ПИВАРА СКОПЈЕ НАГРАДЕНА ЗА СВОЈОТ ДЕЛОВЕН УГЛЕД И ЗА ПРИДОНЕСОТ ВО РАЗВОЈОТ НА ЗАЕДНИЦАТА

Сојузот на стопански комори на Македонија ѝ го додели на Пивара Скопје признанието „Златна монета“ за бренд со највисока корпоративна репутација во земјата. Ваквото признание, кое за првпат се воведува оваа година, се доделува на компании со висок углед во домашната деловна заедница, кои континуирано бележат одличен успех и имаат значајни остварувања во доменот на општествената одговорност и кои се омилени и имаат голема доверба во јавноста, кај потрошувачите, партнерите и останатите бизнис субјекти на пазарот.

„Сите награди и признанија што ги добиваме имаат големо значење за нашата компанија, но ова признание ни дава посебна сатисфакција бидејќи е резултат на довербата и угледот што со децении го гради Пивара Скопје во јавноста и во деловната заедница на која ѝ припаѓа. Истовремено ваквите признанија за нас претставуваат дополнителен мотив да продолжиме со инвестициите кои обезбедуваат натамошен одржлив развој, како и да бидеме активен и одговорен член на заедницата, придонесувајќи за нејзиниот натамошен просперитет“, изјави генералниот директор на Пивара Скопје, Јован Радосављевиќ, заблагодарувајќи се за признанието од свое и од името на сите вработени во компанијата.

Дополнително, Пивара Скопје е добитник и на јубилејното признание за особен придонес во стопанството и за севкупниот развој на локалната заедница што ѝ го додели општина Гази Баба на одбележувањето на 40-годишнината од основањето на општината. Ова високо признание ѝ се доделува на Пивара Скопје заради нејзината континуирана поддршка на економскиот развој на општината Гази Баба, од нејзиното основање до денеска, како и за активностите на компанијата во унапредување на стандардите и квалитетот на живеењето во локалната заедница.

„Горди сме што на територијата на нашата општина се наоѓаат некои од најзначајните стопански капацитети за домашната економија, меѓу кои секако се издвојува Пивара Скопје. Нејзиното значење за нашата општина е големо, затоа што таа континуирано со своите добри резултати придонесува за развојот на општината и на целата наша заедница. Истовремено, со своите активности, ангажманот на своите вработени и менаџментот, како и големиот број вложувања и донации, Пивара Скопје докажува дека е вистински пријател и партнер на нашата општина, секогаш подготвена да помогне, да даде иницијатива и да земе активно учество во реализација на голем број проекти од кои полза има целата заедница“, изјави градоначалникот на Гази Баба, Тони Трајковски на настанот со кој се одбележа 40-годишнината од основањето на општината.

Соработката и поддршката на локалната заедница е една од клучните стратешки определби и вредности на кои се темели корпоративната култура на Пивара Скопје и на сите нејзини вработени.

Полна чаша на Instagram