ИНВЕСТИЦИИТЕ ВО НОВИ ПРОИЗВОДИ И ТЕХНОЛОГИИ И РАЗВОЈОТ НА НАШИТЕ ВРАБОТЕНИ ПОСТОЈАНО НЕ ВОДАТ НАПРЕД

Пивара Скопје одбележува 40 години од почетокот на производството на безалкохолни пијалаци. Во изминатите 4 децении, Пивара Скопје од полнилница на локални брендови на безалкохолни пијалаци успева да прерасне во овластена полнилница на The Coca-Cola Company, имајќи ги денес во своето производствено портфолио најпознатите светски брендови на безалкохолни пијалаци. Постојаните инвестиции во модернизација, нови производи, пакувања, вложувања во кадар и нудење различен избор на искуства согласно потребите на консументите и трендовите на пазарот се клуч за успехот, вели Борис Ацковски, дипломиран електротехнички инженер и магистер на Cotrugli Business School во Белград, денес Менаџер за производство на безалкохолни пијалаци во Пивара Скопје кој со своето долгогодишно искуство во компанијата сведочи за постојаниот раст и развој. Поводот за разговорот со Борис се актуелните новини кои доаѓаат токму од делот за производство на безалкохолни пијалаци, а евидентно го менуваат пазарот од аспект на нови вкусови, нови и иновативни пакувања кои се дел од стратегијата за одржлив развој на Пивара Скопје.

boris-ackovskiНа самиот почеток Борис, од кога започнува твојата кариера и професионален развој во Пивара Скопје?

Во Пивара Скопје започнав со работа во 2004 година како Супервизор на смена во производство на безалкохолни пијалаци. Од самиот почеток имав можност да работам на различни проекти во делот за производство на безалкохолни пијалаци, меѓусекторски проекти на Пивара Скопје, но и во рамките на Coca-Cola HBC Групацијата, што ми даде огромна можност за учење и континуиран професионален развој. Од 2013 година, ја извршувам функцијата Менаџер за производство на безалкохолни пијалаци.

boris-ackovskiКој беше мотивот и причините да се приклучиш на тимот на Пивара Скопје?

Пивара Скопје е компанија која што постојано инвестира во своите луѓе и во нивниот развој. Можноста да се работи за компанија која во своето портфолио го има најдобриот македонски бренд СКОПСКО и најдобриот светски безалкохолен пијалак Coca-Cola и која што е дел од две големи светски корпорации Coca-Cola HBC и HEINEKEN е огромен предизвик, а од оваа временска дистанца, и неповторливо искуство.

boris-ackovskiКога започнува производството на безалкохолни пијалаци во Пивара Скопје?

Почетоците на производство на безалкохолни пијалаци во Пивара Скопје се во далечната 1977 година со стартување на производство на локални брендови, а во 1991 година Пивара Скопје станува овластена полнилница на безалкохолните пијалаци од брендовите на The Coca-Cola Company. Во 2003 година, поради потребата од поголеми производни капацитети стартувано е производство на нови производствени погони за безалкохолни пијалаци во кои што функционираме и денес.

boris-ackovskiКолку вработени работат во делот за производство на безалкохолни пијалаци на Пивара Скопје?

Денес во делот за производство на безалкохолни пијалаци работат 52 посветени “Пиварци” кои што секојдневно ги произведуваат најдобрите и најквалитетните безалкохолни пијалаци за нашите купувачи.

boris-ackovskiШто опфаќа производствениот погон за безалкохолни пијалаци на Пивара Скопје?

Производните капацитети за производство на безалкохолни пијалаци на Пивара Скопје се состојат од Сирупана- делот каде се врши подготовка на пијалаците и четири производни линии за пакување во соодветна амбалажа, односно: линија за пакување во стаклена амбалажа, линија за пакување во лименки, линија за пакување во ПЕТ амбалажа и линија за ПОМ буриња.

boris-ackovskiПивара Скопје е носител на престижни признанија кои се однесуваат на квалитетот на безалкохолните пијалаци кои ги произведува. На кои од нив Пиварци се најмногу горди?

Она на што сме посебно горди и на што посветуваме големо внимание како сектор за производство на безалкохолни пијалаци е беспрекорниот квалитет на производите кои што излегуваат од нашите производствени капацитети. За тоа сведочат и многубројните награди и признанија од кои би ги издвоил: Два пати “Број 1 Coca-Cola индекс за квалитет во светот” во 2008 и 2012 година од страна на The Coca-Cola Company и два пати “Награда за квалитет и одржлив развој” во 2014 и 2015 година од страна на Coca-Cola HBC. Ова е резултат на користењето на најквалитетни суровини и материјали во процесот на производство, современата технологија и опрема што ја користиме и најважно од се, посветеноста и ангажманот на нашите вработени.

boris-ackovskiИ покрај технолошки најнапредните производствени капацитети и широкото производно портфолио, Пивара Скопје не престанува да инвестира во нови технологии, нови пакувања, нови вкусови. Дали е тоа клучот за успехот на една компанија?

Целокупниот раст и развој во компанијата вклучително и во делот на производство на безалкохолни пијалаци на Пивара Скопје од почетоците па до денес е базиран на неколку подеднакво важни фактори: постојано инвестирање во проширување на нашето портфолио на производи и пакувања согласно потребите на нашите купувачи на пазарот, континуирано инвестирање во имплементација на нови производствени процеси, подобрување на постоечките процеси и методи со имплемнтација на предлози од нашите вработени како и добри практики од групациите на кои припаѓаме Coca-Cola HBC и HEINEKEN. Дополнително, морам да истакнам дека и инвестирањето во постојана надградба и усовршување на знаењата и вештините на вработените претставува еден од основните предуслови за одржливиот развој на Пивара Скопје.

boris-ackovskiКои приоритети ги поставивте во делот за производство на безалкохолни пијалаци за 2017 година?

И во текот на 2017година продолжуваме со проширување на портфолиото на нашите производи со внесување на новиот вкус Fanta Exotic во пакување од 0,25л во стаклена амбалажа и 0,50л и 1,25л во ПЕТ амбалажа. Исто така инвестиравме и во ново пакување од 1,75л за Coca-Cola regular и Coca-Cola zero sugar, со што уште повеќе ја зајакнуваме позицијата на пазарот на нашиот водечки бренд на безалкохолни пијалаци. Сето ова е надоградување на инвестициите во нови производи и пакувања кои што ги имавме во изминативе неколку години, воведувањето на мулти-пак од 2,0л и 1,25л пакувања за Coca-Cola и Fanta Orange, како и воведувањето на новите пакувања за Sprite 0,5л и 1,25л, лансирањето на Schweppes Tangerina итн.

boris-ackovskiНеодамна направивте замена на постоечкото капаче на ПЕТ амбалажата. Разликата со претходното е евидентна. Можете ли да ни кажете за што точно станува збор?

Паралелно со воведувањето на нови производи и пакувања, континуирано работиме на подобрување и оптимизирање на производните процеси, при што најзначаен проект кој што успеавме да го реализираме во оваа година претставува имплементацијата на новиот тип на шише и капаче на ПЕТ амбалажата т.н. “шише со кратко грло” што ќе ни овозможи повеќекратни придобивки од аспект на заштеда на средства за репроматеријали за нашите ПЕТ пакувања. Но она што е уште поважно е посветеноста кон заштита на животната средина како резултат на намалената количина на пластична материја која ја употребуваме за нашите пакувања. За илустрација, во 2017 година како резултат на намалената количина на пластика на нашите ПЕТ пакувања, ние како компанија ќе ја намалиме потрошувачката на пластика за околу 52000кг и истовремено за истата количина ќе го намалиме отпадот од пластична амбалажа кој што се генерира како резултат на консумација на нашите производи. Морам да напоменам дека во однос на заштита на животната средина како производство на безалкохолни пијалаци постојано инвестираме во нови технологии и методи на работа со кои што континуирано ја намалуваме количината на енергенси и вода кои ги употребуваме како и отпадот од материјали кој се генерира во процесот на производство.

Се разбира имплементацијата на сите овие нови проекти, технологии и подобрувања во процесот на производство на безалкохолни пијалаци не би биле возможни без целокупниот ангажман, инволвираност и посветеност на сите вработени. Нивниот позитивен пристап, желбата за учење и стекнување нови вештини и знаења поврзани со новата опрема и процесите, како и многубројните предлози кои ги даваат за подобрување на сите аспекти на работата претставува основа на нашиот одржлив развој.

boris-ackovskiСосема за крај, со оглед на комплексноста и обемот на твојата работа, како правиш баланс помеѓу твојот приватен живот и работните обврски?

Слободното време кое што го имам се трудам целосно да го посветам на моето семејство. Со оглед на динамиката на животот со која секојденвно се соочуваме, се трудиме секој слободен момент да го искористиме во заеднички патувања и дружење со пријателите.

Полна чаша на Instagram