Студентско катче

ОДЛУКИ ЗА ПОДОБРА КАРИЕРА ВО 2017

Студентско катче

Почетокот на 2017 година е одлично време да размислите дали и што сакате да промените во својата кариера. Кога сте незадоволни од работата, одлуките се едноставни, ќе почнете да барате нова работа, ќе побарате покачување, ќе го побарате заслуженото унапредување. Но, и кога работите одат добро треба да знаете во која насока се движите и да поставите нови цели кон кои ќе се стремите.

Унапредете ги вашите вештини

Одвојте време да ги унапредите вашите работни вештини и да научите нови. На овој начин ќе се почувствувате исполнети на професионално ниво, но и ќе ја зголемите вашата вредност во компанијата со што пак ќе ги зголемите шансите за покачување и/или унапредување. Посетување на курсеви за сертифицирање и настани релевантни за вашата индустрија може да ви помогне да ги развиете вашите практични вештини, но немојте да заборавате дека и меките вештини како комуникација и лидерство се нешто на што треба да се посветите за да можете да напредувате.

Барајте го тоа што го сакате

Не очекувајте дека новата работа или унапредувањето ќе се случат магично само затоа што вие тоа го посакувате. Секогаш знајте точно што сакате да постигнете и директно искомуницирајте го тоа со вашите претпоставени. Направете план како да стигнете до тие цели.

Поврзете се

Спротивно на општо прифатеното мислење, најдоброто време да се поврзете со други професионалци не е кога барате работа, туку многу порано. Зошто? Со тоа што вие веќе ќе имате претходно развиена мрежа на контакти, барањето на работа ќе биде многу полесно. Познавањето на различни луѓе во областа во која работите секако ќе ви ги зголеми шансите некој да ве исконтактира за нова можност.

Ажурирајте го вашето CV

Најчесто луѓето ги ажурираат своите биографии еднаш во неколку години, во оној момент кога почнуваат да бараат нова работа. Правете го тоа почесто додека вашите успеси и достигнувања ви се сè уште свежи од едноставна причина што некои работи многу лесно се забораваат кога ќе помине време. Не заборавајте успесите и достигнувањата да ги поткрепите со факти кои ќе го потврдат она што вие го кажувате.

Бидете активни

Многу е веројатно дека оваа одлука ја носите секоја година, но тоа е од причина што е многу важна. Обидете се да вежбате половина час, 3 пати неделно. Прошетајте за време на паузата од работа. Почнете да одите во фитнес клуб. Во здраво тело секогаш има здрав дух. Физичката активност го зголемува протокот на крв во мозокот и ви дава идеи. Ќе бидете попродуктивни на работа и најважно ќе се чувствувате многу подобро.

Мислењата изразени во овој текст се на авторот и не секогаш ги претставуваат ставовите на Пивара Скопје.

Полна чаша на Instagram