Активен живот

ПЕШ НИЗ БЕРОВСКО

Активен живот

Високо на падините на Малешевијата се крие едно мало гратче, мал свет и недопрен дел од природата кој ве мами и ве поканува да го истражите, да го впиете и да го искусите. Берово – бисерот на Источна Македонија, дестинација за секој љубител на природата и пешачењето.

Шетањето низ овие предели е посебно искуство, за што најмногу придонесува чистиот воздух и зеленилото. Нема метеж, само мир и спокој. Го исклучувате мозокот и, едноставно, уживате истражувајќи ги малите планински патеки, ледините кои се совршени за мини-пикник со храна и освежување, или искачувајќи се по планинските врвови на хоризонтот и вдишувајќи го мирисот од распространетиот бел бор.

Овој предел е совршен за вљубување во долгите прошетки под отворено него, особено за сите оние кои не само што не практикуваат физичка активност редовно, туку тоа време го трошат неактивно. Патешествието не е кратко – повеќе од 15 километри, но без грижа, има доволно места за починка, па воопшто нема да се почувствувате изморено од одењето, особено ако со себе понесете и доволно течности за хидратација.

Бачила има доста, а за вкусните локални специјалитети да не зборуваме. На пример, во познатото бачило Клепало, кај истоимениот врв до самата гранична линија, ќе можете покрај уникатната глетка, да ги вкусите најпознатите плодови и јадења подготвени токму тука, во самата градина: беровските компири, беровското сирење, овчарскиот качамак со џимиринки и свинско месо, сукана баница (хм, хм, звучи вкусно).

Ако имате среќа, можеби ќе сретнете некои од локалните занаетчии како бочварите, ковачите, качарите, самарџиите, кои сè уште и со цело срце ја чуваат македонската традиција во малата, но прекрасна беровска чаршија. Доколку седнете на краток разговор со некој од нив, сигурно ќе ви раскаже и приказна за тоа како некој познат патописец се инспирирал токму на истиот пат што сега е испишан и со вашите чекори.

Можете да одберете една од петте пешачки патеки, од кои дел се погодни и за велосипедски тури, што е исклучително искуство, посебно ако досега сте вртеле педали само во урбаната џунгла. Уште и ако ја погодите сезоната, може да фатите некој од натпреварите по кајакарство што се организираат на бистрите води на вештачкото Беровско Езеро, сместено меѓу високи борови стебла, до селото Ратево, на 6 километри од градот и на надморска височина од 1.000 метри. Вредна да се спомене е трансверзалната патека која ги спојува најјужниот и најсеверниот дел на Малешевијата. Долга е 45 километри, а висинската разлика изнесува 730 метри, поради што важи за вистински предизвик и за најголемите авантуристи.

Најпознатата рута за пешачење, која одлично ќе ви дојде како промена од пасивниот градски живот, се протега од Беровското Езеро до селото Двориште, а ако сакате да дознаете нешто повеќе за пределот низ кој шетате, на располагање ви се професионални туристички водичи кои лесно можете да ги најдете. Патеката е поволна за сите љубители на пешачењето и природата, а за оние со поголем апетит кон уживањето во спортските активности во природа, зимно време таа може да се искористи и за нордиско трчање со скии, а напролет, лете и наесен е идеална и за возење велосипед. Сите планинарски пешачки патеки се добро обележани. Не пропуштајте ја можноста да направите пикник на Бабин Чукар (еден од највисоките врвови во околината) и, секако, не заборавајте да бидете еколошки совесни и да соберете сè зад себе. Бидејќи природата е најубава недопрена. Сигурна таква сакате да ја начекате и следниот пат.

Веднаш над самото езеро се наоѓа прекрасната планинска падина Абланица, која претставува шарен мозаик на цветни ливади и разновидни густи борови, букови и брезови гори во кои се вгнездила туристичка викенд-населба. На падините на Абланица зиме може и да се спуштите со скии, а лете и наесен низ шумите на Малешевските Планини можете да берете шумски плодови, печурки и чај во придружба на доброупатените мештани.

На располагање ви е и прекрасната викенд-населба помеѓу Берово и Струмица, Суви Лаки, во која можете ем да се одморите, ем малку да се рекреирате. Оттаму може да се вратите во градот, да го заокружите денот  и да проверите колку добра е овдешната храна во некое од ресторанчињата и, секако, во ловниот дом веднаш над самото Берово. И покрај врвната модерна понуда, гостољубивоста на малешевските домаќини ќе ја почувствувате и во ресторанот „Мрс“, во хотелите „Манастир“, „ВИП“, вилите „Клепало“, „Иван“, „Фидански“, „Аурора спа-ресорт“, „Хестија“.

А недопрената природа и густите гори на Малешевските Планини биле причина за развој на бунтовниот дух на малешевци, кој, пак, бил поттик за бурното културно-историско минато и традиција на Малешево, во кое Дедо Иљо Малешевски во селото Разловци ги кренал првите македонски востанија. Исто така, на врвот Петлец, над селото Русиново, во битка загинал и македонскиот револуционер Даме Груев. Доколку сте љубител на историјата, тогаш патеките и врвиците по кои се движеле македонските војводи по Малешевските Планини и врвови околу Берово, Разловци, Русиново и Владимирово се уште една добра понуда. Културно-историската понуда за прошетка секако ќе ве одведе и до чудесниот манастир „Св. Архангел Михаил“, кој ќе ве воодушеви со убавината на својата градба, со иконите, фреските и уредениот двор со конаци, а монахињите ќе ви раскажат многу интересно предание за неговото основање и изградба.

А доколку сте љубител на масовни собири и на речиси најубавото јагнешко месо што некогаш ќе го вкусите, посетете го Берово за празникот Голема Богородица. Секој 28 август, уште од 1975 година, над 15.000 луѓе се упатуваат кон црквата „Пресвета Богородица“ за да го прослават овој голем верски празник.

Сè на сè, Берово и околината се како создадени за полнење на батериите, за рекреирање, за што ќе ви биде доволна питомата и живописна природа. Берово ве очекува!

Мислењата изразени во овој текст се на авторот и не секогаш ги претставуваат ставовите на Пивара Скопје.

Полна чаша на Instagram