, сигурно ќе почувствувате замор, но не дозволувајте да ве спречи да продолжите понатаму. А како би го прекинале пешачењето кога воздухот што го дишете е толку чист и сè поретка појава во градовите, што веднаш ве освестува и ви дава сила за освојување нови километри под нозете. И, ве молиме, немојте да бидете дел од оние кои на ваков или онаков начин го загрозуваат националниот парк и ги попречуваат активностите на оние кои се грижат за овој рај. Иако е гигантска, планинава, сепак, знае да биде кревка. Бидете нежни кон неа.

Го завршувате пешачењето убаво изморени, но со полна душа и бистар ум. Следно на што помислувате е оддишка со добро мезе и освежувачки пијалак, кој, по некое непишано правило, во вакви моменти „легнува“ уште помераклиски и го прави искуството комплетно. А сето тоа може да се круниса со извонредните езерски специјалитети кои може да ги пробате во многубројните рибни ресторани, како, на пример, „Мрестилиште“ во Трпејца, во хотелот „Рива“ и во ресторанот „Мали рај“ во Стење,  во ресторанот „Рот“ во Коњско и „Острово“ кај Свети Наум.

Ќе се вратиш сит и уморен, но среќен дека си го поминал денот активно и здраво. Ќе се чувствуваш како нов човек.

Признај дека сето ова звучи многу подобро од она добро познатото: дома-работа-дома-работа.

Мислењата изразени во овој текст се на авторот и не секогаш ги претставуваат ставовите на Пивара Скопје.

Полна чаша на Instagram