Активен живот

ПРИЧИНИ ЗА ДА ГО ПОСЕТИТЕ КРУШЕВО

Активен живот

Крушево, сместено во лулката на Бушева Планина е највисокото гратче на Балканскиот Полуостров кое се наоѓа на надморска височина од 1.350 метри.

Со самото искачување по првите свијоци при последните километри до градот ве обзема пријатно чувство на изненадување и неверојатно исчекување за тоа што се крие како тајна зад зелените или снежни врвови. А кога ќе се помине последниот дел од патот, пред вас се отвора прекрасната глетка на градот која плени со својата убавина.

Во градот може да се влезе од две страни, преку Прилеп и преку Битола, но неважно од која страна и да влезете, ќе се чувствувате како во бајка. Изгрејсонцата и зајдисонцата во коријата, чувството на тишина и смиреност како и прекрасната автентична архитектура која во една игра на перспективата, се прекршува во кристалното планинско небо ќе направи секој еден да се почувствува како дел од бајка барем за миг.

Од сите три страни градот е обиколен со густа букова и борова шума, која воедно прави градот да изгледа како орлово гнездо. Крушево е најстар град во Македонија, според некои записи се споменува уште од 1467 година, кога му бил даден на спахијата Хусеин-бег, заедно со Прилеп и со 30 други места. Населението кое живеело во Крушево воглавно се занимавало со трговија, мајсторство, а дел од луѓето биле резбари и зографи. Од нив настанала убавата црква „Св. Никола“ од 1832 година, која била запалена за време на Илинденското востание, кога изгорел и најубавиот иконостас од дрворез, а кој бил дело на Петре Филиповски – Грката.

Во средиштето на градот е чаршијата. Во неа од сите страни се слеваат стрмни, тесни маалски сокаци. Градот е богат со стари сакрални објекти меѓу кои се: црквата св. Никола (1832); св. Богородица (1867); св. Јован (1905); манастирите св. Спас (1836); итн. Во овие објекти се наоѓаат исклучително ретки иконостаси, дрворези, фрески и икони.

Во Крушево, во непосредна близина на центарот се наоѓа и галеријата на Никола Мартиновски. Таму е зачувана најголемата збирка творби од неколку периоди од неговото творештво.

Да го посетите Крушево, а да не навратите до музејот на Илинденското востание и на Крушевската Република, Споменикот Македониум чиј автор е Јордан Грабуловски, кој претставува симбол на непокорот и на стремежот на македонскиот народ за слобода, е исто како да не сте биле во ова историско место. Внатрешноста на овој споменик импресионира со својата убавина и погледот од сите четири страни од кои се гледаат Слива, Мечкин Камен и Пелагонија. Импресивни се и витражите и релјефите кои ја симболизираат желбата за слобода. Бројните музеи, галерии и споменици го прават Крушево Град-Музеј, а Крушевската Република го прави Град – Востаник, бидејќи тоа е најважниот момент на историското минато на Македонија.

Тој што барем еднаш го почувствувал благодетот на чистиот воздух, на недопрената природа, прекрасната староградска архитектура која остава без здив, пријателскиот народ, ќе посака пак да се врати тука и да ужива во миговите исполнети со среќа и убаво чувство. Сето тоа му дава на гратчето своевидна привлечност и го дополнува пејсажот кој восхитува. Што да кажам, освен тоа дека некои чувства не се опишуваат со зборови.

Крушево беше и градот на најголемата ѕвезда на балканската музичка сцена Тоше Проески, кој несебично и добротворно за време на целиот свој живот помагаше секому кому помошта му беше најпотребна. По неговата трагична смрт, градот стана редовна дестинација за сите оние кои го почитуваа неговиот лик и дело. Неговиот гроб на Гумење е секогаш полн со посетители, кои доаѓаат да му се поклонат на човекот со ангелски глас и душа.

Во негова чест е изградена и спомен-куќа во форма на крст, која ја симболизира неговата искрена верба во Бога. Бетонот претставува симбол на неговиот лик и дело, стаклото потсетува на човековата минливост и ранливост, а водата која што е дел од пејзажот, потсетува на живоста и чистината со која зрачеше нашиот Тоше. Спомен куќата е симбол на неговиот кус, но интересен животен пат кој го изоде прерано згаснатата ѕвезда, со предмети од неговото детство, тинејџерските денови и почетоците на кариерата, до последниот ден.

По напорната прошетка низ сокаците на Крушево завршете ја вашата авантура во националната гостилница Шапе. Кујната ќе ве одушеви, ќе ви понуди незаборавна перспектива на македонската национална кујна,… Беспрекорна услуга комбинирана со одличен и широк избор на свежо подготвена храна. Моја препорака е “Грне а ла Шапе” и ледено Скопско.

И сoсема за крај, ве повикувам да го посетите Крушево и да поминете бареме еден викенд во негова обиколка. Пред вас ке ја имате глетката на прекрасните театрално поставени куќи, осветлени од сонцето што несебично ги грее скоро секој ден, дури и во зима. Истражувајте ги убавините на Крушево, тоа ќе ви возврати со топло добредојде! Еднаш кога ќе минете низ Крушево, ве уверувам дека ќе се вратите повторно.

Полна чаша на Instagram