Животна средина

СТАКЛОТО – АМБАЛАЖА КОЈА НЕОГРАНИЧЕН БРОЈ ПАТИ МОЖЕ ДА СЕ РЕЦИКЛИРА

Животна средина

Стаклото е еден од најстарите материјали кои и денес се користат како амбалажа! Иако почетоците на правење стакло датираат 3500 години пред новата ера во денешна Сирија, почетоците на користењето на стаклото како амбалажа, односно садови за чување на храна и пијалaци, датираат уште од 1500 година пред новата ера во денешен Египет и Mесопотамија.

Во 1000-та година пред новата ера, Александрија била центар на производството на стакло. Погодноста за чување на храна и пијалaци во стаклена амбалажа, при што истата да е и погодна за рециклирање, се уште не е надмината од ниту еден друг материјал.

За компарација, шишињата од пластика не се препорачливи за долготрајно чување на пијалaци и храна поради одредената меѓусебна интеракција и неможноста комплетно да ја презервираат истата од надворешните влијанија. Хартијата бара процеси за производство за кои е потребно многу вода и енергија, а лименките се уште поспецифични за производство и рециклирање. Уште поважно, сите освен стаклото користат природни ресурси кои се во релативно ограничени количини на планетава и бараат значителни инвестиции за експлоатација: нафта, руди и шумски пространства…

Од крајот на 2014 година Пакомак отпочна со собирање на стаклената амбалажа од т.н ХОРЕКА сектор, односно хотелите, рестораните и кафетериите. Две години од тогаш, Пакомак организирано и редовно ја собира стаклената амбалажа од над 240 ХОРЕКА локали во Скопје, но и во педесетина објекти во општините Охрид, Дојран, Струга, Маврово и Куманово. Се собираат околу 40-50 тони месечно шишиња од вино, пиво, вода, сокови и други производи спакувани во историски најстариот материјал за пакување. Планот ни е до 2020 година да собираме двојно повеќе само од овој канал, односно околу 6.000 тони стаклена амбалажа од сите канали за собирање. Тоа би било 30% од вкупната стаклена амбалажа која се пушта на пазарот во земјава. Во Пакомак сме горди со овој резулатат бидејќи до 2015 година воопшто не се собираше стаклената амбалажа и истата завршуваше на депониите низ земјава.

Дали знаете дека со еден тон рециклирано стакло се заштедува 42kWh енергија, околу 2м3 волумен на депониите и се спречува испуштање на 370 кг CO2 во атмосферата?

Енергијата што се штеди со рециклирање на едно стаклено шише е доволна една сијалица од 100W да свети 4 часа! Ете затоа треба да го селектираме отпадот и да придонесеме кон рециклирањето! Не заради Пакомак, не за нечиј профит и не за некој друг! Едноставно, тоа треба го да правиме заради нас самите и генерациите после нас! Селекцијата на отпадот мора да ни стане навика! Како миењето раце, миењето заби, кафето со колегите во 9 часот наутро, вежбањето попладне… Треба да имаме грижа на совест ако шишето (пластично или стаклено) или лименката ја фрлиме во контејнерот за општ отпад! Со мал напор од наша страна, можеме многу да придонесеме за доброто на животната средина!

И наместо да се чудиме и лутиме зошто животната средина е се позагадена, треба со личен пример да придонесеме кон заштеда на природните ресурси! Треба ние први да станеме промената што сакаме да ја видиме кај другите! Имаме можност! Но, дали имаме желба?!

Ние во Пакомак имаме мисија да создадеме можности за селекција на отпадот за сите граѓани и во секој граѓанин да ја разбудиме желбата… Сепак, крајниот акт на дејствување е на секој од нас одделно! Да не се колебаме! Отпадот МОРА да се селектира заради нас самите и генерациите после нас! Со мала промена на нашите навики, ќе креираме значајна промени во животната средина!

Мислењата изразени во овој текст се на авторот и не секогаш ги претставуваат ставовите на Пивара Скопје.

Полна чаша на Instagram